Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Метаморфозис: Неопходна е национална стратегија за општински услуги, само 44 отсто од општините нудат можност за поставување прашања до градоначалникот

Фото МЕТА
Фото МЕТА

Новата анализа спроведенa од Фондација за интернет и општество „Метаморфозис“, со фокус на е-услугите што ги нудат општините во Р. С. Македонија, покажа дека е потребно да се креира национална стратегија за општински услуги и дигитализација, за да може сите, без оглед дали единицата е од град или село, да имаат ист дигитален напредок.

Дури и со значајно унапредување за дури три пати од претходното истражување, општините сè уште каскаат во остварување на дигитализацијата, која е потребна за новото време. Анализата на е-услугите опфаќа квалитет на услугите, задоволство на корисниците, достапност на локално ниво и јаз помеѓу актуелната понуда и фактичката побарувачка.

Општинските е-услуги беа анализирани од аспект на транспарентност и отчетност, комуникација, како и одобренија, дозволи и други услуги.

Иако дури 80 отсто од општините во Република Северна Македонија, поседуваат висока и многу висока вредност на LEGSI-индексот, кој покажува значајно унапредување во однос на 2021 година, во најголем дел граѓаните не се задоволни со она што им го нудат општините во однос на е-усуги.

Длабинската анализа покажува дека она што е променето е повеќе од аспект на автоматизација отколку суштинска дигитална трансформација, која е од значителна важност за унапредување на нашето општество. На пример, нешто помалку од 40 отсто од сите општини им нудат на своите граѓани податочни сетови со отворен формат.

На денешната промоција на публикацијата и анализите од истражувањето што се одржа во „Јавна соба“, проф. д-р Зоран Јаневски од Економскиот институт, презентирајќи ја анализата, меѓудругото, кажа дека е многу важно каква е понудата на помош за самите корисници, за да можат да ги користат е-услугите.

„Кога работевме на анализата, баравме да видиме, дали општините имаат лица за поддршка. Увидовме дека вакво лице има само општина Велес, и тоа само за услугата е-даноци, но не и за останатите електронски услуги. Ниту една друга општина не нуди помош од вработено лице за оваа намена. За барем една своја е-услуга, пишано упатство имаат 76 отсто од општините. Чет ботови базирани на вештачка интелигенција, не постојат кај ниту една општина. Ако земеме предвид дека и на централно ниво се знае само за еден таков чет бот, ова е нормално да се очекува, но тоа не значи дека не треба да се работи во насока на нови можности. Оваа анализа покажа дека и после активно работење на оваа тематика, ние сме далеку од темите и проблемите кои ги работи развиениот свет. Ние сме всушност, на нивото од пред 20 години. Треба да работиме многу на ова, бидејќи имаме многу малку онлајн услуги“, истакна Јаневски.

Фото: Мета.мк

Програмската директорка во „Метаморфозис“ Данче Даниловска-Бајдевска, во својот говор нагласи дека дигиталната трансформација и дигитализацијата се еден од врвните приоритети на Европската Унија. Таа исто така потенцираше дека придобивките од ова се во тоа што ќе се намали сивата економија и корупцијата, и последователно ќе се зголеми транспарентноста на работата на институциите.

„Анализата покажа дека е потребно да се креира национална стратегија за општински услуги и дигитализација, за да може сите, без оглед дали единицата е од град или село, да имаат ист дигитален напредок. Исто така, потребно е да се организираат обуки за општинската администрација, а локалните власти да прават анкетирање на граѓаните за општинските услуги кои тие сакаат да бидат понудени. Потребно е и да се развиваат унифицирани е-услуги наменети за сите општини. Со сите чинители, односно со ЗЕЛС и со министерствата и организациите, општините треба да соработуваат кога размислуваат за унифицирање на некои идни е-услуги“, рече Даниловска-Бајдевска.

Интересно е да се нагласи дека иако општините како институции постојат во служба на граѓаните еден од заклучоците на истражувањето е дека многу мал дел од општините го слушаат гласот на граѓаните при изборот на идна понуда на нови општински е-услуги.

Анализата покажа дека Крива Паланка, Василево, Дебарца, Неготино и Битола се петте најдобро рангирани општини во Северна Македонија, според вредноста на Индексот на е-владини услуги на локално ниво (англ. Local E-Government Services Index – LEGSI). Најмногу внимание општините посветуваат на испорака на е-услуги што одат во прилог на унапредување на комуникацијата со своите граѓани преку е-услугите, а следува користењето на е-услугите за зголемување на транспарентноста и на отчетноста кон своите граѓани.

Последни 10 најниско рангирани општини според вредноста на LEGSI-индексот се: Чаир (0.4242), Боговиње (0.4206), Босилово (0.4202), Лозово (0.4167), Сопиште и Врапчиште (0.3492), Кривогаштани (0.3329), Арачиново (0.2615), Долнени (0.1702) и Демир Хисар (0.0317).

Општините во Северна Македонија интензивно користат социјални мрежи, и тоа најмногу Facebook, покажа анализата, но само 44 отсто од општините нудат можност за поставување на прашања до градоначалникот.

Едно од нештата кои е неопходно да се направи, во насока на подобрување на состојбите поврзани со е-услугите, е редовното двегодишно оценување на развојот на е-услугите на локално ниво со користење на LOSI-методологијата на ОН.

Една од целите на Метаморфозис како и во претходните 20 години од постоењето е да се постигне трансформација на нашето општество во дигитално општество што би овозможило институциите да направат многу повеќе за своите граѓани, а со помалку ресурси. Тоа би придонело да не се соочуваме со кризи како што е моменталната ситуација со патните исправи, каде што во моментов и не е во функција онлајн закажувањето.

Подетално за целото истражување, методологијата, заклучоците и препораките, може да прочитате овде.

Преземено од агенцијата МЕТА

Зачлени се на нашиот е-билтен