Во интервју за Слободен печат, Филип Јовановски, интердисциплинарен уметник и директор на АКТО, зборуваше за изложбата „Станица пропаганда“ што вечерва се отвора во Музејот за современи уметности.
-Вечерва во Музеј на современа уметност се отвора изложбата „Станица пропаганда“ на холандскиот уметник Јонас Стал, кој прв пат има самостојна изложба кај нас, иако претходно има донирано едно дело. Тој е еден од позначајните европски уметници во моментов и она што тој ќе го изложи е десетгодишно истражување на различни типови на пропаганда и тоа тој го врзува во секој контекст каде што тој изложува и тоа тој го вика „Школа за пропаганда“ што е дискурзивна програма. Кај нас тоа ќе биде на втори март и ќе биде тема којашто е поврзана со пропагандата во конкретниот контекст каде што изложува. Последното такво изложување беше во Прага а сега е во Скопје и ние заедно со кураторката Ивана Васев и Јонас Стал подготвивме и една дискурзивна програма којашто ја ние ја насловивме „Антиквизациската пропаганда од Скопје 2014 до Скопје 2028 – европска престолнина на културата“, рече Јовановски.
Тој најави дека на дискурзивната програма ќе се одржат и две панел дискусии поврзани со конкретната тема.
-На таа изложба ќе го видиме истражувањето на различни типови пропаганда од ултрадесничарска до алт-рајт пропаганда што го прави Стал и ќе го изложиме во една комплескна просторна инсталација и таа изложба ќе трае до 31 мај. Значи вечерва се отвора изложбата а утре ќе биде оваа дискурзивна програма каде што ќе има два панели, каде ќе зборуваат активисти, уметници, теоретичари…, најави Јовановски.
Тој се осврна и на неговата соработка со Архитектонскиот факултет и Факултетот за драмски уметности и работата со студентите од овие факултети.
-На минатогодишното издание на МОТ, практично претставивме голем дел од она што го работевме за Прашкото квадринале, кадешто темата ни беше градот како сцена. Практично, преку сценски алатки идејата ни беше да го трансформираме градот како сцена и да креираме едно искуство кај граѓанинот. На МОТ изложивме тридневна програма која се викаше „Приказна за шетачката“, каде што беше изложен главниот павиљон на Македонија од Прашкото квадринале, потоа студентска програма и архива од „Градот како сцена“ една голема изложба, од протестите за ГТЦ до објектот на Домче во Тафталиџе, нешто прилично комплексно. Но она што за мене е важно е дека низ тој процес на работа, особено на МОТ, работевме директно со студенти од ФДУ и од Архитектура и тоа се обидувам да го применам во пракса, затоа што од минатиот семестар, како експерт од пракса предавам Сценографија на ФДУ, а од оваа година сум ангажиран како стручен соработник на Архитектонски факултет и идејата е оваа интердисциплинарна пракса да стане официјален дел од едукативниот процес, рече Јовановски.