улија Навална, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, ги повика Русите да го изразат својот протест до актуелната власт, со тоа што ќе излезат на биралиштата, ќе застанат во ред и ќе го напишат името на нејзиниот сопруг на гласачкото ливче или нема да гласаат. Таа се приклучи на протестната кампања „Пладне против Путин“ што се одржа денеска напладне во Берлин.
Навална ги повика Русите да го дадат својот глас за кого било, само не за Владимир Путин. Таа денеска дошла да гласа во Руската амбасада во Берлин.
Протести денеска напладне имаше и во Москва, на кои учествуваше рускиот опозиционер Борис Надеждин, на кого не му беше дозволено да учествува како кандидат на претседателските избори, јави ДПА.
Надеждин беше пречекан со аплауз од студентите на избирачкото место во комплексот на Московскиот институт за физика и техника (МИФТ), се вели во видеото објавено на социјалната мрежа Телеграм.
– Мислам дека сè уште имате шанса да гласате за мене, им порача на насобраните студенти, додавајќи дека планира да објави свои излезни анкети по затворањето на гласачките места. Според него, тие ќе бидат многу поразлични од очекувањата на властите.
Политичарот, кој предава во МИФТ, се заблагодари за поддршката и вети дека ќе ја продолжи борбата. Целта е, како што посочи, неговата партија Граѓанска иницијатива да победи на следните парламентарни избори во Русија.
Надеждин, кој е против руската војна против Украина, го привлече вниманието во јануари кога илјадници Руси се наредија да ја потпишат неговата кандидатура за шеф на државата. Шеесетгодишниот Надеждин рече дека успеал да собере двојно повеќе од потребните 100.000 потписи, но руската Централна изборна комисија, сепак го дисквалификува, објаснувајќи дека многу од потписите не биле исправни. Руските судови подоцна ја отфрлија жалбата на Надеждин против неговото исклучување од изборната трка.
ДПА пренесува и дека полицијата во Русија уапсила десетици луѓе кои се приклучија на денешните протести. Апсења се пријавени во Москва и Санкт Петербург. Руските власти ги предупредија граѓаните да не се приклучуваат на протестите, оценувајќи ги како „екстремистичка активност“.
Фото: ЕПА