Марко КОСТАНИЌ
Светот без моќна левица е мошне бизарно место. Причината е сосема едноставна: ако не постои популарна лева опција која барем донекаде нуди алтернативна економска политика, тогаш се отвора простор за (екстремно) десна критика на современата капиталистичка економија која, благо речено, не е баш опремена за една таква задача. Па така можеби и најзастапен облик на критика последниве години беше оној кој мултинационалните компании и инвестициските фондови ги прогласуваше за агенти на „воук“ левицата. Значи, десницата застана во одбрана на обичните луѓе во конфликтот со левичарските капиталисти кои во секторите за човечки ресурси ги промовираат идеологијата за различноста и останатите „болести“ на современиот свет. Излезот од таквата бизарна поделба на политичките улоги се чинеше толку невозможен што и бројни левичари почнаа да се согласуваат со неа и десницата да ја третираат како уверлива алтернатива и инспирација. Или едноставно се работеше за комбинација на интелектуална мрзеливост и политички опортунизам.
Се чинеше дека сме во магичен круг. И тогаш во својство на случаен деконтаминатор на општествено-политичката реалност на сцената се појави францускиот претседател Емануел Макрон. По дебаклот на изборите за Европскиот парламент го распушти националниот парламент и закажа итни избори. За евентуалните мотиви за препуштање на власта на Марин Ле Пен веќе пишувавме, а во меѓувреме се случи и консолидација на левицата во форма на „нов народен фронт“ кој сериозно ѝ конкурира на десницата. Своевидната редукција на политичкиот конфликт ги вознемири и пазарите. Како што знаеме, пазарите никогаш не се анонимни и зад маската на објективноста се кријат и конкретни интереси на конкретни актери. Ним им се обрати и Фајненшл Тајмс во надеж да дознае како дишат во овој политички момент.
Француските финансиски и корпоративни лидери изразија голема загриженост. Но и многу лесно избраа страна. Со зборовите на еден од нив, до пред две недели се чинеше речиси невозможно деловните лидери да му пружат поддршка на Национален фронт чии антиимигрантски политики и лабавите пресметки на фискалните кратења сугерираа голема политичко-економска неизвесност. Но се чини дека не постои таква неизвесност која би ја исплашила буржоазијата повеќе од извесните повисоки даноци и редистрибуцискиот пресврт кој го нуди новиот народен фронт. Иако од перспектива на историјата и традицијата на левите економски политики програмата на француската левица се чини скромна, претставниците на капиталистичката класа не одолеаја да ја прогласат за сигнал за напуштање на капиталистичката економија. И да го истакнат Национален фронт за пожелен политички партнер зашто нивната програма всушност не отскокнува од вообичаениот колосек. А тоа, наведува статијата, многу брзо го потврдија и челниците на партијата за време на состанокот со најважните претставници од деловниот свет.
И одеднаш се вративме во покохерентниот политички контекст. Покохерентен во смисла дека поделбата помеѓу десница и левица е политички и семантички стабилна и дека се соголени приоритетите на капиталот. Тоа е дамнешна историска лекција која со слабеењето на левицата излезе од курикулимите. А таа гласи дека капиталистичката класа, ако е принудена на избор, како на пример во меѓувоениот период, помеѓу социјализмот и фашизмот секогаш се одлучува за фашизмот. Во конкретниот француски пример не се работи ни за социјализам во политичката содржина ни за фашизам во техничка смисла. Но затоа лекцијата е уште помоќна: доволна е само популарноста на основните редистрибуциски програмски барања за да се деконтаминира политичкиот простор и да се исчисти од бизарните поделби на улогите и теориите на заговор. Не е воопшто лесно да се дојде до таа цел – тоа бара комплексна политичка работа – но барем е едноставна и јасна.
Превод: Алек Кузмановски
Карикатури: Arcadio Esquivel
Извор: https://www.bilten.org/
Презџемено од Окно.мк