Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кои се Сајтрокс (Cytrox) од Македонија, санкцинираниот стартап од страна на САД

Сајтрокс (Cytrox) со седиште во Северна Македонија е една од компаниите поврзани со Интелекса – вклучително и Сајтрокс Холдинг ЗРТ со седиште во Унгарија и Талестрис Лимитид со седиште во Ирска, кои се санкционирани за нивната вмешаност во развојот и дистрибуцијата на пакетот алатки познат како Предатор. Но, која е компанијата Сајтрокс од Македонија?

Порталот it.mk уште во 2021 година објави профил на Сајтрокс (Cytrox) од Македонија, кога оваа компанија беше банирана од МЕТА, компанијата на Фејсбук.

Во објавениот текст под наслов Зошто Meta ја банираше македонската компанија за шпионски софтвер, Cytrox, од it.mk пишуваат дека стартапот во Македонија е основан во 2017 година. Истата година се основани и компаниите во Израел под името „Cytrox EMEA Ltd.“ и „Cytrox Software Ltd.“; Во Унгарија во 2017 е основана „Cytrox Holdings Zrt“. Citizen Lab не објави подетални информација за македонската компанија освен името на основачот. Сепак Централниот депозитар за хартии од вредност на 3 април 2017 објавил дека е евидентирано Друштво за развој на софтвер, трговија и услуги САЈТРОКС АД Скопје.

На 03.04.2017 во Централниот депозитар евидентирано е Друштво за развој на софтвер, трговија и услуги САЈТРОКС АД Скопје со ЕМБС 7191391. Основната главнина на друштвото изнесува 25.000 ЕУР и е поделена на 25.000 обични акции со номинална вредност од 1 ЕУР за една акција.

Cytrox дополнително се поврзува со Македонија од 2019 по аквизиција на стартапот од страна на Тал Дилиан – ветеран на разузнавање и мултимилионер кој е основач на Intellexa која специјализира во понуда на софтвер и алатки за разузнавачките служби. Тој покрај Intellexa, е основач и на Circles – проминентна компанија за набљудување на мобилни мрежи, како и уште 1-2 стартапи со слични дејности. Дилијан во интервју за Forbes, во кое го претставува својот продукт – комбе за набљудување вредно 9 милиони долари преку кое според него може да се хакира било кој телефон, посочува дека ја спасил македонската компанија која произведувала spyware за Android од пропаст. Според интервјуто, Cytrox станал дел од Intellexa за нешто помалку од 5 милиони долари.

Cytrox е дел од таканаречената “Intellexa Alliance” – маркетиншки бренд за низа продавачи на софтвер за набљудување кои се појавија во 2019 година. Конзорциумот на компании ги вклучува Nexa Technologies (поранешен Amesys), WiSpear / Passitora., Cytrox и Senpai, заедно со други неименувани ентитети, кои наводно се обидуваат да се натпреваруваат со други играчи на пазарот за сајбер надзор како што се NSO Group и Verint. Првично со седиште во Кипар, неодамнешниот извештај на Citizen Lab покажува дека Intellexa сега работи од Грција, која исто така е наведена како локација на LinkedIn на нејзиниот основач, Дилиан.

Колкав проблем е Cytrox?

Predator е име кај шпионскиот софтвер и неговите можности без сомневање се застрашувачки. Сепак во најголем дел од државите во кои е пронајден веќе постои документирана злоупотреба на Pegasus. Нитy NSO Group (основачите на Pegasus), ниту Cytrox (основачите на Predator) не се единствени компании во ова поле во светот – во кое се вртат милијарди долари.

Според Citizen Lab, пазарот за приватно разузнавање и платенички надзор е обележан со сложени сопственички структури, корпоративни сојузи и конзорциуми и редовни ребрендирања. Овие практики ги фрустрираат истрагата, регулативата и одговорноста.

Платеничките компании за шпионски софтвер дополнително ја избегнуваат надворешната контрола користејќи сложени сметководствени и техники за инкорпорирање слични на оние што ги користат трговците со оружје, перачите на пари, клептократите и корумпираните службеници. Ваквата комплексност овозможува избегнување на контрола и одговорност.

Без сомневање и креаторите на Predator можат да го користат истиот изговор како NSO Group – компанијата иако знае дека нивниот софтвер Predator се злоупотребува нема направено ништо за да ги ограничи овие злоупотреби. Најчеста одбрана е дека немаат контрола врз тоа кого следат државите кои се нивни клиенти, и дека нивниот софтвер е наменет за разузнавачките агенции. Софтверот официјално е креиран за следење на потенцијални опасности од терористички напади, но наместо ова властите во државите со недемократски режим почесто го користат за следење на своите противници.

Една година подоцна, во 2022 година, грчката полиција ги претресе канцелариите на израелската фирма „Интелекса” во Атина. Компанијата го оперира  нелегалниот софтвер за прислушување „Предатор”  кој во Грција тоа лето се најде на насловните страници откако беше пронајден на мобилните телефони на новинари и политичари. Тоа беше прво откривање на користење на Предатор во регионот.

Преземено од it.mk и од Дојче Веле

Зачлени се на нашиот е-билтен