Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

По неколку месечен застој одобрен Законот за обнова на природата на ЕУ 

Министрите задолжени за животна средина на земјите членки на ЕУ на нивниот денешен состанок во Луксембург со квалификувано мнозинство го одобрија Законот за обнова на природата на Унијата, што е последниот чекор во усвојувањето на оваа регулатива кој е дел од Зелениот договор. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, процедурата за усвојувањето на Законот со месеци беше во ќор-сокак, откако тој во февруари со тесно мнозинство беше поддржан од Европскиот парламент, по што остана да биде одобрен уште од Советот на ЕУ, односно претставниците на земјите членки на блокот. 

Законот беше усвоен откако Австрија и Словачка, кои досега изразуваа резерви кон документот, го променија својот став и на денешното гласање на заседанието на Советот за животна средина во Луксембург го поддржаа законскиот текст. 

Со тоа беше обезбедено квалификувано мнозинство од најмалку 20 земји во кои живеат 65 отсто од населението на ЕУ. Во земјите кои денеска гласаа за Законот за обнова на природата живеат 66 проценти од граѓаните на Унијата. 

Законот предвидува обврзувачки цели за обнова на 20 отсто од девастираните екосистеми во ЕУ, како шуми, пасишта, мочуришта, реки и езера, до 2030 и сите останати екосистеми до 2050 година. 

Првичната верзија на законот предвидуваше поамбициозни цели, но тие беа „ублажени“ под притисок на протестите на земјоделците, кои бараа отфрлање на регулатива, со тврдење дека таа ја загрозува нивната егзистенција. Така, под притисок на земјоделците беше додадена одредба дека од некои цели би можело да  се отстапи доколку се утврди дека тие ја загрозуваат безбедноста на храната. 

Законот ќе стапи во сила 20 дена по неговото објавување во Службениот весник на ЕУ. 

Зачлени се на нашиот е-билтен