Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Курти бара од Квинта нормализацијата на односите со Србија „да не се меша“ со членството на Косово во СЕ

 Косовскиот премиер, Албин Курти, по денешната средба со претставниците на земјите од таканаречената „Група Квинта“, односно петте најмоќни држави кои имаат амбасади во Косово, изјави дека процесот на нормализирање на односите со Србија не треба да се меша со прашањето за членство на Косово во Советот на Европа (СЕ), јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението на службата за информирање на Владата на Косово, Курти на средбата со амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Германија, Велика Британија, Франција и Италија рекол дека доколку тие процеси се измешаат ќе се нанесе „непоправлива штета на дијалогот во Брисел (меѓу Косово и Србија) и на Советот на Европа“.

„Премиерот потсети дека нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија се случува во Брисел, а не во Стразбур; дека процесот на пристапување во СЕ е прашање на почитување на човековите права, демократијата и владеењето на правото, вредности кои Република Косово ги прифаќа. Овие два процеси не треба да се мешаат, бидејќи не си помагаат еден на друг. Доколку овие се измешаат, тоа би предизвикало непоправлива штета на дијалогот во Брисел од една страна и на СЕ од друга страна како институција за зачувување и унапредување на демократијата и човековите права“, се наведува во соопштението.

Според Курти, членот 7 од Основниот договор, кој зборува за обезбедување соодветно ниво на самоуправување, „не може да се извлече од пакетот на Бриселскиот договор и Охридскиот анекс“.

Косовскиот премиер додаде дека тоа не треба да се става како приоритет и во центарот.

„Тој потсети дека на 26 октомври (од српска страна) беше одбиена понудата за потпишување на Пакет-договорот, што ќе го отвори патот за целосна имплементација на Договорот, вклучувајќи го и неговиот член 7 во врска со член 10. Во оваа насока, премиерот повтори дека документот понуден како нацрт-статут (за Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово) од (посредникот на ЕУ во дијалогот меѓу Приштина и Белград, Мирослав) Лајчак за спроведување на членот 7 во врска со член 10, не е прифатен на 26 октомври минатата година во Брисел“, се наведува во соопштението.

Курти пред меѓународните претставници изјави дека Косово е најдемократската земја на Западен Балкан и дека ги исполнило условите за членство во СЕ.

„Со гарантното писмо, Косово ги исполни сите критериуми за членство, затоа секое друго барање не е во согласност со гласањето на Парламентарното собрание на Советот на Европа на 16 април, поддржано од 82 отсто (131 наспроти 29)“, се вели во соопштението.

Шефот на косовската влада ги повика земјите од Квинта, „во време кога автократииите во Европа се во подем“, на 17 мај во Стразбур да го поддржат членството на Косово во СЕ.

„Тој ги повика сојузничките држави Косово, државите од КУИНТ да го поддржат членството на Косово на 17 мај во согласност со оценките на самите институции на Советот на Европа и врз основа на заслужните достигнувања во развојот на демократијата, човековите права, владеењето на правото и неговото усогласување со западните вредности и ставови. Во време кога автократииите во Европа се во подем и сè повеќе ги нарушуваат демократијата, безбедноста и мирот, демократските достигнувања на Косово треба да се слават од западните демократии“, се вели во соопштението.

Амбасадорите на земјите од Групата Квинта денеска, без претходна најава во јавноста, го посетија Курти во неговиот кабинет во зградата на Владата. Од западните дипломати засега нема информации за текот и содржината на разговорите со косовскиот премиер. 

Зачлени се на нашиот е-билтен