Коалицијата на Зелената левица (ГЛ) и Лабуристичката партија (ПВДА) освои најголем број гласови и осум од 31-то холандско место во Европскиот парламент на денешните Европски избори во Холандија, покажуваат резултатите од излезната анкета на агенцијата ИПСОС спроведена за јавниот радиодифузен сервис НОС.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, според излезната анкета, на второто место се пласира националистичката и десно популистичка Партија на слободата (ПВВ) на Герт Вилдерс со седум мандати, пред конзервативно-либералната Народна партија за слобода и демократија (ВДД) на актуелниот холандски премиер Марк Руте со четири европратеници.
Христијанско демократскиот повик (ЦДА) и социјал-либералната партија Демократи 66 (Д66) освоиле по три места во Европарламентот, а аграрното и десно популистичко Земјоделско-граѓанско движење (БББ) два мандати.
По еден европратеник, според излезната анкета на ИПСОС, ќе имаат социјал-либералната партија Волт, демохристијанскиот Нов социјален договор (НСЦ), социјал-конзервативанта Реформска политичка партија (СГП) и Партијата за животните (ПВДД).
Излезноста на изборите изнесувала околу 47 отсто, што е за пет процентни поени повеќе отколку на претходните Евроизбори во 2019 година.
Со денешното гласање во Холандија започнаа изборите за членови на Европскиот парламент, кои низ земјите членки на ЕУ ќе се спроведуваат во следните денови до недела.