Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Сликарството на Чемерски, сликовници од Маја Мишевска, книга за Петре М. Андреевски, роман од Марта Батаља, португалски филмови

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме изложба, книги, сликовници за деца, филмови… Гледајте, читајте, слушајте…

Изложба: „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“ во МКЦ

В понеделник (24 јуни) во 20 часот во Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе биде отворена изложбата „Чемерски: Низ цртеж, отпосле“ на македонскиот уметник Глигор Чемерски (1940-2016).

Организатори на изложбата се Галерија ГРАЛ и МКЦ, со поддршка од Министерството за култура и Europe House – Скопје. Куратор на изложбата е м-р Елена Чемерска.

Во текот на 1980-тите и на почетокот на 1990-тите, Чемерски често престојувал во Париз, изложувал во галеријата Galerie du Fleuve (1983 – 2003). Постојано присутен на тамошната ликовна сцена, во тој период Чемерски реализирал повеќе изложби во таа галерија. Најголем дел од цртежите и гвашевите претставени на оваа изложба се неизложувани дела, интимни формати од колекцијата на Galerie du Fleuve, создадени во тој период – наведуваат организаторите.

Глигор Чемерски (1940- 2016, Кавадарци, Македонија) е сликар, графичар, мозаичар. Еден од најплодните македонски модерни автори, неговите дела се застапени во голем број на галерии и музеи во земјата и надвор од неа. Добитник е на голем број на награди и признанија.

Чемерски работел и како ликовен есеист и критичар, телевизиски уредник, сценограф и костимограф. Автор е и на повеќе монументални дела: „Топла Земја“ (1971, фреска, Стопанска Банка, Скопје), „Човекот и светлината“ (1975, мозаик, ХЕЦ Вруток) „Споменик на слободата“ (1981, меморијален мозаички комплекс, Кочани), „Македонија- светла земја“ и „Македонија – земјата памети“ (2006, мозаици, Кабинет на Претседател на Република Северна Македонија, Скопје) итн.
Живеел и работел на релација Скопје – Беград – Париз. Бил член на Македонската академија на науките и уметностите и почесен член на Руската академија на уметностите.

Од почетокот на 1960-тите години, во сите преобразби на неговото ликовно творештво, Чемерски интензивно се бавеше со сликата. Преку неа, тој учеше за светот и ги искажуваше своите сомнежи за „однапред зададените вистини. Зошто Чемерски денес, низ цртеж, отпосле?

И покрај сета парализирачката неизвесност на нашето време што е предизвикана од низа на горливи прашања, а чиј мотор е насилството на капитализмот, еколошката деградација, неповратното исцрпување на ресурси, геополитичките тензии и конфликти, економска нерамноправност и технолошки нарушувања, средбата со цртежите на Чемерски, кои по еден чуден и случаен сплет на околности допатуваат „дома”, произведе нешто занимливо.

Чудните хипертрофирани суштества и нивните хибридни светови, кои по зборовите на Глигор: „минале низ виделината на затворените очни капаци” – беа поттик одново да се погледне во ликовната програма која ги врзува. Целата негова ликовна поетика е во знак на еден егзистенцијален немир кој води до бескомпромисен и автентичен израз кој разрешил со умереноста. Во инсистирањето на една ликовна транспозиција на светот, тој инсистира на пресоздавање на светот во неговата слика, на редот на сликата која нудејќи се како форма и како израз, ја заменува реалноста и создава нова реалност, посилна и поубедлива од случајниот реалитет на стварноста која ја живееме.

Нурнувајќи се во сликата како суштина на културата во која се втемелени корените на сопственото несвесно, Чемерски создава простор за слобода и за делување, навраќајки се најнепосредно на своето тело и светот околу него наспроти сето отуѓување на современиот живот. Надоградувајќи ја стварноста со ова искуство, можноста за создавање и остварување на радикална промена, што е толку потребна денес, губи нешто од својата недостижност…, пишува, меѓу другото, во освртот на изложбата.

Изложбата можете да ја посетите до 9 јули. 

Книжевност: Промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ во МАНУ

Во чест на 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, на 25 јуни (вторник), во 12 часот, во Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) ќе се одржи промоција на „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“. Промотори на книгата во издание на „Арс Ламина“ ќе бидат Влада Урошевиќ, Венко Андоновски и Оливера Ќорвезироска.

Изданието, што е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, содржи 19 раскази инспирирани од ликот и делото на Андреевски. Сликата на корицата, како и илустрациите на страниците, се дело на познатиот сликар Сергеј Андреевски, кој е син Петре М. Андреевски.

Автори на прозните посвети во „Книга за Петре (Сите лица на расказот)“ се еминентни македонски автори: Влада Урошевиќ, Оливера Николова, Гордана Михаилова Бошнакоска, Димитрие Дурацовски, Томислав Османли, Блаже Миневски, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева, Венко Андоновски, Оливера Ќорвезироска, Елизабета Баковска, Калина Малеска, Владимир Јанковски, Бранко Прља, Жарко Кујунџиски, Ѓорѓи Крстевски, Ѓоко Здравески, Живко Грозданоски и Хана Корнети.

Книгата ќе биде достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.

Литература за деца: Седум сликовници од Маја Мишевска

Со цел да му помогне на своето петгодишно братче да се справи со стравот од темнината, младата авторка Маја Мишевска почнала да смислува приказни. Следувале раскази за справување со стравот од непознатото, од стекнување нови пријателства, тргнување на училиште, кои почнала да ги запишува… Така, приказните за добра ноќ прераснале во седум сликовници за сите дечиња.

Напишани од дете за дете (деца), секоја од седумте приказни на Мишевска се заокружува со некаква поентичка, дорасната за возраста на децата за која се наменети. Низ убав јазик, јасни ситуации и шарени илустрации, секое дете ќе се идентификува со јунакот исправен пред некоја пречка, навидум голема и непремостлива, зад која го чека силна порака.

„Мравката Тони“, „Бумбарот Боби“, „Гасеницата Кики“, „Бувот Оли“, „Делфинот Дуле“, „Слонот Кире“ и „Коњчето Искра“ нè учат за упорноста, другарството и дружељубивоста, за храброста, љубезноста и фантазијата на најубав можен начин – нежно и со многу љубов. Серијалот сликовници на Мишевска се минијатурни бравури за предизвиците во растењето на секое дете.

– Првата приказна ја напишав кога имав десет години. Тогаш, мојот брат Стефан беше мал и се плашеше од темнината. Пробав преку приказната да раскажам дека темнината не е ништо страшно, дека никој не треба да се плаши од неа и така се роди приказната за бувот Оли. Му ја прочитав на брат ми на англиски јазик, бидејќи во тоа време тој сакаше да зборува на англиски. На некој начин, приказната ми дозволи да му го пренесам моето искуство и да го изградам мојот однос со него. Откако моите родители ја прочитаа, ми рекоа дека е добра детска приказна што носи позитивна порака. Оттука почна идејата да креирам и други приказни на англиски јазик. Секако, и темите беа поврзани за тоа што мојот брат допрва треба да го искуси и сакав преку секоја приказна да му дадам поддршка, поттик или охрабрување во ситуациите што го чекаа допрва. Стефан сега е тинејџер, како растевме и двајцата се пронајдовме во некои заеднички интереси, но приказните останаа силна алка меѓу нас двајцата… За приказните црпев инспирација и од најразлични моменти со моите пријатели на училиште и дома и од некои веќе прочитани книги. Карактерите ги замислував како животни, за да направам разлика помеѓу секоја приказна и со цел секој од нив да биде носечки лик со којшто можеме да се идентификуваме или да се поврземе во некоја ситуација или со некоја особина. Приказните се напишани така што имаат еден главен карактер што има цел на децата да им пренесе некаква порака. Сите овие пораки треба да им помогнат на децата полесно да го прифатат светот околу нив, посочи Мишевска на неодамнешната промоција на нејзините книги.

Маја Мишевска е родена во Битола, каде што има завршено основно училиште, по што школувањето го продолжила во скопската гимназија „Орце Николов“. Последните две години од средното образование ги поминува на UWC „Адријатик“ во Дуино, Италија. Таму изучува двегодишна програма за IB-диплома. На високо (напредно) ниво ги учи предметите: економија, физика и математика, додека на стандардно ниво учи англиски јазик и литература, визуелна уметност и италијански. Како дел од програмата учествува на CAS-активности (Creativity, Activity, Service) во кои спаѓаат училишниот весник (каде што е лидер и дизајнер), танц, јога и еколошкиот тим. Моментално на „Браун“ во САД студира две насоки, компјутерска наука и родови студии.

Книгите се илустрирани од познатиот илустратор Тхе Мичо и се објавени во едицијата „Железница на чувствата“, во рамките на импринтот „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“.

Роман и филм: „Невидливиот живот на Еуридиси Гузмау“ од Марта Батаља

Среде патријархалното бразилско општество од 1940-тите години, две сестри тргнуваат по различни патишта. Гида бега од дома за да живее со лекар од угледно семејство кој на крајот ја напушта и ја остава сама да се грижи за нивното дете. Еуридиси, пак, се однесува како што се очекува од неа, станува добра сопруга, примерна домаќинка и мајка.

Но, ниту една од нив не е задоволна со својот избор и поминува многу време додека не сфатат дека среќата по која копнеат е скриена на најнеочекуваните места. „Невидливиот живот на Еуридиси Гузмау“ е оценет како длабоко хуман и креативен роман за две жени, опкружени со разновидни незаборавни ликови во мала озборувачка средина, кои им пркосат на општествените ограничувања и се борат за својата еманципација и реализација.

Според книгата е снимен и истоимениот филм, во режија на Карим Ајнуз, кој беше дел од официјалната натпреварувачка селекција на Интернационалниот фестивал на кинематографери „Браќа Манаки“ во Битола во 2019 година. Кинематограферката Елен Лувар (Hélène Louvart) ја освои главната награда, „Златната камера 300“ за исклучителната визуелна креација во филмот.

Марта Батаља (1973) е бразилска писателка и новинарка. Студирала новинарство на Католичкиот универзитет во Рио де Жанеиро, а магистрирала бразилска литература на истиот универзитет. Работела за неколку дневни весници. Во 2013 основала издавачката куќа, што подоцна ја продала.

„Невидливиот живот на Еуридиси Гузмау“ (2016) е нејзин прв роман и е преведен на повеќе јазици. Живее во Санта Моника, САД, со сопругот и децата. „Невидливиот живот на Еуридиси Гузмау“ во превод на Виолета Јагев е издание на „Антолог“.

Книгата оценета како значајно дело за женската еманципација во патријахалниот Бразил е објавена со поддршка од Специјалниот секретаријат за култура при Министерството за туризам на Бразил/Фондацијата Национална библиотека и Министерството за надворешни работи.

Денови на португалската кинематографија во Кинотека

Од 26 до 29 јуни во Кинотеката ќе бидат прикажани 4 португалски филмови со ремастерирани копии. Изборот на насловите сугерира непроценлив историски документ, создадени во центарот на  турбулентните настани во Португалија од втората половина на 20. век.

На 26 јуни (среда) со почеток од 20:15 ч, ќе биде прикажан документарниот филм „Оружје и луѓе“ (As Armas e o Povo) од 1975 година (78 мин., колор, ДЦП), во колективна режија на работниците за кинематографската дејност (Colectivo dos Trabalhadores da Actividade Cinematográfica).

„Оружје и луѓе“ е најпознатиот филм за португалската „Револуција на каранфилите“. Група на филмски режисери со рачни камери излегуваат на улиците на Лисабон за време на револуционерната недела од 25 април до 1 мај 1974 година и ги снимаат бурните политички случувања. Филмот ги комбинира големите движења на масите со говорите на Марио Соареш и Алваро Кунал и ослободувањето на политичките затвореници со улични интервјуа направени од бразилскиот режисер Глаубер Роча.

Филмот е оценет како манифест за односот меѓу киното и политиката, не само како обичен набљудувач на настаните, туку пред сè како активен учесник во револуционерниот чин.

На 27 јуни (четврток) на програмата од 20:15 ч. е играниот филм “Трас ос Монтес“ (Trás-os-Montes), 1976 година (111 мин., колор, ДЦП) во режија на Антонио Реис и Маргарида Мартинс Кордеиро (António Reis, Margarida Martins Cordeiro), со Албино С. Педро, Карлос Маргаридо Маргарида и Мартинс Кордеиро (Albino S. Pedro, Carlos Margarido, Margarida Martins Cordeiro) во главните улоги.

Филмот е португалска независна етнографска доку-фикција, еден од репрезентативните филмови на португалското Ново кино (Novo Cinema). Антонио Реис и Маргарида Кордеиро патуваат десет илјади километри и поминуваат десет месеци во монтажа. Актерската екипа е составена од натуршчици, жители на Bragança и Miranda do Douro. Станува збор за „етнофикција“ која портретира типични карактери од североисточниот дел на Португалија, прикажувајќи ги народните обичаи во величествен рурален амбиент.

На 29 јуни (сабота) од 18:00 ч. ќе биде прикажан документарниот филм „Маскарас“ (Máscaras), 1976 година (110 мин., колор, ДЦП), во режија на Ноемиа Делгадо (Noémia Delgado). „Маскарас“ ги документира подготовките и самите ритуалите што се одржуваат во регионот Трас-ос-Монтес во северна Португалија како дел од прославата на „Зимскиот циклус“, серија празници што траат од Божиќ до Чиста Среда.

В сабота од 20:15 ч. ќе биде прикажан играниот филм „Бегалец“ (A Fuga), 1978 година (110 мин., колор, ДЦП, во режија на Луис Филипе Рока (Luís Filipe Rocha), со Луис Алберто, Мариа до Сеу Гуера, Жозе Виана (Luís Alberto, Maria do Céu Guerra, José Viana) во главните улоги.

Филмот е базиран на познатото бегство на Диас Лоренсо, политички затвореник во Форт Пенише, озлогласен затвор на северниот брег на Португалија за политичките неистомисленици на тогашниот диктаторски режим. Филмот го следи патешествието на еден политички затвореник, од наместениот судски процес, тепањето од агентите на тајната служба и неговото затворање во затворот.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново