Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Недела на франкофонски филм, концерти на Тони Китановски и Гоце Саф, поезија од Ацо Шопов, „Џез лектира“, книга за комедијата од Иван Џепароски

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме филмови, концерти, книги… Гледајте, читајте, слушајте…

Книга: „Автопортрет со седум прсти“ од Ацо Шопов

За првпат, осумдесет години по објавувањето на првата книга на македонски јазик во слободна Македонија – „Песни“ од Ацо Шопов (1944 г.), голем дел од неговите прозни записи се објавени во книга, „Автопортрет со седум прсти“ – хроника на современата македонска културна историја под перото, во издание на „Антолог“.

На речиси шестотини страници се провлекуваат неговите размисли за поезијата, литературата, уметноста, културата, општеството и историјата, забележани во македонските, југословенските и во странски весници и списанија, од почетокот на четириесеттите до крајот на седумдесеттите години на дваесеттиот век.

Тоа е времето во кое, „по ужасите што ги запиша врагот во својот дневник“, генерацијaта на Ацо Шопов, во чии први редови тој чекореше за време на целиот свој творечки и општествен живот, стапуваше „на прагот на вистинската историја“ и, заедно со ќерките и синовите, трпеливо ја градеше оваа земја, „изрована од несон и себенаоѓање“, пред внуците да свртат нова страница во нејзината историја, за денес правнуците да живеат во еден сосема нов општествен поредок кој, и покрај радикалните разлики, се темели на оној што го откриваме во автопортретот на нашиот поет.

А неговиот автопортрет во издание на „Антолог“ е во најмала рака изненадувачки, затоа што колку што широката публика го познава суптилниот лиричар, толку е слабо упатена во другите книжевни и општествени дејноси на Шопов, кој во оваа книга се покажува како исклучителен есеист и беседник со изострен слух за литературата, ликовната уметност и филмот, како сериозен толкувач и критичар на општествените текови и драми, како строг полемичар, како ангажиран издавач и интелектуален работник.

Издавачката куќа „Антолог“ го најавува и настанот со кој, во вторник (19 март) од 19 часот, во Лабораториум (Бул. „Климент Охридски“ бр. 68, Скопје), ќе се одбележи објавувањето на ова дело од исклучително значење за културната меморија на нашата земја.

Книгата ќе ја претстават проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и првенецот на МНТ Никола Ристановски. Ќе им се придружи и Јасмина Шопова, приредувач на книгата и потпретседател на фондацијата „Ацо Шопов – Поезија“ која ја организира промоцијата во соработка со „Антолог“ и со „Лабораториум“. Насловната корица на книгата е авторство на Марко Трпески а графичкото уредување на Бобан Здравковски Андреевски.

Кон промоцијата се приклучуваат и Националната опера и балет, ФлипБук – Фестивалот на анимирани филмови и ДЛУМ, со сегменти од нивните уметнички продукции во рамките на „2023, Година во чест на Ацо Шопов“.

Концерти: Афро Гитано – Тони Китановски и Гоце Саф во Јавна соба

В сабота, 16 март, на фестивалот “Светско, а наше” во Јавна соба под мотото World Music Saturday настапува Афро Гитано, со оригинална музика снимена на три континенти во пет земји (Конго, Канада, Франција, Австрија, и Македонија).

Проектот е во соработка помеѓу Тони Китановски и Eric Malu Malu од Киншаса, Конго. Афро Гитано на композиторско ниво е симбиоза на македонската ромска музичка традиција и музиката на Африка (Конго и Западна Африка).

Отворениот концепт овозможува истражувања со други музички стилови, како во случајот со Тони Китановски, ДЈ Гоце и хип-хоп жанрот.

БОНУС: Тони Китановски Трио

На концертот “Џез Лектира”, што ќе се одржи на 16 март (сабота) во салата на Македонскиот народен театар, со почеток од 20 часот, Националниот џез оркестар ќе се осврне на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот, како и на соработката со современата американска џез пејачка и пијанистка, Дајан Шур.

Специјална гостинка на концертот е Марија Димитријевиќ, една од најдобрите женски џез пејачки на овие простори.

Филм: Неделата на франкофонскиот филм

Францускиот институт во Скопје и Амбасадата на Франција, во соработка со Амбасадите на Швајцарија, Романија, Белгија, Албанија, Амбасадата Бугарија и Бугарскиот културно-информативен центар, Амбасадата на Грција и Кинотеката на Северна Македонија, и годинава ја организираат традиционалната Недела на франкофонски филм во знак на одбележување на месецот на Франкофонијата.

Официјалното отворање на Неделата на франкофонскиот филм в петок, 15 март, во 20 часот, во Кинотеката на Северна Македонија, со проекцијата на швајцарскиот филм „Блех-музика“, на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал, од 2019 година.

„Блех-музика” на режисерот Франсоа-Кристоф Марзал (2019, 90 min.)

На почетокот на пролетта во 1970 година, во малото село Моншу, се случува невообичаена раздвиженост. И тоа не е поради правото на глас на жените, ниту пак поради претстојниот референдум за иселување на странците, туку нешто пострашно: селскиот оркестар имплодираше!

Половина од селаните велат Алојс е виновен, за останатите виновникот е Пјер. Ова соперништво ќе добие политичка, музичка и љубовна димензија.

Во 21:30 ч. Изложба „Париски цртан филм“ на Јана Манева Чупоска.

На 16 март (сабота) од 18:00 ч. е проекција на бугарскиот филм „Бескрајна градина” на Галин Стоев (2017, 1h30), со превод и на француски јазик.

Приказната го раскажува животот на Филип, којшто има сè што е му потребно: успешна кариера и убава девојка. Сепак, тој продолжува години по смртта на родителите да се грижи за неговиот чувствителен брат Виктор. Цвеќарката Ема, пак, ќе изгради прекрасна градинарска минијатура во за една ноќ. Преку оваа градина, Филип открива нов свет што дотогаш му бил непознат.

На 16 март (сабота) од 20:00 ч. проекција на романскиот филм „Слобода” на Тудор Гиуригу (2023 1h49), со превод и на француски јазик.

Декември 1989. Романската револуција започнува во градот Сибиу, кое станува мeсто на страшни судири. И полицијата и војската лојални на Чаушеску се уапсени и собрани во празното корито во еден базен. Но, како може да се знае кој за кого е во еден таков хаос?

На 18 март (понеделник) 20:00 ч. проекција на албанскиот филм „Делегација” на Бујар Алимани, (2018. 1h17), со превод и на француски јазик.

Приказната се одвива во Албанија во 1990 година, кога се се чини дека земјата се повеќе се движи кон демократизација, но комунистичкиот режим продолжува да биде на власт. Лео, учител и политички затвореник, го земаат од ќелијата и го носат на бербер. Без никакво објаснување, затворските чувари и службеници го стават во автомобил и го одведуваат. Малку по малку приказната раскажува дека не е егзекуција ниту трансфер. Непознати лица го носат Лео во главниот град Тирана за да сведочи во корист на властите пред претставник на европските политички институции, но помеѓу неговото пристигнување и средбата со странската делегација, сè ќе тргне наопаку.

На 19 март (вторник) од 20:00 ч. проекција на македонскиот филм „Најсреќниот човек на светот” на Теона Стругар Митевска (2022, 1h35 ), копродукција меѓу Северна Македонија/ Белгија/ Словенија/ Хрватска/ Данска, со Јелена Кордик Курет, Аднан Омеровиќ, со превод на француски јазик.

Асја е 40 годишна самостојна жена која живее во Сараево. Таа го запознава Зоран, 43 годишен банкар на настан за состаноци. Но Зоран не е таму за да ја пронајде љубовта на неговиот живот, туку прошка. За време на војната во 1993, Зоран пукал врз градот од спротивната страна и сака да ја запознае неговата прва жртва. Сега, двајцата ќе треба повторно да ја преживуваат болката во нивната потрага по прошка.

На 20 март (среда) од 20:00 ч. проекција на филмот „Дивертименто” на Мари-Кастиј Мантијон-Шар (2023, 1h55), сo Улаја Амамра, Лина Ел Араби и Ниелс Ареструп.

Уште од 17 години, Захија Циуани сонува да стане диригенткa. Неjзината сестра близначка, Фетума, е професионална виолончелистка. Обете биле близу до класичната музика уште од најраното детство, а денес имаат за цел да им ја приближат токму таа музика на сите жители, насекаде во светот. Како би можеле да ги остварат овие амбиции во 1995 година, кога притоа се жени со алжирско потекло и доаѓаат од Сена-Сен Дени?

Изводливо е со одлучност, страст, храброст и, пред сè, извонреден план за формирање сопствен оркестар: „Дивертименто“.

На 21 март (четврток) од 20:00 ч. проекција на белгискиот филм „Љубезните” на режисерот Оливије Ранже (2022, 1h55).

По преселбата на најголемиот клиент, Мишел и Бландин гледаат како нивниот мал бизнис постепено тоне, а и нивниот персонал со нив. Додека тие се зафатени со идејата дека ќе изгубат буквално сé, па дури и домот и најблиските, одеденаш ќе добијат поддршка од Флоран, нивниот сметководител, и Бруно, еден од нивните работници. Заедно, четворицата ќе се обидат да најдат излез од ситуацијата.

На 22 март (петок) од 20:00 ч., Затворање на филмската недела со грчкиот филм „Ефтихија” на режисерот Ангелос Францис (2019, 2h03), со превод и на француски јазик.

Филмот е инспириран од животот на една од најистакнатите грчки поетеси, извонредна жена- уметник кој создала значителен број безвременски и популарни стихови.

Промоција на книгата „Комичното и хуморот“ од Иван Џепароски во Театар Комедија

На 20 март (среда), со почеток во 12 часот, на малата сцена во Театар Комедија ќе се одржи јавна промоција на книгата „Комичното и хуморот“ од професорот Иван Џепароски. Кон книгата ќе се осврнат и ќе ја претстават писателот и професор, Александар Прокопиев, и професорката и театролог, Ана Стојаноска.

Во својот предговор кон изданието, професорката Стојаноска забележува: „Да се пишува за комедијата, за комичното, па дури и за хуморот, значи да се пишува за човековото снаоѓање низ светот, особено во театарот. Еден од главните постулати на пишувањето е дека најтешко е да се напише комедија, а уште потешко е да се пишува за комедијата. Одговорот на едноставното прашање ’Зошто е тоа така?‘ лежи во основата на односот на човекот кон смеата, хуморот, игривоста. Затоа се ретки книгите што умешно говорат за комичното. За наша среќа, ја имаме пред себе книгата на професорот, поет, философ и преведувач, Иван Џепароски, ’Комичното и хуморот‘“.

Книгата е сочинета од девет поглавја, кои професорот Џепароски во прологот ги „групира“ во три групи: За комичното, За комедијата, За црниот хумор, За иронијата (своевидни книжевно-театролошки одредници),  За писателите – со мала помош на црниот хумор, За уметноста – со мала помош на еден ирониски дијалог (лесни книжевни монолози и дијалози), Хуморот и сатирата: културолошки пристап, Комичното и хуморот: естетички пристап и Комичното и комедијата: Плаут (посложени есеи поврзани со културолошкиот, естетичкиот и книжевно-историскиот пристап). Во однос на текстовите поместени во книгата, тој додава: „Застапени се неколку мои не толку стари, но и неколку нови и необјавени текстови. Сите тие се повторно прегледани, преработени и поставени во нов контекст, врз основа на барањата на ова издание наменето за една поширока публика“.

Професорот Џепароски, исто така, нотира дека критиката и хуморот во Македонија се во криза и дека единствено Театар Комедија „со својата успешна програма и многубројната публика претставува соодветна апологија (одбрана) на комичното и на хуморот“.

Иван Џепароски (1958) е писател и филозоф, професор по естетика и филозофија на културата на Филозофскиот факултет во Скопје, а предавал и на Факултетот за драмски уметности при УКИМ. Во неколку мандати бил раководител на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје. Автор е на многубројни филозофски, естетички, поетски и есеистички дела, како и на неколку филозофски избори и поетски антологии. Добитник е на голем број награди и признанија. Негови поважни книги од областа на филозофијата се: Арго плови по Аксиј (1984), Во потрага по изгубениот тоталитет (1993), Уметничкото дело (1998), Отаде системот (2000), Филозофски приказни (2001), Естетика на возвишеното (2008), Став и суштина (2010), Дискурси на визуелното (2014), Култура и книжевност (2016), Естетика: Естетички категории (2020), Пандемија и постхуманизам (2022), Филозофија и книжевност (2023) и Два опита: Конески и Старделов (2023).

Книгата „Комичното и хуморот“ е трето остварување на Театар Комедија, во рамките на неговата благородна идеја за збогатување на својот библиотечен фонд и на книжната понуда со стручни и важни дела за театарската уметност на македонски јазик. Книгата е подарок од Театар Комедија и нема комерцијална вредност, а ќе биде достапна и за слободно преземање во електронска верзија на интернет-страницата на театарот, www.teatarkomedija.mk.

Зачлени се на нашиот е-билтен