Историчарот Димитар Атанасов од Институт за етнологија и фолклорни студии со Етнографски музеј при Бугарската академија на науките, во разговор за „Локално“ вели дека „ако пред повеќе од една деценија Германија покажа зрелост и се извини за депортацијата на Евреите од Македонија за време на Втората светска војна, Бугарија се уште е во инфантилна фаза на развој“.
„Како што децата се секогаш во право во своите очи, така и постапките на бугарските политичари се секогаш исправни според денешните историчари, а нивните грешки не се должат на нивните сопствени постапки, туку на нашите идеи за ‘разбојници сојузници’ кои ја измамиле нашата добрина. Таквата гледна точка е детска. Ако функционираше кон крајот на 19 век, денес таквото толкување на историјата е непрофесионално“, порачува Атанасов.
Тој жали за синоќешната реакција на Ангел Димитров.
„Штета што голем дел од бугарските историчари, вклучително и претставниците на Бугарија во Мешовитата комисија, очигледно со мнозинство, стојат зад застарена гледна точка што не осудува да изгледаме како диносауруси и на историско поле и во меѓународните односи, кога станува збор за разбирање на минатото како генератор на ставови за денес. Сите го читавме говорот на Ангел Димитров. Морам да кажам дека тоа е веќе објавено на состаноците на Мешовитата комисија, вклучително и неодамна. Да се тврди дека институциите се невини кога депортацијата била извршена со потписи на бугарски државници е манифестација на идеолошки мотивирано слепило. Не можеме да кажеме дека тревата не е зелена“, оценува соговорникот.
Посочува дека „не постои начин да се ослободиме себеси со инсистирање дека депортацијата била посакувана од тогашна Германија“.
„Одговорноста на бугарските институции од 1941-1944 година е очигледна како зелената боја на тревата. Овде би сакал да споделам уште нешто – бугарската историска наука сè уште држи голема дистанца од повеќенасочните историски наративи и двосмислените проценки. И ова е манифестација на инфантилност – како и детските филмови, во очите на многу бугарски историчари, минатото треба да има една проценка, фактички и етички поедноставена, сведена на крајна негација или крајно прифаќање. Лицата од минатото наликуваат и на ликови од детски цртани филмови – тие се или бескрајно добри или изразени негативци“, дециден е Атанасов.
Историчарот додава дека имало и дел од бугарското општество како голем број политичари и јавни личности, како и пратениците од владејачкото мнозинство, кои спречиле депортации од предвоените граници на земјата.
„Многу Бугари им помогнале на Евреите. Тие не се спасители, туку нормални луѓе, бидејќи нема ништо понормално од тоа да му се помогне на неправедно загрозен. Важно е да се знае дека покрај овие храбри и сочувствителни луѓе, имаше и други во Бугарија. Профашисти. Оние за кои Евреите навистина требало да бидат депортирани. Габровски и Белев се симболични примери. Во Бугарија дејствуваат профашистички и пронацистички организации. Никогаш немало нацистичка или фашистичка партија на власт, ниту пак постоела бугарска влада во која доминирале истомисленици, но Евреите од Македонија, Беломорска Тракија и Пирот биле испратени во смрт“, објаснува Атанасов.
Според него, „бугарскиот народ не должи извинување за оваа постапка – вината се сноси лично, а не е наследена“.
„Децата и внуците на поранешните антисемитисти денес би можеле да бидат нормални и толерантни луѓе. Нема потреба да ги оптоваруваме со таква здробена вина. Институциите секако се одговорни. Тоа е чин од ранг на државната политика. Затоа задолжителното извинување треба да го упатат актуелните високи политички претставници – претседателот, премиерот, министрите, претседателот на Народното собрание (кога е избран), лидерите на партиите во Бугарија. Ако личната одговорност одамна е разводнета, тогаш институционалната одговорност не може да се отстрани со барањето на Ангел Димитров Бугарија да не е виновна за смртта на овие над 11.000 луѓе. Документите се достапни, видливи се потписите на службените лица. Во нивното официјално својство политичките лидери денеска мора да се извинат“, апелира историчарот.
Атанасов ја оценува како „добро одмерена изјавата на Пендаровски, кој оставил силен впечаток дека за него Бугарија повеќе не е „фашистичка држава“.
„Се чини дека дел од македонската политичка класа постепено го надминува застарениот југословенски наратив за ‘фашистичките Бугари’, кој ги генерализира сите Бугари од 1940-тите до денес како насилници и грешници. Знаеме дека тоа не е точно, но тоа е работна пропагандна алатка, воведена уште во времето на Тито како елемент на тогашната државна политика. Можеме да констатираме дека со својата изјава претседателот на Северна Македонија направи чекор понапред од бугарските политичари и историчари. Тажно е што во Скопје водечките политичари се пред идеолошки пресврт и прекин на антибугарскиот муабет, покажувајќи зрелост, но во Софија продолжува да владее инфантилизмот. Би ги поздравил и натамошните чекори на македонската политичка елита во оваа конструктивна насока. Мислам дека штом ќе се омекне тонот, логичен втор чекор би бил да се зборува за репресијата на луѓето со бугарски идентитет за време на Титова Југославија, особено во периодот до 1966 година“, вели соговорникот.
Со сличен став е и аналитичарот и адвокат по професија, Лазарин Лазаров.
„Барањето на претседателот Пендаровски за извинување за улогата на Бугарија во депортацијата на македонските Евреи го сметам за сосема нормално и верувам дека тоа е она што повеќето Бугари го мислат. Во Бугарија, всушност, немаше ‘насилни реакции’ против ова барање. Колку што има вакви реакции, тие се поврзани со се поголемата општа иритација во Бугарија дека РСМ не сака да оди по патот на францускиот предлог“, порачува тој за „Локално“.
Од друга страна, политичкиот аналитичар од Софија, Владимир Владимиров смета дека во моментов е неопходен пријателски говор од двете страни.
„Во изјавата на претседателот Стево Пендаровски и во реакцијата од Бугарија не гледам подобар тон и подобар однос и сметам дека во напнатата ситуација во која се наоѓаме, не е начинот на кој треба да разговараме за да се деескалираат тензиите“, вели Владимиров.
Според него, на прашањето дали ваквите наративи носат до нова блокада од Софија, тој вели дека „Македонија технички не може да добие второ вето бидејќи уште не ги започнала вистинските преговори со ЕУ“.
„Во однос на оваа ситуација, Македонија нема јурисдикција и не може да бара извинување од Бугарија оти времето кога се случила депортацијата Македонија не била самостојна држава и била дел од Кралството Југославија. Од друга страна, во Бугарија се уште има разговор и спор околу Втората светска војна“, објаснува аналитичарот.
Во однос на тоа дали е можно после толку години да се спречи историјата да се користи во политички цели, Владимиров укажува дека тоа е клучното прашање и тоа е основата ако сакаме да се развиваат пријателски односи меѓу двете држави.
„Историјата е ќор-сокак. Гледаме дека во изминатите години сме во него и ниту еден чекор не сме отишле напред. Што поскоро треба да ги смениме разговорите на друга тема, а тоа што не поврзува е инфраструктурата. Ако еден македонски граѓанин тргне за Белград кој што е на 500 километри, ќе стигне побрзо отколку до Софија која е на 200 километри. Тоа се клучните проблеми. Сврзани се со тоа што младите ни бегаат од државите и ние треба да бараме решенија за сериозни проблеми и откако ќе ги решиме, да погледнеме кон историјата за која треба да разговараме релаксирано и пријателски. Нашите две општества и политичките елити се уште не се зрели за таков разговор, барем во моментов“, заклучува соговорникот.
Извор: Локално