Нема култура без публика, вели директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, која најавува неколку културни настани во месец април кои може да се проследат во Националната опера и балет и Драмскиот театар во Скопје, но и во „Света Софија“ во Охрид.
-На 11 април во НОБ во Скопје е претставата „Госпоѓиците од Авињон“, на 6 и 8 април во МНТ се игра претставата „Бесачи“, на 6 април во Драмскиот театар ја имате претставата „Кафез кај кокони“. На 30 април пак во „Света Софија“ во Охрид, женскиот хор „Менада“ со Велигденски концерт, додава таа.
Поповиќ го најави и почетокот на овогодинешното 64 издание на фестивалот „Охридко лето“ кој е закажан за 12 јули.
„Госпоѓиците од Авињон“
На сцената на Националната опера и балет на 11 април од 20.00 часот ќе се изведе атрактивната балетска претстава во 9 слики „Госпоѓиците од Авињон“. Со оваа претстава започнува jубилејното 20. издание на интернационалниот фестивал Танц Фест Скопје 2024, кое ќе има нов концепт и повеќе различни програми, меѓу кои и програмата насловена „Паралели“ во која ќе се прикажат три претстави од репертоарот на Националната опера и балет, со цел да се прикажат современите текови на Националниот балет и да се претстават повеќе домашни кореографи.
Балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“ е инспирирана од истоимената слика на уметникот Пабло Пикасо, зборува за пет жени и нивниот живот, нивната потрага по љубовта, смртта и слободата.
Музиката во претставата е на Калиопи Букле, за кореографијата и режијата задолжена е Олга Панго. Либретото и драматургијата се на Сашо Димоски, костимограф е Раде Василев, а на мултимедија и дизајн работеше Емил Петров, дизајн на светло – Милчо Александров, а дизајн на шминкa – Златица Поповска. Асистенти на кореографот се Горан Божинов и Саша Евтимова Користени се сценографски елементи од операта „Змејовата невеста“ – сценограф Валентин Светозарев.
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп-Алексова Атанасовска, Ивана Коцевска, Саша Евтимова, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, Балаж Лочеи, Агим Бафтии, Ендру Кук.
„Бесачи“
Претставата „Бесачи“, по текст на актуелниот британско-ирски автор Мартин Мекдона, а во режија на Јавор Грдев од Бугарија, на 6 и 8 април во МНТ во 20 часот ќе се изведе во Македонскиот народен театар (МНТ).
Главната тема во текстот „Бесачи“ е смртната казна, која во речиси сите европски земји е исфрлена од казнениот систем. Дејството се случува во 1960-ите во Англија. Смртната казна во Англија во тоа време се извршувала со бесење и во принцип, бесачите првично биле затвореници, а занаетот се пренесувал од колено на колено. во 20 часот
Во претставата играат Никола Ристановски, Кире Ѓоревски, Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Дарја Ризова, Благој Веселинов, Ѓорѓи Јолевски, Славиша Кајевски, Владо Јовановски, Гораст Цветковски, Александар Микиќ, Александар Михајловски, Нелко Нелковски, Трајче Ѓоргиев.
Веселинов игра еден од тројцата бесачи, заедно со Никола Ристановски и Јордан Симонов.
Асистент на режисерот е актерката Звездана Ангеловска, драматург е Дејан Дуковски, а преводот на текстот го направи Благоја Бошковски. Сценограф е Никола Тороманов, костимографијата е на Свила Величкова, композитор на музиката е Калин Николов и извршен продуцент на претставата е Симона Угриновска.
„Кафез кај кокони“
„Кафез кај кокони“, според текст на францускиот автор Жан Пуаре, а во режија на Димче Николовски, ќе се одигра на 6 април во 20 часот на сцената на Драмски татар Скопје е претстава за кршењето на бариерите и предрасудите за тоа како се претставуваат и прифаќаат луѓето со поинаква сексуалност
Игрив и забавен, но и храбро проткаен со сериозни теми дотогаш неприкажани на толку експлицитен и дрзок начин, текстот со хумор и леснотија задира во многу комплицирани теми: потребата за општествено прифаќање, сексуална слобода, избор во љубовта и потребата да се задржи личниот интегритет.
Француската фарса „Кафез кај кокони“ (“La cage aux folles”) ја има својата праизведба во февруари 1973 година во Париз. Мајсторски конструирана од познатиот актер и комичар Жан Пуаре како комедија на ситуации, забуни и карактери, ја освојува публиката на прв поглед и доживува над 2.000 репризи.
Комичниот заплет е толку шармантно уникатен што провоцира две филмски адаптации, – “La cage aux folles” (1978) и “The Birdcage” (1996), како и ексклузивна преработка во мјузикл за Бродвејската сцена во 1984.
И покрај тоа што е изградена врз база на одредени стереотипи, пиесата како и сите нејзини адаптации, има важна улога во кршењето на бариерите и предрасудите за тоа како се претставуваат и прифаќаат луѓето со поинаква сексуалност.
Сместена во Сен Тропе, во веселите седумдесети, претставата на Драмски театар Скопје „Кафез кај кокони“, сака да ви прикаже дека педесет години потоа, овие прашања сè уште се отворени и провоцираат дијалог низ истата структура на хумор, игривост и дрскост.
Претставата не се препорачува на лица помлади од 18 години.
Улогите во „Кафез кај кокони“ ги толкуваат: Филип Трајковиќ, Александар Степанулески, Стефан Вујисиќ, Предраг Павловски, Димитрија Доксевски, Маја Вељковиќ Пановска, Дамјан Цветановски, Соња Стамболџиоска, Златко Митрески, Нела Павловска, Емилија Мицевска и Бранко Атанасов.
Сценографијата е на Димче Николовски и Благоја Бошковски Буцко, костимографи се Раде Василев и Елена Вангеловска. Кореограф на претставата е Кренаре Невзати – Кери. Преводот е на Радмила Јорданова и Благоја Бошковски Буцко, адапатација на Александра Бошковска, Благоја Бошковски Буцко, изборот на музика е исто така на Александра Бошковска и Благоја Бошковски Буцко. (Градска)