Проектот „Скопје 2014“ не беше популарен ниту во „најјакото“ време на ВМРО, со анкети што покажуваат дека голем дел од народот, беа против него рече Никола Наумовски во склоп на конференцијата „Антиквизацијска пропаганда“, одржана во Музејот на современа уметност, граѓанскиот активист и експерт за односи со јавност, кој го оспори проектот „Скопје 2014“ како вистински проект, укажувајќи на неговите фундаментални недостатоци.
-Сите анкети кажуваа дека проектот не е одобрен од народот, ниту од Скопје а уште помалку од Македонија и тие разлики многу беа различни помеѓу Македонците и останатите, особено кај Албанците, иако и Македонците доминантно беа против, кај Албанците тој процент како што ќе видите беше 88,6%, значи од 100 Албанци 89 се против проектот “Скопје 2014“, рече тој.
Наумовски исто така спомена дека проектот „Скопје 2014“ дополнително ја изгубил популарноста меѓу граѓаните со текот на времето, укажувајќи на неговата контроверзност и поделбите што ги предизвикал во општеството.
-Но настрана за или против една многу проста поделба на луѓето околу тоа дали се нешто за или против, проектот “Скопје 2014“ е многу димензионален проект кој што по грешка од страна на тогашната опозиција беше третиран доминантно преку корупцијата кој што ни остави во раце да разговараме за некаков си криминален случај, а не за јас би рекол најголемото злосторство врз еден град што се има случено во една понова историја и во ова ги вклучувам оние насилни уништувања на градови како што гледаме денеска во некои делови на светот, затоа што овој проект не само што уништи, изеде 800 милиони евра, туку уништи јавни простори, уништи културно наследство, неповратно ги уништи животната средина во одреден дел на градот, додаде тој.
Наумовски наведе дека медиумите во периодот на како што вели тогашното „ВМРО“ биле под контрола на државата и партијата, а огласите користени за да се поттикне сентимент кон „Скопје 2014“ прикажале колку лесно јавното мислење може да биде манипулирано.
Во текот на дискусијата ја истакна важноста на критичкиот пристап кон пропагандата и антиквизацијата.
„Во мојот секојдневен говор, пропаганда како збор го користам за многу посиромашни активности од тоа што пропагандата значи. Антиквизацијата е еден феномен кој што се појави кај нас и кој што никој не го дефинираше затоа што никогаш ниту еден теоретичар не напиша книга за антиквицазијата“, изјави Наумовски, истакнувајќи ги проблемите со дефинирањето на термините вклучени во дискусијата.
Панел дискусиите се одржаа во Музејот на Современа уметност, во организација на Факултетот за работи што не се учат на конференцијата Школо за пропаганда „АНТИКВИЗАЦИСКА ПРОПАГАНДА. Од Скопје 2014 до Скопје – Eвропска престолнина на културата 2028“, која се реализираше во рамки на изложбата „Станица Пропаганда“ на светски познатиот холандски уметник Јонас Стал, осум панелисти со различни погледи и искуства изложија различни мислења и аспекти за проектот Скопје 2014 ставен во кореалција со титулата која ја доби градот Скопје – Европска престолнина во 2028 година.