„Загрозен ни е наталитетот, загрозено ни е опстојувањето тука овде. Јазик ако треба да се брани само дека е посебен јазик, тоа е смешно, тоа е како бог да се правда затоа што е бог. Да не зборувам за тој печат кој го имаат оставено Конески, Кепески, да не одиме наназад. Тоа е затворена приказна. Тоа е јас да земам да ти се правдам зошто се викаш Дениз или ти мене Дарко…тоа е моето мислење“, рече писателот Дарко Лешоски на каналот на Слободен печат во соработка со ЦИВИЛ Медиа и Трн.мк.
Во однос на прашањето како се снаоѓал на проектот „Фчерашни новисти“ со оглед дека досега немал слично искуство, Лешоски одговори дека научил многу работи.
„Многу работи научив, многу пријателства стекнав. И она што го знаев уште пред да почне целата таа приказна ми се потврди само, тоа е дека многу полесно можеш човек да го насолзиш, да го натера да почувствува нешто, ама од срце да го насмееш е многу тешко. Од тој аспект го научив оној цитат на Фицџералд, „дај ми човек и ќе ти напишам трагедија“, посочи Лешоски.
Тој смета дека да насмееш 90% од популација, по примерот на К-15, е многу тешко.
„Сите имаме некакви проблеми, маки и предизвици, и многу е потешко со насмевка и позитивно да поминуваш низ нив отколку да плачеш“, заклучи Лешоски.