Десноцентристичката Европска народна партија (ЕПП) и левоцентристичката Прогресивна алијанса на социјалистите и демократите (СД) и натаму ќе останат на двете водечки места според бројноста во идниот Европски парламент, но се понеизвесна станува битката за третата позиција, покажува најновото истражување на „Јуроп Елект“ за тоа како ќе гласаат граѓаните на ЕУ на евроизборите во јуни.
Според оваа анкета, спроведена изминатава недела, либералната групација Да ја обновите Европа (РЕ) се враќа на третото место, потиснувајќи ги екстремно десничарската група Идентитет и демократија (ИД) и десничарската алијанса Европски конзервативци и демократи (ЕЦР).
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, откако на истражувањето во ноември либералите го загубија третото место на кое традиционално се наоѓаат неколку децении, потиснати од ИД, а потоа и од четвртата позиција од ЕЦР, на анкетата од првата половина на март РЕ го поврати четвртото место од Европските конзервативци и демократи, а сега се најде и пред екстремно десничарската група.
Според најновото истражување, либералите би освоиле 87 европратеници, ИД 82, а ЕЦР 81 мандат. На претходната анкета од пред половина месец, на групата ИД и се предвидуваа 89, на либералите 86, а на ЕЦР 84 европратеници.
Како што се наведува во анализата на анкетата ваквите мали разлика се повеќе ја зголемуваат неизвесноста и го оставаат отворено прашањето за рангирањето од третото до петтото место според бројот на освоени европратенички мандати.
Аналитичарите на „Јуроп Елект“ проценуваат дека клучната битка за разврска на оваа трилема ќе зависи од резултатите во Франција, Германија, Холандија и Австрија, каде десничарските партии се водечки или второпласирани според популарноста. Токму исходот од оваа битка во голема мерка ќе зависи колкава ќе биде бројноста на сегашното парламентарно мнозинство на ЕПП, социјалдемократите и либералите и до кој степен партии од крајниот десен спектар би можеле да ги блокираат законодавните процедури во Европарламентот.
Што се однесува до останатите групации, ЕПП се очекува да освои 184 европратеници или еден повеќе отколку на претходното истражување, додека социјалдемократите остануваат стабилни на 135 мандати.
Од друга страна се разгорува и битката за шестото место меѓу Зелените и групацијата Левица. На Зелените им се предвидува освојување на 52 места или две повеќе во споредба со претходното мартовско истражување, а на Левицата 47, односно зголемување на бројноста за еден европратеник. Клучен фактот во оваа „пресметка“ меѓу зелените и левицата може да биде новоформираната германска Алијанса на Зара Вагенкнехт (БСВ) на која и се предвидуваат седум мандати и која засега не е дел од ниту една групација, но се претпоставува дека по изборите најверојатно ќе и пристапи на Левицата.
Најголем раст се бележи кај партиите што не се дел од ниту една групација, на кои од 43 места на претходното истражување сега им се прогнозираат 48 мандати. Меѓу овие партии, покрај веќе споменатата БСВ, се и италијанското популистичко Движење Пет ѕвезди (М5С), поранешната членка на ЕПП – Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан, како и двете словачки партии исклучени од СД – Насока–Социјална демократија (Смер-СД) на премиерот Роберт Фицо и Глас-Социјална демократија (Хлас) на претседателот на Парламентот, Петер Пелегрини.
Изминатиот период постоеја најави за можно пристапување на М5С кон Зелените, но преговорите завршија без договор и е оставено ова прашање евентуално одново да се разгледа по изборите, додека од Фидес пројавија интерес за приклучување кон Европските конзервативци и реформисти, идеја што предизвика поделени мислења меѓу актуелните членки на групата.
Независните кандидати и партиите без јасна идеолошка ориентација остануваат со непроменети четири мандати.
Гледано по земји, позначајни промени во однос на претходното истражување има во Германија, каде Христијанско демократската унија (ЦДУ) и Социјалдемократската партија на Германија (СПД) добиваат по уште две места, со што би имале 22, односно 17 европратеници. ЦДУ е дел од ЕПП, а СПД од СД. Раст од четири места имаат Зелените достигнувајќи скор од 14 мандати, додека либералите од Слободната демократска партија (ФДП) и левичарската Партија за заштита на животните (АПТ) губат по две места, сведувајќи се на четири, односно еден европратеник.
Во Романија, пак, водечката десничарска партија Алијанса за сојуз на Романците (АУР), која е дел од ЕЦР, губи четири места, паѓајќи на осум мандати, но изборниот праг го минува екстремно десничарската Ес-О-Ес Романија (С.О.С), која е поврзана со ИД и која би добила двајца европратеници.
Во Холандија, по солидниот резултат на националните парламентарни избори лани во ноември, новоформираната демохристијанска партија Нов социјален договор (НСЦ) од редовите на ЕПП, губи на популарноста, преполовувајќи го бројот на очекувани европратеници за половина месец од четири на два.
Пад на популарноста бележи и членката на РЕ, центристичката популистичка Акција на незадоволни граѓани (АНО), која и натаму е водечка партија во Чешка, но губи два мандати сведувајќи се на седум пратеници, додека либерално-конзервативната Градоначалници и независни (СТАН) добива две места, со што би имала три европратеници и би била најбројна партија меѓу трите чешки членки на ЕПП. Остантите две членки на ЕПП, конзервативната Традиција, одговорност, просперитет (ТОП 09) и демохристијанска Христијанска и демократска унија – Чехословачка народна партија (КДУ-ЧСЛ) би освоиле по еден европратеник.