За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела за вас избравме по едно дело од музиката, литертурата, театарот, телевизијата и филмот. Гледајте, слушајте, читајте…
ТВ серија: The Last of Us
Дваесет години по катаклизмичната габична зараза која го уништува човековото општество на целата планета, двајца преживеани – Џоел и Тес, тргнуваат на патување чија мисија може да промени сé.
The Last of Us („Последниот од нас“) е долгоочекуваната телевизиска адаптација на истоимената видео-игра за хорор за преживување, која првично се појави на полиците во 2013 година. Крег Мазин (Craig Mazin), автор на претходната мегауспешна ТВ серија „Чернобил“, и Ник Дракман (Neil Druckmann), креаторот на оригиналната видео игра, се здружија да го оживеат шоуто на HBO.
Сместено во 2033 година, две децении откако габичен вирус ја трансформираше светската популација во бесни чудовишта, шоуто го следи преживеаниот Џоел (Педро Паскал / Pedro Pascal) кој ја води тинејџерката Ели (Бела Ремзи / Bella Ramsey) низ пустелија кон некоја функционална болница со намера лекарите таму да најдат лек. Можеби Ели го содржи генетскиот клуч за тој спасоносен лек?
The Last of Us навистина не се занимава премногу со „зомбињата“. Слично како играта на која се базира, шоуто е најдобро кога се фокусира на малите нешта. Мали животни чуда, видени низ призмата на оваа динамична врска. Постојаната закана од зомби додава перманентна напнатост, но тоа во основа е нивното најголемо влијание. Во однос на вистинските зомби (или, како што често се нарекуваат овде, „кликери“), едноставно ги нема толку многу.
Музика: ЦД албум и мини-концерт на Добрила Грашеска и Дориан Јовановиќ
Во сабота, 18 март, 13:00 во Макка Бар (влез слободен), OFFest, Skopje Jazz Festival и Dobrila i Dorian Duo организираат промоција на вториот албум на тандемот Добрила Грашеска / Дориан Јовановиќ под наслов „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“. Промоцијата ќе биде збогатена со ексклузивен мини-концерт на ова дуо: Добрила Грашеска – вокал, лупови, и Дориан Јовановиќ – ут, лупови, електроника.
„Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е ново автентично истражување на македонското музичко наследство, на еден свој, чудесен, начин поинакво од првенецот „Апокриф“, кој едновремено и едногласно ја освои публиката и музичката критика.
Овојпат со осум мелодии, небаре разгледници од минатото со подизбришан штембил, Добрила и Дориан раскажуваат ту весели, ту тажни приказни обоени со аритмија, со темна готика или весела динамичност, но со различен пристап кон ткаењето на звукот на утот и вокалот. Имено, соочени со прашањето како понатаму, тие најдоа одговор во збогатувањето на едноставноста со помош на електронски модификатори – лупери и процесори кои на утот му додадоа уште еден куп шумови, тонови и звуци, а од вокалот извадија и радио бранови и хорови.
Од познати до непознати песни од нашево поднебје, со поинакви аранжмани и изрази, „Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено.
„Dobrila & Dorian Duo 2: Пиле шарено“ е 49то издание на SJF Records, спремно за уживање на CD, а наскоро ќе биде ќе биде достапно и за даунлоуд и стриминг.
БОНУС ВИДЕО OFFest 2020: DOBRILA & DORIAN DUO
Филм: „Летото кога научив да летам“
Дали ви здодеале акциони филмови полни со насилство, и барате некоја сентиментална приказна?
Новиот филм на режисерот Радивое Раша Андриќ,„Летото кога научив да летам“ (Leto kada sam naučila da letim / How I Learned to Fly) во српско-хрватско-бугарско-словачка копродукција од 2022 година, со Клара Хрвановиќ, Олга Одановиќ, Сњежана Синовчиќ и Жарко Лаушевиќ во главните улоги, би бил вистинскиот избор.
Сторијата за созревањето и помирувањето на дванаесетгодишната Софија (Клара Хрвановиќ) започнува со нејзината желба за кампување со друштвото, на кое можеби ќе се случи и првиот бакнеж. Сепак, Софија е приморана летниот распуст да го помине во трошната семејна куќа на Хвар, со својата напорна баба Марија (Олга Одановиќ) и откачената баба-тетка Луце (Сњежана Синовчиќ).
Без своето друштво, надвор од телефонската мрежа и без Интернет, животот на Софија е вистински „пекол“, без разлика што токму таков остров е рајска дестинација за многу странски туристи. Но, летнмата монотонија набргу е прекината со необичното однесување на баба Марија. Софија насетува дека е во прашање тајна романса, но големата истрага за љубовниот живот на бабата доведува до откривање на една долго чувана семејна тајна. Со нови пријателства, симпатии и авантури, Софија сепак ќе го доживее своето летување од соништата, а можеби и повеќе.
Андриќ им е добро познат на филмофилите по неговите стории полни со урбан шмек од преминот на двата века, „Три палми за две битанги и рипката“ (Три палме за две битанге и рибицу), „Молњи!“ (Муње!) и „Кога ќе пораснам ќе бидам кенгур“ (Кад порастем бићу кенгур).
Филмот на Андриќ победи на Меѓународниот филмски фестивал во Софија и на BUFF International Film Festival, а освои номинации за награди на уште неколку регионални и светски фестивали.
,„Летото кога научив да летам“ е на програмата на Кинотеката на 17 март (петок), 17:00 ч., и 18 март (сабота), 19:00 ч.
Книга: Роман „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски
Новиот роман на еден од најчитаните македонски писатели Венко Андоновски како неформално мото ја има сентенцата „Силната светлина заслепува неподготвено око, а блесокот на молњата може и да убие.“
Протагонистот на „Папокот на светот“, Јан Лудвиг, пред 22 години години трагаше по љубовта кон жената; романот постигна огромен успех, осовјувајќи ги наградите „Роман на годината“, „Стале Попов“, „Балканика“ и руската награда „Југра“. Во новиот роман на Андоновски, Лудвиг е во потрага по папокот на светлината. Заедно со другите ликови, тој се обидува да открие каде се раѓа онаа Светлина која ја просветлува душата и како се случува некој цел живот да ја бара неа, а некој да се задоволи да му биде облека на ѓаволот.
„Папокот на светлината“ е во знакот на Светото Тројство: тројца навидум различни раскажувачи раскажуваат три навидум неповрзани приказни, сите љубовни на свој начин, три наративи кои на крајот се сврзуваат во еден, можен роман.
На тој начин овој роман станува и нов клуч за читање на „Папокот на светот“; тројството на светлината го надминува дуализмот на светот. Дуализам кој и ќе го уништи стариот поредок, со сите негови морални вредности, и ќе го претвори во опожарена цивилизација врз чии јагленосани остатоци треба да се крене новиот свет.
„… Со секој нареден роман, Андоновски останува верен на концептот за нов начин на читање, за некоја друга, нова игра со читателот. Читателот на „Папокот на светот“ е ставен во центарот на вниманието. И читателот на најновиот, „Папокот на светлината“, е читател кој не е ни пасивен консумент ниту, пак, е надвор од самото дело (од романот/од приказната), туку е оној кој ја чита книгата, но и оној кој ја составува приказната, кој презема дел од писателовата улога, кој израснува во коавтор“, пишува, меѓу другото, во рецензијата универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова-Чепишевска.
„Папокот на светлината“ е добитник на наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобро прозно остварување за 2022 година и беше финалист во изборот за „Роман на годината“. Андоновски е автор и на романите „Азбука за непослушните“ (1994), Вештица (2006) и „Ќерката на математичарот/33,33“ (2013), како и на десетина драми, збирки раскази, поезија, есеи и теоретски трудови.
„Папокот на светлината“ е издание на Издавачкиот центар ТРИ.
Избрале: С.С., В.Л.