Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Бојан Илкоски, виолинист: Музиката за мене е дом каде што живее човековиот дух

Тешко е да се опише чувството како е да ве ценат како странски музичар и вашата музика и изведба да ја допира и плени публиката малку подалеку од дома, вели Илкоски, кој неодамна настапи во Софија со изведба на комплексниот Концерт број 1 од Паганини, за кој истакнува дека, по својата тежина и автентичност, претставува своевиден „Монт Еверест“ во виолинската литература

Неодамна имаше концерт во Софија, а често го слушаме на нашите концертни подиуми, во различни музички состави – виолинистот Бојан Илкоски е еден од најпосветените музички уметници, кој виолината буквално не ја испушта од раце. Направивме интервју, пред сѐ поради успехот којшто го доживеа настапувајќи како солист со оркестарот „Симфониета Софија“ и маестро Свилен Симеонов, концерт кој беше проследен со овации од страна на тамошната многубројна публика, но Илкоски зборува и за генералните состојби во музичката култура во земјава. Роден е во 1992 година, дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Олег Кондратенко и од тогаш има бројни настапи во земјава, но и во Романија, Србија, Хрватска, Бугарија. Со пијанистот Дино Имери основаа камерно дуо со кое одржува бројни настапи, а во досегашното искуство како виолинист, вбројува и неколку соло-рецитали. Како камерен музичар исто така соработувал со светски реномирани имиња како Франсис Дирој и светски познатиот виолончелист и диригент Марк Копеј.

Во симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија членувам од 2014 година и точно една деценија сум на местото прва виолина (тути)

Неодамна настапивте во Софија, Бугарија, и веднаш пристигнаа позитивни вести по Вашиот концерт. Како се случи оваа соработка и дали овој настап Ви донесе други понуди за концертни ангажмани во иднина?

– Ретка и несекојдневна е шансата да настапите како солист со оркестар. За мене лично тоа претставува една од најкомплексните и најделикатните форми на концертна изведба, воопшто. Мојот настап во Софија (Р. Бугарија), пред сѐ, претставуваше уште едно збогатување во моето музичко и изведувачко искуство, огромна сатисфакција, секако огромен предизвик и освежување во мојата солистичка дејност како концертен виолинист бидејќи ова беше мое повторно претставување на меѓународна сцена после цели две години. Последен мој настап пред странска публика се случи во Љубљана (Р.Словенија) на светски реномираниот фестивал за класична музика „Љубљана Фестивал“ каде одржав целовечерен концерт, рецитал, заедно со мојот долгогодишен соработник, пијанистот Дино Имери. На почетокот на оваа година ја имав честа да бидам поканет за првпат да настапам со странски ансамбл како гостин солист со оркестарот „Симфониета Софија“ предводен од диригентот, маестро Свилен Симеонов. Самата покана за мене претставуваше голем поттик и еден вид признание за сето она што со голема страст го работам низ годините. Со задоволство прифатив да бидам дел од годишната програма на овој оркестар, бидејќи за мене беше исклучително важно да остварам соработка со докажани врвни музичари и професионалци, што на крајот ме докажува и мене како сериозен музичар и на некој начин се потврдува и мојата досегашна уметничка работа и заложба. И на крајот, тешко е да се опише чувството како е да ве ценат како странски музичар и вашата музика и изведба да ја допира и плени публиката малку подалеку од дома. Во секој случај, го прифатив како моја голема награда. На програмата го изведов Концертот за виолина и оркестар бр.1 од Николо Паганини по што на барање на публиката беше изведен и бис заедно со музичарите од оркестарот, композицијата „Обливион“ од Астор Пјацола. Цврсто верувам дека ова мое гостување беше само почеток до многу други идни ангажмани во блиска иднина.

Музиката за мене претставува магија… дом каде што живее човековиот дух

Го изведовте Концертот за виолина и оркестар од Паганини, исклучително комплексно дело за солистот. Виртуозност, специфична експресија, технички бравурози…, се дел од неговите карактеристики. Која беше причината да го изберете токму ова дело и дали сето она што го замислувавте на почетокот при изборот, се исполни при интерпретацијата на сцената?

– Мојот репертоар се состои од широк опус на многубројни дела за соло виолина. Тука се вбројуваат сонати, пиеси, минијатури, концерти за виолина и оркестар од композитори од најразлични епохи. Се разбира дека секоја епоха, почнувајќи од барок, класицизам, па сѐ до денешната нова и современа музика, има одредена тежина и своевидна порака што секое дело ја носи со себе. Меѓу другото, мојата сестра Дијана Имери Илкоска која е извонреден диригент, композитор и успешен аранжер, напиша и ми посвети композиција за виолина и пијано „Корени“. Впрочем, моја задача како сериозен музичар и изведувач е да ја пронајдам автентичноста на овие дела во сите овие епохи и на крајот да се пронајдам себе си во нив изнесувајќи ја својата креативност. Се трудам да извлечам максимум од различните стилови со тоа што музички ги разграничувам сите карактеристики, почнувајќи од структурата на едно дело, па сѐ до најситен технички детал на изведба. Сето тоа е подеднакво важно.                                      Николо Паганини е композитор кој припаѓа на романтичниот период и неговите дела се претежно напишани за виолина, бидејќи и самиот бил генијален и револуционерен виолинист и неговото име претставува посебна трага во музичката историја. Во неговиот широк опус покрај многуте дела од кои се издвојуваат 24 каприси за соло виолина, се вбројуваат и пет концерти за виолина и оркестар, а јас го изведов токму неговиот монументален Концерт број 1 во Д-дур кој го сметам за негов најзначаен и по својата тежина и автентичност претставува своевиден „Монт Еверест“ во виолинската литература. Овие концерти се вистински раритет и нечесто се изведуваат на концертните подиуми токму поради техничката комплексност на соло делниците. Клучна улога и она што доаѓа до израз конкретно во ова дело, е токму нагласената виртуозност на виолинистот и технички комплицираната соло делница која е ставена на пиедестал и е проткаена со широки фрази, бравурозни пасажи, но од друга страна и со богато распеани мелодиски линии кои потсетуваат на италијанска опера каде виолината наликува на оперски вокал. Сите овие карактеристики и детали го прават ова дело посебно и оригинално и со сигурност можам да кажам дека како уметник во него комплетно се пронаоѓам.

Често настапувате како рецитален уметник, но и како камерен музичар. Која форма на музицирање Ви е поблиска и зошто?

– Музиката пред сѐ, за мене претставува храна за мојот дух и од друга страна таа претставува дом кај што живее мојот дух. Тешко е да се каже за формата на музицирање особено кога претендирате да бидете сестран музичар и кога на сцена се наоѓате многу често. Тоа е исто како да треба да одберете омилена соба од домот, а притоа секоја од тие соби го прават она што е ваш дом. Или на пример, како што би било подеднакво тешко за еден сликар да одбере само една боја, бидејќи во секоја од нив има нешто автентично и во себе содржи безброј нијанси, меѓутоа вистинскиот уметник секогаш ќе знае како да ја искористи секоја од тие бои и од нејзините нијанси да го создаде уметничкото дело. Активен сум на секое поле од овие изведувачки форми и подеднакво се чувствувам одговорен за секоја од нив затоа што мојата работа се состои од тоа да ги прераскажувам т.е. репродуцирам ремек делата на големите композитори преку мојот начин на изведба на сцената и тоа е местото кое го сметам на некој начин за мој втор дом и терен каде што можам искрено пред публиката да ги изнесам своите идеи и чувства спрема музиката. Всушност, најважна е уметничката идеја и вистината која таа ја носи со себе. Ја сакам музиката во било која форма и се трудам да бидам подеднакво добар, одговорен и искрен во моите изведби, дали како солист, камерен музичар, или како оркестарски изведувач. Живеам и уживам подеднакво преку секоја од овие форми. Низ текот на моето зреење како уметник и музичар дојдов до едно ниво каде што сфатив дека нема голема разлика меѓу овие форми. Музиката е токму таа која што ве води и ви го диктира начинот на изведба, а за мене успехот на секоја изведба е онаа која е убедлива и искрено изнесена пред публиката.

Верувам во ентузијазмот и високите потенцијали на оркестарот на Македонската филхармонија кои допрва би требало да бидат искористени во позитивни насоки, преку добро и вешто менаџирање

Вработен сте како виолинист во Македонската филхармонија. Што е она што би го промениле во програмските активности или, каква е Вашата визија за оваа институција. Како ја гледате или како би сакале да ја видите?

– Во симфонискиот оркестар на Македонската филхармонија членувам од 2014 година и точно една деценија сум на местото прва виолина (тути) и ја имам таа привилегија да бидам дел од музичката фамилија наречена симфониски оркестар. Можам слободно да кажам дека лекцијата што значи да се биде инструментален музичар и изведувач ја имам научено токму тука. Во текот на моето школување и подоцна усовршување имав остварено неколку солистички концерти заедно со Македонската филхармонија. Не би можел да не го спомнам фактот дека јас бев вработен во филхармонијата веднаш после завршувањето на моите студии и во тој момент бев најмладиот член на тој оркестар што беше огромно признание за мене, но и показател колку бев ценет како домашен млад виолинист од страна на моите драги колеги од оркестарот. Бев примен како една свежина на оркестарот со своите музички потенцијали и ентузијазмот кој го поседував. Впрочем, оваа институција отсекогаш се залагала за нови и млади музичари. Да се дели искуството и да се биде на сцена со искусни музичари околу вас, со врвни диригенти, домашни и странски солисти за мене претставува непроценлива вредност и можност за постојано музицирање, учење, зреење и уживање преку музиката. Оркестарот на Македонската филхармонија е најстарата уметничка институција во оваа држава со огромно реноме и која во себе носи високо уметнички и трајни вредности кои отсекогаш биле изнесени на концертите пред публиката, изведувајќи ги делата на големите композитори, но и иновативноста во програмската содржина на годишните сезони на која се работело низ годините. Верувам во ентузијазмот и високите потенцијали на овој оркестар кои допрва би требало да бидат искористени во позитивни насоки, преку добро и вешто менаџирање, овој оркестар да застане и на меѓународна сцена и да биде светски бренд, како што и доликува на оваа уметничка институција. Бидејќи, овој оркестар тоа го заслужува, а културата е лицето на секое општество. Тоа е нешто што од срце го посакувам за оваа наша институција и сум секако горд како виолинист и музичар што имам можност да го дадам својот придонес за овој оркестар.

Свирите и во оркестарот за снимање на филмска музика Фејмс. Еден сосема поинаков ангажман, којшто верувам исто така е комплексен, но во сосема друга конотација. Каква е компарацијата на она што се работи во Филхармонија и она што се работи во ваков тип на оркестри?

– Оркестарот на ФЕЈМ­С е еден успешен проект кој функционира и непрекинато работи повеќе од 15 години и се занимава со снимање на филмска музика. Таа претставува голем предизвик за секој музичар и јас ја имам таа привилегија од самите почетоци на тој оркестар да бидам дел од процесот на стварање и изведување на музика за филм кој е прилично долг, коплексен и деликатен. Ангажманите што ги имаме таму воопшто не се разликуваат од оние кои ги имаме во Филхармонијата, бидејќи се работи за оркестарско и камерно музицирање што во секој случај подразбира ширење на музички хоризонти, јакнење и дополнително збогатување на искуството кај музичарите.

Што е она што ве привлекува во музиката?

– Би сакал да се потрудам да бидам краток и јасен по ова прашање. Музиката по некаква дефиниција претставува звучна уметност… или хармонија на звукот. Но, за мене лично, ако моите настапи и концерти ги доживувам и толкувам како некаков ритуал, тогаш музиката за мене претставува магија…дом каде што живее човековиот дух…

Каков е Вашиот став за културните случувања во земјава, за музичката атмосфера всушност? Задоволни и сте во која насока се движат нештата?

– Како што веќе спомнав, ова е земја каде што постои и отсекогаш постоел голем музички потенцијал кај уметниците кој допрва би требало да биде искористен. Во овој момент, за жал работите некако како да стојат во место и музичкиот живот е некако оглувен. Според мене, недостасуваат иницијативи кои би дале било каков поттик за музичарите, на младите да им се даде можност да се докажуваат, како би имале поголема мотивација да осознаваат за оваа материја, да се остварат самите себе, да остваруваат повеќе концерти, рецитали, камерни концерти, кои морам да приметам дека во минатото барем јас кога бев ученик и студент почесто се случуваа. Добрата околност е тоа што денес имаме инфраструктура и наш простор каде можеме да се изразиме. Се изградија неколку сали низ годините и тоа беше одличен потег кој ни отвори многу можности. Овие можности во минатото ги немавме, а како повеќе да бевме жедни за музика и концерти, ентузијазмот беше поприсутен и поочигледен. Забележувам дека гласот и делувањето на уметниците и воопшто културата се ставени на маргините и не можам да кажам дека ми е јасно во кој правец се движат нештата бидејќи политиката е присутна насекаде па за жал и во културата, а таа за жал со своите делувања ја поклопува слободната и креативна мисла. Би требало повеќе да се верува во делото и идеите на уметниците и нивната искрена намера да го дадат својот придонес за културниот развиток на нашата средина. Иднината зависи од самите нас. На крајот ќе мораме самите ние да се погрижиме и да се избориме за она што ни е нам важно, а тоа е да живееме преку уметноста бидејќи е вредна и вистинита. Верувам дека ова е преодна фаза во нашето општество во која сите ние зрееме, учиме и растеме како луѓе.

ТИНА ИВАНОВА (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен