Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пендаровски: Најсиромашните, лицата со попреченост и Ромите се меѓу најдискриминираните

Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на конференција на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација насловена „Дали Северна Македонија е фер земја? Како институциите заеднички да ја унапредат борбата против дискриминацијата” што се одржа во Скопје.

Оваа конференција е организирана во рамки на проектот „Борба против дискриминација преку поддршка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација” со поддршка на Британската амбасада Скопје, а имплементиран од Центарот за управување со промени.

-Актуелниот Закон за спречување и заштита од дискриминација утврдува механизми, мерки и активности за правна заштита и целосно е усогласен со легислативата на Европската Унија и меѓународните стандарди во оваа област. Меѓутоа, наша обврска, како земја која има аспирации да биде дел од меѓународните организиции на евро-атлантските демократии е да овозможиме ефикасно и неселективно спроведување на законот, како и што доликува на едно отворено и демократско општество, рече Пендаровски.

Тој посочи дека анкетата на Центарот за управување со промени и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација покажува дека ни е потребен значителен ангажман од сите надлежни чинители во општеството за подобрување на состојбите.

-Според истражувањето, најчести основи за дискриминација се политичката и етничката припадност, особено во областа на вработувањето, здравството и административните услуги. Посебно треба да не загрижува податокот дека над две третини од испитаниците воопшто не би поднеле претставка до државна институција во случај на дискриминација, пред се и најчесто поради недоверба во системот. Над 80% од анкетираните сметаат дека институциите не ги третираат еднакво сите граѓани. Притоа, најсиромашните, лицата со попреченост и припадниците на ромската заедница се меѓу најдискриминираните наши сограѓани, вели Пендаровски.

Тој ги наброи причините за дискриминацијата, кои ги има повеќе, а ги знаеме и ги живеееме сиве овие години:

-Од стереотипите и стравот од различните од нас, повеќедецениската партизација на институциите, етнизација на политиката и намалената доверба на граѓаните во државните структури, на локално и на централно ниво. За драстично редуцирање на системската дискриминација, неопходно е таа да биде адресирана од повеќе агли. Централна улога во овој процес има Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, којашто за нецели три години разгледа стотици претставки и донесе свои одлуки и мислења. Заедно со Министерството за труд и социјална политика и Јавниот правобранител, Комисијата го чини јадрото на борбата со системската дискриминација, промовирајќи еднаквост и унапредување на човековите права, а преку тоа и елиминирање на сите видови на дискриминација. Во таа насока потребно е сите надлежни институции, вклучително и на прво место, политичките фактори, да ѝ дадат целосна поддршка на Комисијата да работи непречено и со полн капацитет, вели претседателот.

Најново