Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Фаталната привлечност на социјалните мрежи

Трајкоска: Во основата на медиумската и информациската писменост е да создава критични и дигитално писмени граѓани, кои ќе бидат отпорни на дезинформации и ќе знаат да ги восприемат сите содржини од интернет со критичко око на патот на идните дигитално слободни граѓани кои се активни во процесите на сопственото општество.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Трагична и ненадоместлива е смртта на 14 годишната тинејџерка, којашто, како што објавија некои медиуми врз основа на наодите на полицијата и обвинителството, го загубила животот во обид да сними видео за Тик-ток. Трагедијата е уште поголема откако претходно, како страшно предупредување, се случи речиси идентичен настан кога тешко беше повредено 17 годишна девојка.

Кобните настани се совпаднаа со уште една вест којашто стигна од соседна Албанија каде што стручните лица, психолози и социјални резботници, упатија апел да се забрани социјалната мрежа Тик-Ток, откако таму двајца тинејџери извршија самоубиство, како што пренесоа агенциите, како резултат на апсурдните игри со предизвици што се шират на оваа апликација.

Еден од тие опасни предизвици е „Блекаут челинџ“ (blackout challenge) која што вирално се прошири меѓу младите. Се работи за страшна и животозагрозувачка игра во којашто децата се гушат со предмети од дома сѐ додека не се онесвестат додека истовремено се снимаат додека го добиваат адреналинот кога им се враќа свеста. Потоа видеоснимките ги ставаат на социјалната мрежа. Последиците од овој предизвик се неколку смртни случаи на деца, кои, за огромна жал, не ја заобиколуваат ниту нашата земја, ниту регионот.

Овие два настана како лавина ја покренаа дебатата за степенот на подготвеноста на општеството на институционално, на семејно и на индивидуално ниво, да се справува со ризиците и последиците од неодговорното користење на социјалните мрежи.

Наместо забрани поефикасни се адаптацијата и родителскиот надзор

Во разговор со директорката на Институтот за комукикациски студии (ИКС) д-р Жанета Трајкоска за Рацин.мк на прашањето дали воопшто можеме да зборуваме од можности за регулација и каде е оптималното решение меѓу забраната и либералниот став „интернетот е слободен простор“, Трајкоска е категорична дека стои на ставот дека не може да зборуваме за забрана на интернетот во било која форма.

– Може да зборуваме за адаптација и континуираниот родителски надзор за гледање содржини за одредени целни групи (како младите), но и како што се обележани и содржините на телевизиите, но никако не може и не треба да зборуваме за забрани, оти тоа ќе се врати како бумеранг. Се што е забрането е послатко и креира околу себе аура на таинсвеност, теории на заговор, скриени работи и тука „цветаат“ сите злонамерни информации, манипулации и искривување на фактите – нагласува Трајкоска.

Д-р Жанета Трајкоска, директорката на Институтот за комуникациски студии

Директорката на ИКС вели дека е прифалтива одредена „блага регулација во однос на онлајн медиумите или преземање на обврски на социјалните мрежи, но сѐ понатаму може да е кобно за било кое слободно општество“.

– И функционирање на државата, тоа е исто така исклучително важно, за да може да си ги преземе сопствените обврски и да ги спроведува – дополнува д-р Жанета Трајкоска.

Во таа насока, во однос на обврските на државата Трајкоска посочува на образованието во потрагата по одговори за справување со последиците од социјалните мрежи меѓу придобивките од дигитализацијата и последиците од неодговорното користење.

– Мора да се свртиме кон образованието – и само образование и тоа формално и неформално на сите нивоа, од предучилишна воздраст, па се до трето доба. Само така може да намалиме од последиците. Да, тоа не е брзо решение, но брзите решенија најчесно не носат трајни резултати – укажува Трајкоска.

Таа вели дека за нашата нација, посебно младите да станат отпорни на сѐ што гледаат и читаат на социјалните мрежи, мора да се зајакнеме нивната отпорност кон напливот на информации и содржини на интернет, посебно на социјалните мрежи.

– Додека не се имплементира образовната реформа со континуирано медиумско и дигитално образование, државата мора да има постојани активности со помош на граѓанскиот сектор и медиумите за да се намали гапот и овие генерации да имаат информации како се создаваат сите медиумски содржини – од вестите, па се до платените – кои ги нудат разни инфлуенсери – предупредува директорката на Институтот за комуникациски студии д-р Жанета Трајкоска.

Медиумската и информациската писменост за отпорни генерации

Со Трајкоска разговаравме и за тоа дали медиумската и дигиталната писменост се лекот за сите закани во дигиталниот свет и дали содржат применливи и одржливи решенија кога станува збор за одговорно и безбедно индивидуално, лично користење на социјалните мрежите, особено кога станува збор за малолетници.

– Да, содржат – категорична е Трајкоска – Тоа всушност е и основата на медиумската и информациската писменост, да создава критични и дигитално писмени граѓани, кои ќе бидат отпорни на дезинформации и ќе знаат да ги восприемат сите содржини од интернет со критичко око и сами да донесат сопствен став. Тоа е патот на идните дигитално слободни граѓани кои се активни во процесите на сопственото општество.

Директорката на Институтот за комуникациски студии д-р Жанета Трајкоска вели дека во постигнувањето ефекти од овие активности сите мора да ја преземат одговорноста.

– Не може сѐ да се остави на формалното образование. Мора да се работи и со родителите и подигање на нивната свесност за светот во кој што живеат нивните деца. Само така може да имаме успех, посебно кај малолетниците – училиштето, родителите и зедницата да се свесни за моќта на интернетот и социјалните мрежи во животот на младите. Адаптацијата мора да почне од нас – воздрасните, а тука веќе сериозно доцниме – предупредува Трајкоска и на овој аспект.

Соочени со сите ризици што доаѓаат од дигиталниот свет и социјалните мрежи, кога како општество ја прифативме дигитализацијата и дигиталната трансформација како реалност, станува сѐ повеќе јасно дека од тој процес нема враќање назад.

Оттаму, најдобро е да го прифатиме тоа и наместо да им се зборува на младите само за опасностите од дигитализацијата и социјалните мрежи и дека и порано се живеело без нив, па дури било и подобро, многу поефикасно ќе биде да им овозможиме да ја разберат дигитализацијата и мрежите во сите нивни аспекти, а тоа го овозможува медиумската и информациската писменост како системски пристап во сите фази на образованието, како и преку концептот на доживотно учење.

Зачлени се на нашиот е-билтен