Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Александар Пејовски, композитор: Верувам во вдахновение – академизмот не ме интересира

Александар Пејовски, бескомпромисен уметник кој сиот живот го посветува на творештвото. Компонира во различни музички жанрови, прави и музика за филмови и театар, сосема далеку од политичките гарнитури, интереси, далеку од завидливите очи на јавноста, од индустријализмот и популизмот. Верува во вдахновение и во занает. Пејовски е еден од најпродуктивните композитори во земјава, чии дела често се изведуваат во различни формации и наидувајќи на навистина позитивни одгласи, остануваат на репертоарот, а неговите ангажмани во филмот и театарот се фасцинантни.

Со Александар Пејовски разговараме за творештвото, но и за културните промени, егзистенцијалните стравови, за ангажираната уметност, за Скопје… Неговите одговори и овој пат, како и секогаш, се инспиративни и наметнуваат длабоки размисли.

Александар, ми се чини дека во последно време како да сте отсутен од јавноста, од музичката, од културната сцена. Не знам дали е тоа лична перцепција, но пред појавата на пандемијата, Ваши дела во било каква форма, беа почесто изведувани, а со тоа и Вашето име циркулираше повеќе во медиумите. Дали причината за тоа, е онаа општа апатија која што прилично се чувствува во уметничките кругови, а која нè зафати сите нас, дојдена од разни мотиви?

– Минатите две години напишав музика за три долгометражни играни филмови, чиишто премиери се одржаа во Скопје, Битола и Пула: „Мими“ на Даријан Пејовски, „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески и „Ескорт“ на покојниот хрватски режисер Лукас Нола. Учествував како автор на музиката во третиот дел од балетот „Молитви на моето тело“ во соработка со кореографката Саша Евтимова. Во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“, беше изведена суитата „Мими“, со гудачкиот оркестар „Ајга“, под диригентство на Ана Спасовска, а на неодамнешниот концерт на ЗЏМ Биг-бендот ми беше изведена една постара композиција.

Вашата забелешка за моето отсуство од јавната сцена веројатно се однесува на целовечерните авторски концерти и нови авторски изданија, кои порано беа почести. Сите мои досегашни авторски изданија се независно реализирани и во форма на самиздати, благодарение на поддршката од прекрасните ентузијасти кои со љубов и безрезервно оставија свој печат во нив. Со текот на времето таквиот начин на работа стана сѐ потежок, бидејќи и за вон институционално делување е потребен систем, во кој се вклучени повеќе уметници со исти ставови и иста цел. Отсуството на спроведувањето нечии политички агенди и идеологии, како и отсуството на профитот како цел, може да ја карактеризира таквата сцена како уметничка независна сцена.

Јавната културна сцена насекаде во светот е претворена во една гигантска маркетинг агенција и прашање на време е кога забавата целосно ќе ги замени културата и уметноста. Систематската имбецилизација на општеството која се врши преку сите можни системи, помеѓу кој и образовниот, ги отфрли сите вредносни критериуми освен: доларот, еврото и лајкот.

Под поимот „уметник“ денес сѐ поретко се мисли на: сликар, скулптор, писател, поет или музичар, а сѐ почесто на: професионален фалбаџија, бизнисмен, или, пак, активист, кој преку сомнителен медиум (што не го ни владее) спроведува нечиви имбецилни и лицемерни политички агенди, каде ниту идејата не е независна.

Денес и највисоките национални културни и образовни институции не прават разлика помеѓу култура и забава, а Министерството за култура уште што не започнало да финансира и домашни слави, свадби и крштевки, па така, на резултатите од еден ист конкурс ќе ги прочитате професорот Влада Урошевиќ во истиот кош со некој дрзок дилетант со сомнителни квалитети, кој е убеден дека неговиот прв проект треба да биде финансиран од џебот на граѓаните. Министерството за култура не е ниту Црвен Крст, ниту каква било хуманитарна организација, туку институцијата која заедно со: МАНУ, ФМУ, МБУЦ и СОКОМ најмногу треба да биде свесна за значењето на критериумите и разликите помеѓу културата и забавата. Забавата може да биде на пазарот, културата – не.

Вие сте еден од најпродуктивните македонски композитори, а пишувате и за други медиуми како филм и театар, навлегувате и во сферата на другите музички жанрови, покрај класичните техники на компонирање. Литературата, филмот, се дел од Вашата инспирација, а често пишувате и ангажирана музика. Што е Вашиот лајт-мотив, Ваша муза, Ваш инпиративен светоглед?

– Пишувањето музика е поттикнато од музичкиот ген во нас и од љубовта кон веќе постоечка музика која се врежала во емоционалната меморија. Оттука, авторот со својот сензибилитет е следбеник, кој се надоврзува минувајќи низ алхемиски процеси. Ангажираноста во некои мои композиции, на која претпоставувам дека мислите, е поблизу до поетиката отколку до политиката. Она што денес се нарекува ангажирана уметност, во суштина е дел од нечива платена политичка програма. Ако ги прескокнеме: популарноста, промовирањето и профитот како основни водилки во индустријата, на ниту една музика не ѝ е потребен филм, спот, ниту каков било вонмузички ангажман. Во тоа се состои автохтоноста и широчината на музичката уметност. За оние што умеат да ја слушаат, таа кажува сѐ.

Кога ја спомнавме ангажираната музика, во времето коешто сега го живееме, овде во Македонија, се чини или ја нема, но и ако ја има, не допира до оние на кои е наменета, за да поттикне општествени, социјални, уметнички промени. Според Вас, што е потребно да се случи позитивен раскол во културата?

– Прво мислев дека ние со посветеност и работа ќе ја промениме состојбата, потоа мислев дека само Бог може да ја промени, а денес мислам дека дури ни Бог не сака да ја промени. За да се случи промена потребни се волја и капацитет за промена, а во моментов немаме ниту капацитет, ниту, пак, волја.

Можеби сте единствениот музички уметник кој не е вработен. Живеете од музика. Па, како живеете, среќен ли сте? Имате ли егзистенцијални стравови или токму „слободното време“ Ви дава поголема моќ за творештво?

– Секоја планина со својата тежина. Дури и Бил Гејтс се соочува со егзистенцијални стравови… Во малограѓанска средина како нашава, во која сме воспитани дека вработувањето ни следува, се смета дека работи само оној кој е вработен. Патолошкиот страв од глад кој преку мантрата: „сигурна државна работа“ се пренесува од колено на колено, е една од главните пречки во професионалниот, научниот и уметничкиот развој на ова општество. Фиксацијата на вработувањето наспроти фокусот кон професионалната реализација и напредок, не создава ништо освен изманипулирани гласачи, кои излезот, дури и од личните проблеми, го гледаат во дневнополитичкиот живот и партиските промени. Таквата состојба нѐ збунува и разоружува пред сите општетвени предизвици. За миг замислете каде би биле како општество во моментов, ако само илјада граѓани, сето потрошено време на дневната политика, го потрошеле на сопствената професија.

Вие сте дете од Скопје, а Скопје е именуван за град на културата за 2028 година. Каква е Вашата проценка, ќе успееме ли да се претставиме во добро светло? И што, за Вас, би значело добро светло, ако ја земеме во предвид сегашната уметничка атмосфера?

– Уметничката атмосфера која ја споменувате е исчезната веќе децении наназад, освен ако скопската темнина во која блескаат само спортските обложувалници, некој не ја доживува како уметничка атмосфера. Доколку се прошетаме ноќе низ центарот на градот, прво што ќе забележиме е дека во целата котлина само една и пол улица е вистински осветлена – „Орце Николов“ и половина „Ленинова“. Ако талкаме пак, ноќе, низ едно од најстарите скопски маала „Пајко Маало“, во насока кон МАНУ, МКЦ и МТВ, веднаш ќе се почувствуваме како да сме лик од филм на Дарио Арџенто. Осветлувањето на градот Скопје би го навел како парадигма за доброто светло, во кое Скопје би се претставило како Град на културата за 2028 година. Градот Скопје, засега единствено би можел да се именува, или како: Град на Спортските Обложувалници за 2028, или како Град на Трговските центри за 2028.

Пишувате постојано, а во финална подготвка е едно Ваше грандиозно дело, вокално-инструментално, кое не е врзано за одредена проблематика, туку е повеќе импресионистичко, пејзажно. Прво, кога и како планирате да се случи неговата изведба и второ, дали Ви здодеа од праќање на директни и индиректни пораки преку музиката, гледајќи дека другата страна немо ги прифаќа, па се вртите кон природата како најсилна инспирација?

– Никогаш не сум имал намера да испраќам некакви пораки преку моите композиции, а најмалку политички. Верувам во вдахновение, занает и следам инстинкт. Академизмот не ме интересира, а од канџите на индустријата се заштитувам колку што е можно. Ако говориме за политичките алузии во делата, (за оној што умее да слуша) постои суштинска разлика помеѓу естетизирање на политиката и политизирање на уметноста. Секојдневната работна навика секако дека ќе роди со некаков плод, но процесот на работа и процесот на реализација на трудот се две различни нешта. Колку што го имам сето време на светот за работа, толку ми се можностите за реализација/изведба во моментов сѐ помали.

Би живееле ли надвор од Скопје?

– Единствено во Охрид.

ТИНА ИВАНОВА (Фронтлајн)

Зачлени се на нашиот е-билтен