За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме изложба, филм, ТВ серија, концерт. Гледајте, читајте, слушајте…
ТВ серија: „Белиот лотус“
Досега двете, а како што е најавено и третата сезона на „Белиот лотус“ (The White Lotus), следи туристи коишто пристигнуваат во суперлуксузни ресорти. Сите тие, како семејства или како поединци се во потрага по својата верзија на сопствената среќа или бегство од секојдневието во рајските хотели, но, драмата односно „твистот“ во наративот на серијата е дека најдоброто што, всушност, требало да се направи е – да останеле дома.
Искушението со кое се соочуваат личностите што ја движат серијата е атмосферата на новата средина којашто создава илузија дека во еден таков „паралелен свет“ можете да го откриете второто јас, нешто што конвенциите на секојдневието го ограничуваат за сметка на предвидливиот животен циклус.
Драматуршки серијата „Белиот лотус“ кокетира со комедијата и сатирата, но на еден многу префинет и рафиниран јазик. Толку суптилно што комичните линии се смртоносно сериозни. Буквално смртоносни за некои од карактерите во серијата за кои понекогаш е дури и предоцна да си го постават прашањето „Како си го дозволив сето ова?“.
За „Белиот лотус“ дури може да се каже дека, на извесен начин, е сатира за животот на богатите, најчесто оние „нуво-риш“ (новозбогатени, помакедончено) кои во тој амбиент на суперлуксуз откриваат дека нивните морални основи се магла што ја разнесува првото посилно морско ветре.
И кога ќе се „отпуштат“ моралните узди, сѐ може да се случи и да си создадете илузија дека можете да го направите тоа што никогаш не би помислиле, но веднаш после тоа е предоцна за каење… а тоа е неизбежно на крајот.
Креатор на „Белиот лотус“ е Мајк Вајт, со Џенифер Кулиџ, Џон Грајерс, Ф. Мареј Ејбфрахам и Адам ДиМарко (Jennifer Coolidge, Jon Gries, F. Murray Abraham, Adam DiMarco) во главните улоги. Серијата може да се погледне на ХБО.
Изложба: 60 години Музеј на современа уметност – Скопје
Музејот на современата уметност – Скопје годинава на 11 февруари одбележува 60 години од основањето. Со цел одбележување на овој настан и како најава за програмските активности во јубилејната 2024 година, Музејот организира дневен настан – матине во сабота на 10 февруари со почеток од 12 часот.
На овој значаен јубилеен ден, ексклузивно по 35 години, ќе биде изложено уметничкото дело „Доблест во нужност“ на познатиот италијански уметник Џанфранко Барукело (1924 –2023). По катастрофалниот земјотрес во Скопје во 1963 година, уметниците од целиот свет во знак на солидарност започнуваат да подаруваат свои уметнички творби од кои се создава уникатната колекција на Музејот. Делото на Барукело, кое е едно од најрепрезентативните донации на нашиот музеј, е конзервирано од стручниот тим на МСУ-Скопје и ќе биде претставено пред јавноста овозможувајќи нови согледби и толкувања.
На јубилејниот настан ќе биде претставен и најновиот број на списанието за современа уметност, култура и теорија „Големото стакло“ бр.35/36 (2023), насочено кон актуелните дебати во критичката музеологија и во кое се вклучени значајни оригинални прилози, кои се однесуваат на релациите помеѓу критичките музеи, претставувањето на културните различности,
практиките на деколонизација, како и музеолошки концепти кои ги адресираат и вон-човечките простори.
Програмскиот дел за настанот вклучува стручно водење низ тековните поставки со кустос-водичот Бојана Јанева и симболичен коктел придружен со диџеј сет на Игор Спироски, во неформална атмосфера.
Концерт: Хитовите на Френк Синатра во изведба на Џон Илија Апелгрен и Национален џез оркестар
14 февруари е датум кој се одбележува како ден на љубовта Свети Валентајн и ден на виното Свети Трифун. Годинава ќе го одбележи и концертот на Националниот џез оркестар со според многумина, еден од најдобрите џез вокали на овие простори, но и пошироко, Џон Илија Апелгрен.
Концертот на кој ќе бидат изведени дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, во интерпретација на Апелгрен, ќе се одржи во салата на Националната опера и балет, со почеток од 20 часот.
Френк Синатра се смета за „најголемиот поп-пејач во историјата на Америка,“ а некои ќе речат и „најголемиот пејач на 20 век“. Неговата харизматична појава се карактеризира со ретка комбинација на исклучителен вокал и способност да се биде шоумен, карактеристики кои му обезбедија дури три ѕвезди на Булеварот на славните во Холивуд за неговата работа во филмот и музиката.
На програмата ќе бидат изведени дел од најпознатите хитови на Френк Синатра, адаптирани за изведба со биг-бенд состав. На сцената Апелгрен ќе биде придружуван од страна на членовите на Националниот џез оркестар.
Џон Илија Апелгрен е македонски џез вокалист, именуван како еден од најдобрите вокали на овие простори и пошироко. Често пати споредуван со Нет Кинг Кол, вокалот на Апелгрен нè потсетува на златни денови од ерата на биг бендовите.
Апелгрен зад себе има 39-годишно искуство на македонската музичка сцена од кои 35 години како џез изведувач кој настапувал со биг бендот на МРТ, биг бендот на ЗЏМ, и Македонската фихармонија, како и со голем број помали формациски состави. Во текот на неговата музичка кариера има снимено повеќе од 150 џез стандарди.
Филм: „Париз, Тексас“ на Вим Вендерс
„Париз, Тексас“ (Paris, Texas) е следниот наслов на кинотечната програма посветена на великаните-кинематографери на ИФФК „Браќа Манаки“, која во текот на февруари се одвива секоја среда во Кинотеката.
Играниот филм е во продукција на Германија / Франција / САД / Велика Британија (1984, 147 мин., колор, ДЦП) е снимен по сценариото Л.М. Кит Карсон (L. M. Kit Carson) и Сем Шепард (Sam Shepard). Кинематографер е Роби Милер (Robby Müller), а главните улоги ги толкуваат Хери Дин Стентон (Harry Dean Stanton), Настасја Кински (Nastassja Kinski), Дин Стоквел (Dean Stockwell), Аурор Клемен (Aurore Clément) и Хантер Карсон (Hunter Carson).
Сторијата го прати Тревис (Хари Дин Стентон), кој скита низ величествените пустински пејзажи на американскиот југозапад. Тој не се сеќава кој е и не знае за своето минато. Неговиот брат Волт ги пронаоѓа и му помага да си го врати сеќавањето на животот што го имал пред да исчезне четири години претходно.
Тревис има син, а сопругата (Настасја Кински) е исчезната. Откако повторно се поврзува со син му, Тревис се обидува да го спои своето семејство и патува во Хјустон во потрага по својата отуѓена сопруга.
„Париз, Тексас“ е трогателна студија на карактери напишана од реномираниот американски драматург Сем Шепард и е најпознатиот „road“ филм на Вендерс, во кој двајцата исклучителни автори успеваат да направат деконструкција на митовите за мажественоста и за американскиот сон. Автор на музиката е Реј Кудер.
Кинематографер на ова прекрасно филмско остварување е можеби најпознатиот холандско-германски снимател, покојниот Роби Милер, добитник на Специјалната златна „Камера 300“ за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и „Златната Камера 300“ за животен опус во 2016 година на ИФФК „Браќа Манаки“. Во текот на неговата долга и плодна кариера, бил редовен соработник на филмовите на Вендерс и Џим Џармуш, а соработувал и со Анджеј Вајда, Барбет Шредер, Ларс фон Трир, како и со режисерите од Новиот Холивуд – Питер Богданович и Вилијам Фридкин.
Проекцијата на „Париз, Тексас“ во Кинотеката е на 14 февруари (среда) 20:00 ч.