Во отсуство на позначајна институционална меморија за архитектурата, поставките како „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ се потребни за рекреирање на времето кога урбанистичкото планирање и архитектурата биле „кроени“ според човековата мерка и градовите во кои живее
Пишува: Стојан СИНАДИНОВ
Минатата година, кога Скопје одбележуваше 60 години од катастрофалниот земјотрес на 26 јули 1963 година, изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ во Музејот на современа уметност (МСУ) беше едно од камчињата во меморијалниот мозаик за Градот на солидарноста. Автори на истражувањето и куратори се Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос, во соработка со истражувачки тим кој го сочинуваат Михајло Стојановски, Теа Дамјановска, Христос – Георгиос Критикос.
Музејската тура за новинари, во организација на Оделот за јавна дипломатија на Амбасадата на Република Грција, беше уште една прилика одново да ја актуелизираме приказната за обновата на Скопје, со улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис.
Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти кои биле поканети од страна на Обединетите нации да учествуваат во планот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град. Неговиот стручен ангажман, заедно со соработниците Христос – Георгиос Критикос, Инес Толис и Костас Цимбаос, како и нивните извештаи, деталните истражувања на подрачјата погодени од земјотресот, студиите за домување, дијаграмите, зборовите и размислувањата… многу придонело во изработката на Основниот план за обнова на Скопје.
Пет години по премирната поставка во музејот Бенаки во Атина преку обемна изложба, конференција и книга, „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ од минатиот септември е поставена и во МСУ, и трае до крајот на месец април. Јадрото на целиот проект на креирање на иднината на Скопје како модерен град е создавањето на Основниот план. Тоа било иницијалната архитектонска каписла, која не само што го обновила Скопје, туку и го направила „видлив“, познат град во светски рамки.
Со помош на истажувачите и кураторите на изложбата Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова и Владимир Десков, како и кустосот на МСУ Бојана Јанева, турата низ изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ е уште едно реоткривање не само на плановите за обновата на Скопје, туку и навраќање во минатото полно со иднина. Колку што земјотресот бил катастрофа, толку обновата била полна со еуфорија со која меѓународните и домашните архитекти и планери заеднички проектираат нови радикални градски пејзажи.
Како што посочи кураторот Јован Ивановски, колку и да звучи парадоксално, токму отворањето на изложбата „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ во Атина во 2018 година, непосредно пред постигнувањето на историскиот Преспански договор, го актуелизира и делото на архитектот Доксијадис во Грција. Иако со светско реноме во архитектонските кругови, Доксијадис релативно малку бил познат во пошироката грчка јавност, а неговиот уддел во креирањето на новото Скопје било прилика за Грците да го запознаат нашиот град во поинаква димензија. Како што тоа обично бидува, веројатно треба да помине време соседите (одново) да се запознаат, макар тоа се поводи од пред половина век.
Ивановски заедно со неговата колешка, архитектката проф. д-р Ана Ивановска Дескова, нè водеа низ поставката составена од различни идеи, цртежи, скици за развојот на одредени архитектонски целини или објекти, самите згради, визиите и идеите за градот со она што е реализирано од Скопје.
-Изложбата претставува проект кој што трае подолго време. Имено, во 2018 година првпат беше поставена под истиот наслов во Атина во соработка со професори од атинскиот универзитет, со кои направивме соработка во смисла дека ние го презентиравме Скопје, а постземјотресната обнова и архитектурата на постземјотресната обнова ја истражувавме во соработка со нив, и ја покажавме специфичната улога која што Доксијадис ја има одиграно во рамките на оваа обнова на Скопје. Изложбата тука требаше да се случи претходно, меѓутоа се случи ковид пандемија, така што сметавме дека 60 години од скопскиот земјотрес е соодветен повод да го отвориме одново тоа прашање и да ја презентираме изложбата пред скопската јавност, рече проф. д-р Ивановска Дескова.
Поставката раскажува две паралелни приказни: процесот на постземјотресна обнова на Скопје и симболите врзани со земјотресот.
Поставени се фотографии кои ги прикажуваат првите мигови на земјотресот, мерките на отстранување на штетата, санирање на објектите, првите вести кои што излегуваат за Скопје и земјотресот, дел од нив пренесени и од главните грчки весници и понатаму како се движат посетителите низ целата сала гледаат поставени фрагменти од еден комплексен и многу сложен процес на различните фази на обновата на Скопје.
Во рамки на изложбата кураторите поставиле и три дела од збирката на МСУ – подароци од грчки уметници: инсталацијата „Последни вести“ (1969) на Јанис Гаитис, цртеж (1979) на Диоханди и сликата „Ширење на една површина“ (1978) на Опи Зуни.
-Постои и еден сегмент кој што не е врзан директно со Доксијадис, меѓутоа е исклучително значаен за Скопје, а тоа се станбените населби, префабрикуваните населби кои дел од нив доаѓаат како подарок, меѓутоа голем дел откупени од страна на Југославија кои го решаваат оној најургентен проблем со домувањето во Скопје. Понатаму следуватаат различните фази од процесот на планирање, посочи проф. д-р Ивановска Дескова.
Во отсуство на позначајна институционална меморија за архитектурата, ваквите поставки се потребни за рекреирање на времето кога урбанистичкото планирање и архитектурата биле „кроени“ според човековата мерка и градовите во кои живее.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура на Северна Македонија, Музеј на современа уметност во Скопје, Фондација Константинос и Ема Доксијадис, Архив на Град Скопје, Амбасада на Република Грција во земјава, Дојран Стил.