Љупчо ПОПОВСКИ*
Старата куќа на улицата „Пере Темелкоски“ бр. 4 во Прилеп речиси и да не го привлекува вниманието на прилепчани или на гостите на градот. Се гледа дека куќата е стара, незграпно дотерувана со пластични ролетни на тесните прозорци. Такви куќи има на десетици и десетици во Прилеп, но за оваа на „Пере Темелковски“ бр. 4 се заангажира бугарската држава да ја откупи од сопствениците за да ја заштити.
Не поради нејзината архитектонска важност (која ја нема), туку поради тоа што во неа во 1898 година е роден Димитар Талев, кој во децениите подоцна стана еден од хероите на бугарската литература. И кој, според светогледот во Софија, е еден од најдобрите примери за македонско-бугарското родно единство. Прилепчанецот Талев се изјаснувал дека е Бугарин и во неговата продуктивна кариера се залагал Македонија да влезе во рамките на Бугарија.
Не може да се каже дека Димитар Талев е „македонски национален предавник“, затоа што не е така. Тој е само продукт на времето во кое поради отоманската власт, училиштата на Бугарската егзархија, во кои се школуваа македонски деца на бугарски јазик, влијанието на дворот и владата во Софија на македонските работи и револуционерната борба, многумина во Македонија се сметаа дека се Македонци, но дека се дел од бугарската нација.
Во саботата, 1 јуни, бугарската фондација на издавачот Манол Пејков од политичката коалиција „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ објави дека купила 2/3 од куќата на Талев во Прилеп. Полураспадната куќа на Талев, кој по 1952 година стана еден од најценетите бугарски писатели, е една од поважните теми во бугарската јавност во последно време. Идеја е таа да се спаси од целосно уривање и да се трансформира во споменик на бугарската култура.
Македонското Министерство за култура изјави дека куќата на Талев не е заштитено културно наследство и дека „доколку целосно се решат имотно-правните односи околу уништената куќа на писателот Димитар Талев, реконструкцијата и нејзиното евентуално претворање во музеј мора да биде предмет на договор меѓу двете влади и релевантните министерства за култура“.
Бугарските власти уште во јуни 2023 година донесоа одлука за стекнување на имотот, но досега не презедоа конкретни дејствија.
Бугарската влада неодамна го задолжи министерот за култура Најден Тодоров што поскоро да ја истражи можноста и да ја започна постапката за купување на родната куќа на Талев во Прилеп. Бугарскиот технички премиер Димитар Главчев смета дека ова прашање не треба повеќе да се одложува и повика на итно преземање на сѐ што е неопходно за да се спаси куќата.
Но фондацијата на Пејков беше побрза од владата. „Од денеска две третини од родната куќа на Димитар Талев во Прилеп (делот за кој се обврзав лично пред година, два месеци и два дена) се бугарска сопственост. Поточно, тие се во сопственост на фондацијата ‘Манол Пејков и пријателите’ регистрирана за јавен интерес“, напиша Пејков во саботата, 1 јуни, на Фејсбук.
Издавачот наведува дека успеал да ја затвори зделката за три дена, а започнуваат итни поправки на урнатиот дел од покривот на куќата.
„Износот за стекнување на куќата е 82.500 евра (од кои 2.500 се за плаќање на локалната такса). Кон ова треба да се додадат и адвокатските трошоци (според потврдата) за 1.050 евра, со други зборови – вкупно 83.550 евра“.
Тој нагласува дека расположливите средства засега се доволни, но „долгорочно ќе биде потребно многу повеќе за поправка и (евентуално) купување на преостанатиот дел“.
Сопственичката на овие 2/3 од куќата Снежана Аческа во 2023 година побара 100.000 евра. Третината е на друг сопственик, кој категорично одбива да го продаде својот дел на бугарската држава.
Пред да се зафати со купувањето на куќата на Талев, Пејков стана познат во Бугарија како организатор на акција за купување и испорака на генератори на електрична енергија на жителите на Украина по руските напади врз електроенергетскиот систем на земјата.
Сега неговата многу долга објава на Фејсбук за тоа како течело купувањето на куќата во Прилеп, за тоа како биле пречекувани во Прилеп и Битола (одлично, според него), препораките за извонредната храна и непосредноста добронамерноста на граѓаните, ја пренесоа во целост речиси сите главни бугарски медиуми.
Актот на Пејков и неговата фондација стана познато последнава недела. Но за самиот Димитар Талев, за неговото значење за македонските работи, борбата на ВМРО, неговиот книжевен опус и поистоветувањето со бугарскиот поглед на Македонија и Македонците малку се знае во овдешната јавност. Освен во литературните кругови.
За тоа кој е Димитар Талев и какво е неговото значење за Бугарија повеќе одговори во разговор за „Независен“ дава Марјан Ѓорчев, поранешен повеќегодишен македонски амбасадор во Софија.
„Важно е да се одбележи дека Талев е роден во време кога географско-историскиот регион Македонија бил под управување на Османлиската империја. Учел во бугарското средно училиште во Солун, студирал медицина и филозофија во Загреб и Виена и словенска филологија во Софија. Образовниот и црковниот дискурс се целосно под влијание на Бугарската егзархија и училишта. Тој факт трајно ја определува неговата бугарска припадност“, вели Ѓорчев.
Според него, најважното во творештвото на Димитар Талев е неговата огромна љубов кон родниот крај, „што се изразува во сложена емоционална форма како и кај секој емигрант низ чувствата на неспокојство, душевен немир и неснаоѓање во новите услови за живот кај првите генерации на иселеници од родниот крај во други земји. Талев останува посветен кон Македонија, кон својот роден град Прилеп и во своето севкупно творештво како писател, но и во својот политички, новинарски и уреднички ангажман најпрво во царството Бугарија, а пред крајот на својот живот и во социјалистичка Бугарија“.
Меѓу двете светски војни Талев бил поврзан со крилото на Ванчо Михајлов во ВМРО и пропагирал дека Македонија треба да биде во рамките на Бугарија. Окупацијата на Вардарска Македонија во 1941 година од војските на фашистичка Бугарија Талев ја сметал за успешен крај на македонската борба.
„Несомнен факт е дека Талев бил близок соработник со многубројни дејци од историското ВМРО, во период кога водачите на организацијата Тодор Александров и Ванчо Михајлов биле под огромно влијание на бугарскиот монархистички двор. Исто така е неспорно дека Талев ги споделувал идеите за автономија на Македонија, како најскромен облик на независен и самостен суверенитет“, вели Ѓорчев и додава:
„Тој јавно го подржува Ванчо Михајлов и неговите национал-социјални идеи, како и соработка со силите на Третиот Рајх сѐ до крајот на Втората светска војна. Поради тие причини Талев е суден по победата на 9 септември на Отечествениот фронт во Бугарија и во 1944 е затворен во централниот софиски затвор, а во период од 1948 до 1952 е пратен во егзил во градот Луковит во североисточна Бугарија. Истовремено е лишен од граѓанските права и исклучен од Бугарското друштво на писатели. По доаѓањето на чело на БКП на Тодор Живков, Талев јавно се извинува и бара прошка за неговите заблудени национал-социјални ставови. По тој чин Талев е целосно рехабилитиран и е вклучен во општествено-политичкиот живот на социјалистичката бугарска држава. Неговата популарност е голема кај македонската емиграција во Бугарија, поради што тој е избран и за народен пратеник во бугарското собрание. Во период од 1953 до 1966 (кога умира) тој се вбројува меѓу најчитаните и најнаградувани бугарски писатели. Неговиот роман ‘Железниот светилник’ е рангиран на четврто место меѓу десетте најпопуларни книги во бугарската литература“, ги објаснува Ѓорчев падовите на Талев и неговото враќање во бугарската јавност.
Едно од поважните прашања е зошто токму сега во Софија се покрена ваква иницијатива околу Талев? Дали бугарските власти и другите важни нивоа во јавноста бараат начин на приближувување до македонското граѓанство по големото вознемирување со именувањето на двата бугарски клуба во Битола и Охрид по Ванчо Михајлов и царот Борис Трети. Талев сега треба да изгледа како некаков културен и граѓански мост, родениот прилепчанец, кој се чувствувал како Бугарин, да ги поврзе двете општества во многу напрегнато време.
Марјан Ѓорчев вели дека именувањето на двата клуба било непростлива грешка: „Да се воспејуваат личности коишто по своите идеолошки определби се следбеници на наци-фашистичката форма на управување во нашата држава настаната во антифашистичка борба е најблаго кажано непристојно и недобронамерно. Бугарските институции веројатно ги анализираа последиците од негативните ефекти и немањето одзив кај македонските граѓани да ги посетуваат овие клубови, како место за градење на културна соработка меѓу двата народа – бугарскиот и македонскиот.
Од тие причини, Димитар Талев, определен како Бугарин по род, а по потекло од Прилеп, е чекор напред во градењето основни предуслови за нормална работа на културни домови од друга држава.
Личностите како Димитар Талев и Иван Снегаров се личности од културата и литературата. Тие иако се декларираат како Бугари од Македонија, пишуваат за Македонија (Талев за својот роден град Прилеп, а Снегаров за Охридската архиепископија) во суперлативи, со емоција и чувство на роднокрајска припадност. Отука, таквите личности се природна врска-мост меѓу двата народа и двете држави“, нагласува Марјан Ѓорчев.
Најважното дело по кое Димитар Талев е познат во Македонија е „Железниот светилник“, дел од четиритомниот опус во кој се и романите „Преспанските камбани“, „Илинден“ и „Ви ги слушам гласовите“. „Железниот светилник“ излегува во 1952, непосредно откако е рехабилиран од бугарските комунисти по неговото покајание за врските со ВМРО на Михајлов и симпатиите за фашистичкиот режим за време на војната. Настаните во овие книги главно се случуваат во измислениот град Преспа, кој е прототип на неговиот роден Прилеп.
*Преземено од Независен.мк