Како Кристалина Георгиева, порасната зад Железната завеса се пробива до врвот на глобалниот финансиски систем? Патот на успехот на извршната директорка на Меѓународниот монетарен фонд го опишува британски Телеграф.
Нејзините зборови ги слушаат премиерите, министрите и банкарите од целиот свет. Бугарската економистка е извршен директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), една од најмоќните финансиски институции во светот, во која членуваат преку 190 земји.Фондот под нејзино раководство вбризга 1 трилион долари во глобалната економија за да се справи со пандемијата што со години влијаеше на глобалната економија. А зборовите дека британската економија е во добра состојба Џереми Хант ги толкува како една од причините зошто Британците на претстојните избори ќе гласаат за ториевците.
ММФ беше создаден во 1944 година заедно со Светската банка додека Втората светска војна се приближуваше кон крајот за да помогне во управувањето со светските девизни курсеви. Денес ММФ се препознава по гаснењето на економските пожари предизвикани од преголемите долгови и врз основа на економските прогнози на оваа институција. Но, оваа улога ндонесе и обвинувања за претерано политизирана финансиска инстотуција. Пекинг дури го обвини фондот дека е песимист во однос на прогнозите за кинеската економија.
Јасно е дека Георгиева може да ги издигне или да ги уништи финансиите на една нација – но која е навистина Кристалина Георгиева?
Шефицата на ММФ е ќерка на дуќанџија и градежен инженер, која пораснала скромно зад Железната завеса. „Моето семејство не беше богато“, вели таа. Нејзиниот татко е внук на Иван Каршовски, познат револуционер кој помогнал во изградбата на бугарската држава по ослободувањето. Како потомци на борците за независна Бугарија, Георгиева и нејзиното семејство се далеку од идеологијата на комунизмот. Нејзиниот постар брат, уметник, бил дури и затворен поради обидот да ја напушти земјата. Кога дојде време да студира, таа аплицираше за место на сегашниот Универзитет за национална и светска економија во Софија. Поради нејзиниот брат, сепак, нејзиниот прием многупати беше одложуван.
Како дете кое растело во комунистичка Бугарија, Кристалина немала пристап до луксуз. Во споредба со неа, Кристин Лагард е типичен претставник на средната класа. Скромната позадина на Георгиева е сила, тврди таа. „Имам лично искуство со штетите што лошите политики можат да им ги направат на луѓето“.
Искачувањето од предавалните во Софија до врвот на ММФ во Вашингтон, преку Европската комисија и Светската банка, бара квалитети. Својата дисциплина ја гради уште на рана возраст. Многу Бугари за време на празниците ги испраќале своите деца од градот на село. Георгиева летува во Љубимец, во близина на грчката и турската граница, со баба и дедо. Во зори оди на нива и помага во берењето на тутунот. „Моите баба и дедо ме научија дека треба да се работи“, вели таа.
Општиот недостиг за Бугарите бил вообичаен, а Георгиева се сеќава дека посетила продавница во која се продавале само шишиња оцет. „Ништо друго“, вели таа.
И додека „работната етика на Георгиева беше формирана во Бугарија, многу од нејзините ставови и идеи се родени во Лондон“, вели таа. „Лондон во август 1987 година беше град полн со идеи. Маргарет Тачер тукушто беше реизбрана за премиер, само неколку месеци откако Бритиш Ервејс беше приватизирана и котирана на берзата. Влијателна е и Лондонската школа за економија (LSE), која може да се пофали со алумни, вклучувајќи ги финансиерот Џорџ Сорос и Ли Куан Ју, основачот на модерен Сингапур и други.
Со само 21 фунти во џеб, таа ја отвори својата прва банкарска сметка на 34-годишна возраст. Го штедела секој остаток од нејзиниот месечен додаток од 361 фунти што не го потрошила за кирија или храна за да купи учебници по економија. „Во Бугарија се вратив со еден куфер облека и најмалку пет со книги“. Но, Бугарија била уништена. „Немаше ништо во продавниците, а кога велам ништо, мислам на ништо“.
Сепак, тоа не ја спречува… Откако помина некое време на Фиџи како визитинг професор – првата Бугарка што некогаш стапнала на тој архипелаг, во раните 90-ти години Георгиева сфатила дека сака засекогаш да ја напушти родната земја.
Користејќи го својот докторат по економија и заштита на животната средина, аплицирала за работа во Светска банка и во 1993 година и се преселила во Вашингтон. Веројатно ниту еден друг шеф на ММФ (таа е 12-та) немал толку тешка прва година. Таа започна во октомври 2019 година и во првите месеци од пандемијата спиеше четири часа навечер.
„Имаше таква неверојатна неизвесност, така што способноста на Фондот да се засили беше апсолутно неопходна“ за да се поддржи економијата што „запираше“.
Само во првата година од пандемијата, ММФ одобри над 100 заеми на 85 земји. Обемот на работа го направи својот данок за нејзиниот тим. „Постои перцепција дека ние сме куп бирократи во темни костуми и тоа е сè што правиме“, вели таа. „Но, всушност ММФ е многу грижлива институција која се истакнува во време на криза“.
„Можам да спијам во авиони, тоа е мојот спас“, вели таа, мислејќи на нејзиниот бескраен обем на работа.
„Тоа е реалноста на мојата работа. Секогаш кога патувам, има луѓе во Вашингтон на кои можеби им требам за нешто и, во зависност од временската разлика, тоа обично ми го јаде одморот“, вели.
Сè уште се сеќава на времето кога го пропуштила роденденот на нејзината ќерка.
„Бев во канцеларија со мојот куфер. Работев во Светска банка и тогаш имаше мала криза. И не успеав. До денес се сеќавам и моето срце крвари дека ме немаше на тој роденден“, се сеќава Георгиева.
Георгиева му оддава почит и на нејзиниот сопруг Кино Кинов, инженер кој останал во Софија да се грижи за нивната ќерка кога таа била мала.
„Без него ништо од ова немаше да биде возможно. Тој е многу скромен човек и многу, многу горд на мене“, вели таа.
На 70 години и на почетокот на нејзиниот втор петгодишен мандат како извршен директор, Георгиева вели дека една од нејзините најдобри квалитети е тоа што „се сеќава на сите добри и заборава на сите лоши работи“.
Се сеќава и на еден инцидент што за малку ќе ја окончаше нејзината кариера. Георгиева беше обвинета дека вршела притисок врз претставници на Светска банка да ја зајакнат позицијата на Кина во нејзиниот годишен извештај „Дуинг бизнис“. Влијателниот документ ги рангира земјите според тоа колку се пријателски настроени кон инвестициите. Таа беше обвинета дека играла клучна улога во обидот да се подигне позицијата на Кина во 2018 година. Ова, исто така, поттикна целосно отстранување на извештајот. Таа ја дефинира целата епизода како болна страница во нејзиниот живот.
Нејзиниот престој во Лондон остави траен впечаток не само од интелектуален аспект.
„Дали знаете зошто сум толку опседната со боите?“ Од првиот ден кога прошетав низ Лондон, моето чувство беше слобода, вклучувајќи ја и слободата да носам што и да ми се допаѓа. И сфатив дека многу сакам да носам бои. Мојата идејата за овој премин од комунистичка Бугарија во Лондон е како во филмот ‘Волшебникот од Оз’. Имате црно-бела слика која оди во боја“, објаснува Георгиева.
Профилите на Георгиева на социјалните мрежи се полни со сакоа во живописни нијанси (таа има шест во нејзината омилена црвена боја). Судејќи според нејзиниот Инстаграм, изгледа дека поседува стотици од овие сакоа, пишува Телеграф. На прашањето каде ги чува, Георгиева вели: „Значи, еве една приказна на која не сум особено горда, но е вистинска приказна. Морав да се преселам пред две години бидејќи целосно ми снема простор во гардеробата. Сега имам простор. Имам соба во која ги чувам сите мои сакоа”.
Сепак, таа и нејзиниот тим се претпазливи да не се прикажат себеси како некој вид на глобален финансиски мозок. Напротив, таа е загрижена личност и се обидува да го сврти вниманието на светските лидери на проблемите.
„Кога луѓето се лишени од можностите да видат како се подобрува нивниот и животот на нивните деца, тие излегуваат на улица, а тоа ја ослабува нашата способност да се справиме со проблемите“, вели Кристалина.
Таа е загрижена дали ќе се справиме со уште една глобална криза ако земјите се грижат само за себе. Кина и САД се оддалечуваат. Руската инвазија на Украина го подели светот. Протекционизмот е новото нормално. Таа ги повикува сите земји да ги „средат своите куќи“, фигуративно кажано, додека можат. Завршува со предупредување.
„Ако не, означете ги моите зборови, тоа можеби нема да се случи во следните пет години, но ќе доживееме нов шок од размерите на сегашниот. Дали лесно ќе го надминеме? Се сомневам…“, ја заклучува исповедта на Георгиева за британски Телеграф.