За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме изложби, концерти, филм… Гледајте, читајте, слушајте…
Цртежи на Дубравка Угрешиќ на КРИК – фестивал за критичка култура
Со отворањето на изложбата „Црвеното училиште“ на писателката Дубравка Угрешиќ, на 26 април (петок) со почеток во 19:30 часот, во КСП Центар – Јадро, почнува деветтото издание на „КРИК – фестивал за критичка култура“, во организација на „Контрапункт“.
Изложбата ќе биде отворена до 9 мај, кога со почеток во 19:30 часот ќе бидат промовирани четири книги од Дубравка Угрешиќ (1949 – 2023). Хрватската писателка со интернационално реноме е авторка на „Поза за проза“, „Штефица Цвек во челустите на животот“, „Животот е бајка“, „Форсирање на романот-река“, „Музеј на безусловното предавство“, „Забрането читање“, „Министерство на болката“, „Никого нема дома“, „Тука нема ништо!“, „Нарилник за вештерки“. Од почетокот на 90-те, по доаѓањето на власт на националистичката ХДЗ во Хрватска, живееше и работеше во егзил во Амстердам.
На отворањето на изложбата ќе говорат Маја Бојаџиевска и Петар Милат. КРИК 09, годинава се одржува во тематската рамка „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“.
За „Црвеното училиште“ Угрешиќ вели дека не и се страни поимите како appropriation art, intervention art,soc-art…
„Своевремено бев магепсана со концептот soc-art на уметниците Илја Кабаков, Александар Меламид, на писателот Лев Рубинштајн и други. Го открив и искривоколчениот аматеризам на Хенри Даргер, го сакам југословенскиот соц-артист Душан Оташевиќ, ги обожувам филмовите на Душан Макавеев, но мислам дека одговоротне треба да го бараме во таа насока. Јас никако не сум „уметница“, и сè што е на изложбата е рециклажа, постапка на очудување или зачудност, кои настојувам да ги постигнам со мали интервенции. Што се однесува до интервенциите и во нив користам училишни техники: повторување на мотивите, прецртување, истакнување, задскривање и слично. Кога велам дека сè е рециклажа, тоа пред сè, се однесува на материјалот со кој се служам. Нема ниту една моја реченица, ниту еден мој цртеж (бидејќи не сум уметница). Тоа, од денешна перспектива е археолошки материјал, а со тој вид археологија малку кој се занимава.“
За изложбата таа ќе напише: „Посетителите на оваа изложба ќе ги воочат остатоците од минијатурното црвено училиште купени одамна во некоја амстердамска старинарница, како и мојата опсесивна(зло)употреба на петокраката ѕвезда и српот и чеканот. Од денот кога Хрватска е прогласена за независна држава, а од тогаш до денес поминаа точно триесет години, хрватското ментално и визуелно поле постепено го окупираа свастики, црни како бубашваби, во сите големини. Петокраките ѕвезди расфрлани низ моите „дребулии“ спаѓаат во компулзивен гест на еден губитник. Иако „црвената ѕвезда“ не беше мојот идеолошки беџ, ниту пак во моето детство нејзината присутност не беше нападна, сепак, како би можело да се заклучи, судејќи по моите дела, таа стана присутна. Црвената ѕвезда не е ниту одбрана ниту заштита, ниту пак политичка стратегија. Таа е оној тивок, но постојан аларм. Beeper. Црвената ѕвезда е тука за да се постави прашањето дали сите оние свастики – бубашваби навистина нè поплавија?“
Изложбата е во организација и пријателско партнерство помеѓу Мултимедијалниот институт (Загреб) и Контрапункт/Крик – фестивал за критичка култура, и се реализира во рамките на проектот „Периферни погледи“ (Periferal visions), соработнички проект на European Institute for Progressive Cultural Policies (Виена), Контрапункт (Скопје), kuda.org (Нови Сад), Културтрегер (Загреб), Маска (Љубљана), Мултимедијален институт (Загреб), а кофинансирано е од средствата на Европска унија – Креативна Европа.
Проектот е поддржан и од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, Канцеларијата за здруженија на граѓани на Владата на Република Хрватска и Град Загреб. КРИК Фестивал 09 е поддржан од AICS Tirana во рамките на „Култура и креативност за Западен Балкан“ (CC4WBs), проект финансиран од Европската Унија кој има за цел да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание.
Концерти: „Macedonian Free Society“ и „Поетроника“ на фестивалот „Крај Вардарот Џез“
На 27 април (сабота), во Лабораториум, последната вечер од фестивалот „Крај Вардарот Џез“ ќе започне со концерт на „Macedonian Free Society“.
Нов креативен, (о)слободен, инспиративен, а во исто време предизвикувачки израз и соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез музика, во состав: Филип Букршлиев, Дени Омерагиќ, Нинослав Спировски, Владан Дробицки, Васко Бојаџиски, Гоце Наумов, Глигор Кондовски и Благојче Томевски. Месецов за „ПМГ Џез“, како 46 издание, излезе и првиот албум на „Macedonian Free Society“.
Во 22 часот ќе започне настапот на „Поетроника“, поетско – музички проект на два извонредно талентирани уметници- глумецот Оливер Митковски и еден од водечките современи македонски електронски артисти, младиот Андреја Салпе. „Поетроника“ е еден од највозбудливите музички проекти кој го иновира начинот на изведба на современа македонска поезија во форма на поетско-музички перформанс. Модерен и динамичен поглед врз македонската поезија интерпретирана од Оливер Митковски, еден од најголемите актери од средната генерација во придружба на современа електронска музика во авторство и изведба на Андреја Ристески-Салпе.
„Поетроника“ фрла ново светло на стиховите од Ацо Караманов, Гого Ивановски, Славко Јаневски, Игор Исаковски, па се до Горан Петрески, Владимир Лукаш, Оливера Ќорвезироска и Ѓоко Здравески. „Поетроника“ вчера го промовираше новиот спот за песната „Пеј ми“ која е работена според текст на Блаже Конески.
Крај Вардарот Џез Фестивал 2024 е поддржан од Министерство за култура на Р.С. Македонија и се реализира во соработка со Македонска филхармонија и едукативниот културен центар Лабораториум. Концертниот настап „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на општина Центар.
Изложба на уметничка фотографија од Глигор Кондовски во Порта Џез во Битола
Младински културен центар – Битола (МКЦ-Битола) ја организира изложбата на уметничка фотографија „Импровизации“ од Глигор Кондовски. Изложбата ќе биде поставена во кафе барот Порта Џез во Битола, во вторник 30 април, со почеток во 12.00 часот.
Во својот најнов фотографски опус, реномираниот режисер и фотограф Глигор Кондовски приоѓа апстрактно. Изнаоѓајки визуелни решенија надвор од границите на дотогашните индивидуални и глобални фотографски тенденции, тој ги поместува своите внатрешни граници и ја ослободува вештата рака. Во таа целосна слобода и предаденост во самиот чин на фотографирање, флуидноста на уметничкиот момент го носи во најсовремен фотографски израз. Фотографијата не е повеќе фотографија, таа е цртеж и слика. Преодот на ова високо фотографско ниво е свесно обмислен, а не просто-интуитивен, иако неговиот фотографски инстинкт никогаш не може да го излаже.
Изложбата е посветена на мултимедијалниот македонски уметник, продуцент и автор Мирко Попов (1972 – 2024).
Фотографиите се сценски фотографии во вид на комбинирано спојување помеѓу визуелна и аудитивна (музичка) импровизација специфична за џез музиката. Фотографиите се направени од фестивалите ПМГ Рекордингс и Крај Вардарот Џез.
Проектот на МКЦ-Битола, Урбана Агенда – поддршка на независната културна сцена е финансиран од Швајцарската Амбасада во Скопје.
Меѓународен ден на џезот во Битола: концерт на „Синот на пустината“ и мастерклас на Тони Китановски
Младинскиот културен центар – Битола (официјален младински клуб на УНЕСКО) за одбележување на Меѓународниот ден на џезот ќе организира концерт во живо на „Син пустиње“ (Синот на пустината) во вторник, 30 април, со почеток во 22.00 часот, во кафе бар Порта Џез во Битола.
„Син пустиње“ е поетско-музичка авантура на двајца уметници од Сараево (БиХ), поетот и прозаист Ахмед Буриќ, на кој му се придружува пејачот, инструменталист и истражувач на Севдах Дамир Имамовиќ. Во проектот се познатиот гитарист Тони Китановски (МКД) и Иван Михајловиќ (СРБ) на бас.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведуваат дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други ставки кои на изведбата во живо му даваат комплетна форма и атмосфера. На турнеите и концертите во Умаг, Копер, Нови Место, Копенхаген, Љубљана, Сараево, Подгорица, Кршко, Сежана, во интимни, театарски простори, публиката не криеше дека е воодушевени од оваа, за нашите краишта, нешто понова форма. на изразување, но може да се каже – класичен, во однос на начинот на создавање и презентација.
Истиот ден, со почеток во 17.00 часот во кафе барот Порта Џез во Битола, мастерклас ќе одржи легендата на македонската џез музика, гитаристот Тони Китановски. Темата на Мастеркласот ќе биде „Џез – музика на човековиот род“.
Влезот за настаните е бесплатен.
Овој концерт по десетти пат ќе ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Настаните се организираат во партнерство со Порта Џез и со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Филм: Класикот „400 удари“ на Франсоа Трифо
„400 удари“ (Les quatre cents coups) е француски игран филм (1959, 99 мин., црно бел, 35мм) во режија на Франсоа Трифо (François Truffaut), по сценарио на режисерот и Марсел Моуси (François Truffaut, Marcel Moussy), со Жан Пјер Лео, Алберт Реми, Клер Маурие (Jean-Pierre Léaud, Albert Rémy, Claire Maurier) во главните улоги.
Антоан е 14-годишно дете, лош ученик и повеќе сака да се забавува отколку да ги исполнува ученичките и домашните обврски. Неговите родители често се отсутни од дома, а Антоан е на мета на строгиот наставник по француски јазик. Еден ден, наместо да оди на училиште, тој шета низ градот при што ја здогледува својата мајка како се бакнува со друг човек. Поради тоа, тој бега од дома, а неговиот најдобар другар му помага да преноќи во една печатница. Кога се враќа дома, неговите родители се обидуваат да го поправат односот кон него и тој минува една забавна вечер со нив, но неговата среќа трае кратко, затоа што набргу потоа мајка му и очувот продолжуваат со своите караници.
Антоан повторно бега од дома и притоа ја краде машината за пишување од канцеларијата во која работи очувот. Бидејќи не може да ја продаде машината, се обидува да ја врати назад, но чуварот го открива и го пријавува кај очувот. Тој го пријавува Антоан во полиција, а потоа родителите одлучуваат да го испратат детето во поправен дом. Еден ден го посетува мајка му, која му соопштува дека нема да го примат назад дома, и тогаш Антоан решава да побегне од поправниот дом…
„400 удари“ на Трифо, еден од зачетниците на славниот француски „Нов бран“, освоил десетина награди, меѓу нив и „Златна палма“ за најдобар филм, за најдобар режисер, како и наградата OCIC на Канскиот филмски фестивал, а во 1960 година бил номиниран за „Оскар“ во категоријата за најдобро сценарио.
Филмот е на програмата на Кинотеката на 27 април (сабота) од 20 часот.