Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Големиот лидер ги носи луѓето онаму каде што тие не мора да сакаат да одат, но, каде што треба да бидат

Бидејќи минатото го знам, размислував за иднината. Во иднината не се оди со празни зборови и фрази. Во иднината нема развој во изолација, ниту има слобода и демократија кога насилници се воспеваат како херои. Во иднината се оди, само ако се стремиме кон невозможното.

Андреја СТОЈКОВСКИ

Неделава се присетив на еден извонредно долг, но многу интересен, дури и поучен виц, оној за сопругот кој успеал да се ослободи од убиство. Во вицот сопругот се појавува како обвинет за убиство на сопствената сопруга и пред судијата се брани со нејзините ментални капацитети и неговата способност упорно да се објаснува и да ѝ помогне да разбере кога прави и каде е грешката. Нему му одело тешко, а судијата отпрвин немал многу разбирање за обвинетиот, сѐ дури не увидел поинаку. Да се разбереме, неделава немаше убиство. Имаше обид за целосно уништување на достоинствената дискусија за политичката и изборна понуда, а по него откривме ново дно на политичката култура.

Беше најавувано како клучен настан на изборната 2024, изборно соочување на лидерите на двете најголеми политички партии, во „Само вистина“ на ТВ Канал 5. Да бидам искрен, никогаш не сум ја милувал емисијата. Повеќе пати имам одбиено да учествувам на неа. Но, јас сум сепак граѓански активист, истражувач и аналитичар, а емисијата е како создадена за политичари и политичка дебата. Во неа соговорниците, вообичаено од спротивна политичка идеологија, во физички спротивни позиции, ја изнесуваат сопствената визија за вистината. Реално, тоа е невозможно, но, во нечии визии, вистината очигледно може да има различно толкување.

На почетокот на соочувањето, лидерите зборуваа за квалитетите на претседателските кандидати. Секој од нив раскошно го сликаше имиџот за сопствениот кандидат, притоа правејќи, во најмала рака, карикатура од противникот. Не беше фер! Едноставно, никој не помисли на останатите четири кандидати. Сигурен сум дека и меѓу нив има инспиративни професори, има и богобојазливи луѓе, но, тоа не е квалитет на претседателот на државата. Претседателот на државата, мора да биде лидер, мора да има визија за тоа како треба да изгледа државата и да ги води, насочува и поттурнува граѓаните кон идеалот за државата.

Сопругата на поранешниот американски претседател Џими Картер, Розалин Картер, рекла „Лидерот ги носи луѓето онаму каде што тие сакаат да одат. Големиот лидер ги носи луѓето онаму каде што тие не мора да сакаат да одат, но, каде што треба да бидат.“ Во услови кога светот е едно глобално село, кога уставотворецот се определил, а со тоа ја насочил државата кон западните либерални демократии, нашето место е недвосмислено во НАТО, секако и во Европската Унија. Оттаму, претседателот и лидер на државата е оној кој ќе работи на тоа Северна Македонија да биде добра членка на НАТО, да инвестира во сопствената и во одбраната на сојузниците. Оној кој ќе биде принципиелен и примерен во своите лични постапки правејќи ја државата принципиелна и солидарна во следењето на консензуалните одлуки на алијансата. Оној кој ќе се вложи себе си во тоа Северна Македонија да стане членка на Европската Унија обезбедувајќи им подобра шанса за економски развој на сопствените граѓани. За мене, на овие избори, изборот е јасен. Нема повеќе од два кандидати кои до сега го правеле тоа и, верувам, ќе продолжат да го прават. Со обајцата сум имал можност да соработувам, да се среќавам често и да разговарам. Обајцата одлично се вклопуваат во визијата која благодарение на моето домашно воспитување ја имам за добар соговорник. Оној со кој комуницираме вербално и невербално, разменуваме зборови, но и гестови и најважно од се, се гледаме во очи.

Додека ја слушав размената за претседателските кандидати, ми западнаа во уво две тези. Првата беше дека претседателот Пендаровски ќе остане запаметен по својата изјава до премиерот на Бугарија, Бојко Борисов. Втората, дека темелните вредности на државата биле нарушени, особено во последните шест и пол години.

Ако зборуваме за првата, тогаш… една изјава не го прави претседателот, но секако може да остане да се памети. Многумина, на пример, го паметат претседателот Борис Трајковски, по изјавата која ја упати до сојузниците во текот на бегалската криза од Косово, во 1999 година. Сепак, на последното истражување кое го спроведовме со Институтот ПРЕСПА, за мнозинството од нашите граѓани, Борис Трајковски бил и останува извонреден претседател на државата, со завидни резултати во однос на неговите надлежности за надворешната и безбедносна политика.

Ако зборуваме за втората, тогаш единствени темелни вредности за кои знам, како правник, се темелните вредности на уставниот поредок, опишани во членот 8 на Уставот. Притоа, кандидатката, лидерот и партијата постојано зборуваат за државата како за режим, а нас веќе шест и пол години нé не оценуваат како заробена држава. Споредено со периодот пред тие последни шест години, состојбата со почитувањето на човековите права се подобрува, Северна Македонија е подобро оценета или повисоко рангирана на индексите за демократија, слобода на говор, среќа итн.

Темите на дебатата се нижеа, се зборуваше за т.н. „француски предлог“, за Преспанскиот договор, за повеќе прашања од поблиската историја кои можат да имаат сериозен импакт врз нашата иднина. Главно тезите кои можеа да се препознаат се групираат околу фаталноста на политиките. Едниот од говорниците зборуваше дека политиките во минатото биле фатални за државата, не понижиле, обезличиле итн. Вториот од говорниците зборуваше дека политиките кои неговиот противник би ги водел би биле фатални за државата во иднина.

Минатото го поминав, преживеав и денес сум поопитен одошто бев. Знам дека Северна Македонија имаше хибриден режим. Тоа беше во периодот помеѓу 2013 и 2017. Во тој период незаконски беа прислушувани повеќе од 20.000 луѓе. Во тој хибриден режим имаше листата за „отстрел“ на 148 познати граѓански активисти. Меѓу другото, сѐ уште има такви кои на социјалните мрежи повикуваат на отстрел за многумина од овие 148. Знам дека хибридниот режим се бранеше со толпа која упадна во Собранието за да убива и спречи на трансфер на власта. Знам дека денес не сме. Уште поважно, денес сме членка на најмоќната воена алијанса во историјата, во која членуваат демократски држави.

Бидејќи минатото го знам, размислував за иднината. Во иднината не се оди со празни зборови и фрази. Во иднината нема развој во изолација, ниту има слобода и демократија кога насилници се воспеваат како херои. Во иднината се оди, само ако се стремиме кон невозможното. После 23 години од потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација и 20 години од нејзиното стапување во сила, пристапувањето во Европската Унија се чини навидум невозможно. Сепак, тоа е реално возможно. Возможно преку уставни промени и посветена работа на реформи, но и посветена работа на сопствено, лично и како нација, подобрување. Пристапувањето е возможно, ако во него учествува и преку него се европеизира целото општество.

Мислата ми ја наруши звукот на телефонот. Беше тоа видео кое во порака ми го испрати мојата сопруга. Во видеото Далибор Шумига, специјалист за невромаркетинг, основач и управител на Промосапиенс, агенција за бихевиорален маркетинг, говори за поимот еволуција како решение за модерните политички проблеми. Притоа, тој одговара на прашањето која болест се лечи со варакина или раствор од натриум хипо хлорид. Во одговорот, Шумига прави алузија на модерната дебата помеѓу разумните во обид да ги вразумат оние другите, а реферира на настаните поврзани со референдумот за Брегзит и една изјава на познатиот комедијант Рики Жерве.

Кога се вратив на телевизорот, завршуваше извлекувањето на лото и полека се враќаше ТВ дебатата. Уште во првите неколку минути ме потсети на полниот раскош на немањето никаков слух, ниту почит за соговорникот од претходниот дел. Уште веднаш едниот од соговорниците обидувајќи се да избегне одговор и да изнесе став поинаков од оној што ќе му го задржи гласачкото тело продолжи да го исмева и провоцира соговорникот обидувајќи се да го изнервира и исфрли од комфорната зона. Ми заличи многу на дискусијата која ја опишуваше Шумига, а за која говорел Жерве. Тогаш се сетив на вицот за сопругот кој успеал да се ослободи од убиство.

Некаде кон крајот на долгото објаснување на обвинетиот пред судијата, тој вели: „… Ја поправив дека реката во јужна Германија се вика Некар. Не го знаеш ти тоа, ми рече, јас уште од мала пеев со другарка ми во дуо за реката Нектар.

Сакаш да кажеш во дует!

Ми рече, Не! Дует е кога играат Реал и Барса.

Почитуван судија, тогаш станав и…“ го притиснав копчето за гаснење на телевизорот. Очигледно беше време за еволуција.

Зачлени се на нашиот е-билтен