- На промоцијата како кандидат на ВМРО-ДМПНЕ, Силјановска го „прескокна“ статусот на Албанците и релациите со македонскиот народ
- На изборите во 2019 година реков дека „Силјановска ќе ја доживее судбината на Петковски во 1999 година“! Така и бидна. Нејзината генерална поента беше „Македонија на Македонците“!
- Професорката сфатила дека треба да го промени односот кон Албанците и тоа го прави, но молчи околу нејзините искажани ставови кон нив
СЕФЕР ТАХИРИ
Пред да почнам со елаборирање на тезите на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДМПНЕ, исто како и на минатите претседателски избори, ќе издвојам дека ставовите не се однесуваат на инспиративната професорка, тука на политичарката Гордана Силјановскa!
На втората нејзината промоција како кандидат на ВМРО-ДМПНЕ, Силјановска ги „прескокна“ меѓуетничките односи, внатрешната интеграција и статусот на Албанците и релациите со мнозинскиот македонски народ.
Еден претендент за претседател(ка) на државата не може да ги одмолчи односите меѓу колективитетите како столб на државата, иако на конвенцијата на (својата) партија постојано зборуваше за индивидуални човекови слободи и права. Професорката знае дека ако за прашањето не зборувате или не го третирате, не значи дека не постои.
Секако, ова е дел од нејзината пропагандна тактика да не ги „провоцира“ Албанците или нивниот гласачки кампус, кој е важен чинител за изборот на идниот шеф или шефица на државата. Во вториот круг е одлучувачки.
На минатите претседателски избори во 2019 година реков дека „Силјановска ќе ја доживее субдината на Тито Петковски во 1999 година“! Така и бидна.
За помладата генерација, Тито Петковски од СДСМ во првиот круг освои 343 илјади гласови, а Борис Трајковски 219 илјади гласови. Во вториот, Трајковски со гласовите на Албанците (дел освоени и со семејно гласање) стана претседател, освојувајќи 591 илјада гласови, а Петковски 514 илјади.
Ставот за Силјановска го базирав на нејзината генерална поента дека „Зошто само Македонците да не можат да имаат своја национална држава, кога тоа го можат сите други народи на Балканот и пошироко“. Накратко речено, таа како вистинска вмровка ја изговори познатата историска парола „Македонија на Македонците“.
Дополнителниот аргумент беше нејзиниот став како „новопечена“ вмровка (формално не е член на ВМРО-ДМПНЕ), дека со партијата која ја кандидира, патиштата ѝ се вкрстиле неколку пати: прво, во 2001 година кога е потпишан Охридскиот договор. Второ, во 2004 кога е изгласана територијалната организација, во која Струга и Кичево станаа „албански“ општини, потоа во јануари, 2017 година за законот за јазиците и во јуни истата година за Преспанскиот договор.
Значи, три пати Силјановска и ВМРО-ДПМНЕ ги вкрстиле или пак ги соединиле патиштата токму околу прашањата на Албанците.
Прво, околу промената на Уставот и усвојувањето на уставните амандмани, со кои беше унапреден уставно-правниот статус на Албанците, како рамноправна заедница во конститутивниот акт. Со уставот од 1991 година, Албанците беа подредени како „националност“ или второразредни, а Силјановска беше дел од уставната комисија од 1991 година, иако за волја на вистината таа не беше авторот на уставните решенија за „дизајнирање“ на посткомунистичкиот државен модел. Сегашната кандидатка на десната македонска партија е некогашна либералка, а беше и министерка од редовите на Либералната партија во владата на Црвенковски од 1992 до 1994 година.
Со другата кандидатка за претседател(ка), Билјана Ванковска во 2004 година беа на „отпорниот фронт“ против Законот за територијална организација, бидејќи според нив етничката конфигурација на општините водеше кон поделби, федерализација или кантонизација. И ВМРО-ДМПНЕ тогаш беше против сегашната територијализација на локалната самоуправа. Ништо од тоа не се случи!
Така беше и околу Законот за јазиците. Албанскиот јазик е во службена употреба, но државата остана унитарна, а македонскиот јазик остана незагрозен код на комуникација во земјата.
Имајќи предвид дека во вториот круг Албанците се најбитниот фактор за изборот на претседателот(ката), Силјановска порача дека влада без Албанци не е добро решение. И без оглед на резултатот! Професорката по политички систем јасно укажува дека Албанците во владата не се само поради почитувањето на легитимитетот на изборите, туку поради стабилноста на земјата, а лојалноста на Албанците е клучен фактор за тоа. Тврдам дека токму влада без Албанци води кон федерализација.
Дури во Топ тема во Телма рече „Има и шанса за Албанец претседател“ а внимателност во однос на Албанците покажа и кај подкастаџијата Стефан Лазаров, кај кого истакна дека „Треба да се почитуваат правата на заедниците, aмa граница за тие права треба да бидат индивидуалните, во спротивно не може да има правна држава“. Професорката како неспорен врвен експерт по уставно право и политички систем знае дека нашиот правен поредок се базира токму на колективните права или има етнички „клуч“. Затоа постои принципот на двојно мнозинство во Собранието или Бадентеровиот принцип, Комитетот за односи меѓу заедниците, соодветната и правична застапеност итн.
Професорката како политичарка со државнички амбиции сфатила дека треба поблаг однос кон Албанците и тој е видлив.
Силјановска, во кампањата пред нас треба да ги потврди или да ги ревидира ставовите изнесени низ историјата околу колективните права на Албанците. Таа убаво знае дека „молчењето не е злато“!
Проф. д-р Сефер Тахири е универзитетски професор. (ЦивилМедиа)