Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Чад и оган“ – нова збирка раскази од Паскал Гилевски

Во издане на „Матица македонска“ од Скопје, излезе од печат збирката раскази „Чад и оган“ од современиот македонски писател Паскал Гилевски.

На страниците од своето ново дело авторот застапува тринаесет раскази создавани во последните години.

-Неговите раскази се проткаени со поетски лиризам и метафоричност. Во прозниот исказ на овој автор постојат автохтони лингвистички јадра од неговиот костурски говор. Тој од специфичен агол ја разгледува егејската трагична судбина. Силен впечаток во расказите оставаат потресните судбини на луѓето, особено на оние кои беа принудени да го напуштат своето родно огниште, за да се најдат во непознати прифатилишта, меѓу непознати и туѓи луѓе, осакатени од војната, понижени од недемократските режими и крајно потиштени. Кулминација на таквата судбина е тоа дека тие невини луѓе ни мртви не можат да бидат погребани во родниот крај, зашто за нив и по смртта нема амнестија, се нагласува во редакциската препорака на делото „Чад и оган“.

Паскал Гилевски, (Сетома, 1939) е автор на делата „Брегум-брегум“ (поезија, 1973), „Толкување на уметноста“ (есеи, 1977), „Бегство“ (поезија, 1983), „Глава“ (раскази, 1984), „Знаме во пазувите“ (поезија, 1985), „Зоја“ (роман, 1985), „Животот на песната“ (поезија, на унгарски, 1985), „Двајца црнци зборуваат македонски“ (лирска монодрама, 1986), „Стража“ (раскази, на српски, 1987), „Небесна и земна љубов“ (роман, 1989), „Бездомници“ (раскази, 1989), „Ангели на прогонството“ (роман, 1993), „Ќорсокак“ (роман, 19993, „Поетика на два брега“ (есеи, 1995), „Скомраз“ (роман, 1997), „Расчекор“ (раскази, 1999), „Куќа полна гости“ (поезија и препеви, 1999), „Меланхолија“ (поезија, 1999), Избрани дела I-V (1999), „Повредена интелигенција“ (публицистика, 2000), „Скопски зори“ (раскази, 2001), „Романтизам“ (студија, 2004, со Раде Силјан), „Остров во пеколот“ (роман, 2005), „Од мугра до мугра“ (критики и есеи, 2007), „Нежниот бунтовник“ (роман, 2012), „Посмртна венчавка на моите родители“ (роман, 2014).

Избори од неговата поезија и раскази се преведени и објавени во Унгарија, Романија, Италија, Франција, Србија, Словенија, Црна Гора, Украина, Бугарија, Грција, Турција, Чешка, Полска, Шпанија, Канада, Кина, Кореа и др.

Зачлени се на нашиот е-билтен