Александра ТОДОРОВИЌ
„Живеј како што знаеш, но умри значајно“ – овие зборови ги отсликуваат животот и делото на Рајна Алексова, првата жена аптекарка во Македонија и на Балканот. Со својата истрајност и љубов кон учењето, таа се издигна како вистинска хероина и инспирација за младите генерации. Низ нејзиниот животен пат, исполнет со многу предизвици, Рајна оставила длабока трага во историјата и ја заслужува нашата почит.
Рани години и образование
Рајна Алексова е родена на 25 декември 1882 година (15 јануари 1883 година) во Битола. Таа потекнува од семејство кое имало голема почит кон образованието и фармацевтската професија. Нејзината мајка ја всадила љубовта кон учењето, додека нејзиниот татко ја мотивирал за аптекарството. Оваа комбинација на влијанија играла клучна улога во обликувањето на нејзината личност и амбиции.
Основното образование го завршила во француското училиште во Битола, каде што се запознала со западната култура и методите на учење. Средното образование го продолжила во француската гимназија во Солун, каде што уште повеќе ја продлабочила својата љубов кон науката и образованието. Подоцна, таа дипломирала на факултетот во Лозана, Швајцарија, станувајќи првата дипломирана фармацевтка на Балканот.
Тешки моменти и успеси
Животот на Рајна Алексова не бил ни малку лесен. На млади години ги изгубила родителите и својот брат, па единствено семејство ѝ останал нејзиниот постар брат, Ристо. Ристо го забележал нејзиниот потенцијал и направил сѐ што било во негова можност за да ѝ помогне да успее. Тој ја презел обврската да го плати нејзиното школување, овозможувајќи ѝ да го продолжи образованието и да стане фармацевт.
Веднаш по дипломирањето во 1906 година, Рајна Алексова сакала да отвори сопствена аптека. Меѓутоа, таа се судрила со тогашните турски закони кои не дозволувале жените да обавуваат аптекарска професија. Сепак, Рајна не се помирила со тоа и испратила барање до властите во Цариград, молејќи „за добро на народот во Битола“ да ѝ се овозможи да отвори сопствена аптека. Во меѓувреме, работела како милосрдна сестра во Ќустендил и подоцна во бугарската болница „Евлоги Георгиев“ во Цариград.
Во февруари 1908 година, Рајна почнала да работи како учителка по хемија во женската гимназија во Едрене. Со промените по Младотурската револуција, Рајна Алексова добила дозвола да работи како аптекарка. Таа веќе во 1909 година работела во аптеката на нејзиниот брат во Битола, а подоцна ја откупила и продолжила да работи во неа до своето пензионирање во 1944 година.
Влијание и наследство
Приказната за Рајна Алексова е приказна за упорност и истрајност. Нејзината љубов кон учењето и пасија за аптекарството ја направиле историска фигура. И покрај тешките времиња и бројните несреќи, таа не се откажала од својата цел. Рајна оставила неизбришлива трага во историјата и нејзината приказна сѐ уште инспирира.
Животот и делото на Рајна Алексова се одраз на храброста и решителноста на жените кои се борат против бариерите и стереотипите на своето време. Таа успеала да стане првата жена аптекарка со диплома, што претставува значајно достигнување за жените на Балканот во тоа време. Со својот пример, Рајна ги отвори вратите за многу други жени да ги следат своите соништа и амбиции.
Балканските војни и Првата светска војна оставиле вистински хаос во Битола, која се наоѓала на линијата на Македонскиот фронт. По Првата светска војна, во 1919 година, била испратена комисија од тогашното Министерство за народно здравје на Кралството на СХС за да ги провери условите за работа во сите аптеки. И покрај тоа што најдобро работела во Битола, аптеката на Рајна Алексова била парично казнета со 30 динари заради неисполнети стандарди.
Рајна Алексова водела работни аптекарски дневници, кои денес се чуваат во Историскиот архив во Битола како „Фонд на аптеката на Рајна Алексова“. Во нејзината аптека ординирале и препишувале лекови познатите лекари Александар Дума, Илија Аждари и Анастас Христиди.
Рајна Алексова починала од насилна смрт на 23 февруари 1959 година во својот дом во Битола, била убиена од страна на потстанарите.
Овација и признавање
Авторката Оља Петрушевска Томова преку својата книга „Сагата за Рајна“ ја доловува нејзината животна приказна на автентичен народен дијалект, со живописни описи и длабоки емоции. Книгата е извонреден пример за истрајноста на една жена која се бори против бариерите и стереотипите на своето време. Со својот стил на пишување, Оља успева да ја пренесе суштината на животот на Рајна, правејќи ја приказната незаборавна.
„Живеј како што знаеш, но умри значајно“ – мотото на Рајна Алексова останува врежано како инспирација за сите генерации. Нејзината историја е сведоштво за важноста на образованието, семејните вредности и поддршката кои се клучни за успехот на секој поединец. Низ нејзината приказна, Рајна Алексова не само што оставила свој белег во историјата, туку и поттикнала многу генерации да ги следат своите соништа и да веруваат во своите способности.