– Пратеничката група на каталонската партија „Јунтс“ (Junts per Catalunya) покрена иницијатива во шпанскиот Парламент да ѝ предложи на Владата во Мадрид признавање на Косово како суверена држава, јавија медиумите во Приштина, повикувајќи се на извори во партијата и на наводи во шпанските медиуми.
Жосеп Алај, шеф на кабинетот на партискиот лидер, Карлес Пучдемон, изјави за порталот „Газета експрес“ (gazetaexpress.com) дека шпанскиот Парламент ќе расправа и ќе гласа за предлогот за признавање на Косово во текот на утрешниот ден, 25 јуни.
Во оваа иницијатива, доставена до Парламентот на 5 јуни, се тврди дека Косово е правна и демократска држава со 1,7 милиони жители, која е признаена од над 100 земји, меѓу кои и 22 членки на Европската унија.
Според шпанскиот медиум „Еуропа прес“ (europapress.es), „Јунтс“ во иницијативата потсетува на одлуката на Меѓународниот суд на правдата од 2010 година дека прогласувањето на независноста на Косово не го прекршува меѓународното право. Одбивањето на Шпанија да го признае Косово, според каталонската партија, го спречува вклучувањето на Западен Балкан во ЕУ и го дестабилизира регионот во време на тензии поради војната во Украина.
Како што пренесува МИА, „Јунтс“ истакнува дека е неприфатливо Шпанија со непризнавањето на Косово да ја следи истата стратегија како Русија, Кина и Белорусија. Освен тоа, се посочува дека Шпанија веќе има индиректни односи со Косово и од јануари ги признава косовските пасоши.
Предлогот на „Јунтс“ бара парламентот да побара од шпанската влада веднаш да ја признае Република Косово како суверена држава.