– Рускиот претседател Владимир Путин нема да биде поканет на комеморацијата на 80-годишнината од пристигнувањето на сојузничките трупи во Нормандија во јуни 1944 година, познат како „Денот Д“, соопштија француските организатори.
Иако тогашната советска армија не учествувала во инвазијата на Нормандија, Русите биле меѓу сојузничките воени сили во времето на таа позната битка. Меѓу нив имало и руски емигранти кои служеле во британската армија.
Поранешниот Советски Сојуз не учествуваше во истоварувањето во Нормандија, но одигра клучна улога во победата на сојузниците на Источниот фронт, на што Русите се многу горди. Милиони советски војници загинаа во битките против фашистичка Германија.
„Повеќе од две години Руската Федерација води агресивна војна против Украина, што Франција силно ја осудува“, изјавија организаторите.
„Со оглед на таквите околности, претседателот Путин нема да биде поканет да учествува на комеморацијата. Русија ќе биде поканета како претставник имајќи ја предвид важноста на улогата на руските граѓани и пожртвуваноста на советскиот народ затоа што треба да се почитува нивниот придонес во победата над фашизмот во 1945 година“, велат тие.
Во јуни, со комеморации се одбележува денот кога повеќе од 150.000 сојузнички војници пристигнаа на бреговите на Франција за заеднички да ги протераат воените сили на нацистичка Германија од Европа.