Настапот на пијанистките Марија Ѓошевска и Славица Мицовска-Смилевска, беше од оние концертни вечери на годинешново „Охридско лето“ кога добрата енергија и взаемно уживање струи меѓу уметниците и публиката.
Следејќи ги солистичките кариери и педагошката дејност на пијанистките, што со голема посветеност ги развиваат низ годините, за очекување беше на нивното рециталско дебѝ, како четирирачно пијано-дуо во црквата Св. Софија, да се претстават со одличен перформанс (на свеченото затворање – Бахова вечер на фестивалот „Златна лира“ во 2020 имаа забележителен настап со оркестарот „Профундис“). Тоа се оставри низ сите аспекти на изведбата: содржински, во техничката подготвеност и во креирањето на уметничкиот чин. До толку повеќе, бидејќи овој вид музицирање е деликатна камерна формација на темперираниот инструмент што изискува максимална усогласеност на двајцата солисти.
За „Охридско лето“ пијанистките Ѓошевска и Мицовска одбраа комплексна програма сочинета од оригинални дела за четирирачно пијано (Моцартовата Соната во Це-дур К.521 (од 1787 г.) и Равеловата свита „Мојата мајка гуска (од 1910 г.)) и оркестарски свити во пијано-дуо транскрипции („Пер Гинт“ бр. 1 оп. 46 (од 1888 г.) и „Пер Гинт“ бр. 2 оп. 55 (од 1893 г.) од Едвард Григ како и „Шпанската рапсодија“ (од 1908 г.) од Морис Равел). Репертоарскиот концепт, ни малку лесен, во целост кореспондираше со сродните сензибилитети на пијанистките, а во исто време беше и прилика публиката да ужива во прекрасна музика.
Уште првите тактови од познатата тема “Morgenstemning”, прозвучи „свиленкаст“ и мек тон од делотprimo на Марија Ѓошевска надополнет со длабока сонорност во secondo на Славица Мицовска, со што создадоа оркестарски волумен од пијаното и нé воведоа во имагинативниот свет на Едвард Григ и неговите „звучни слики“ од Скандинавија. Се менуваа контрастни расположенија во ставовите од свитите „Пер Гинт“ – скерцозност и гротеска во „Пештерата на планинскиот крал“ и „Арапскиот танц“, енергичност и цврстина во „Вечерната морска бура“, меланхолична елегија во „Песна на Солвејг“, а сето тоа низ демонстрација на бујна пијанистичка техника: чисти двојни ноти и октави, бистро staccato, долги фрази во legatissimo.
Моцартовиот класичен стил во Сонатата во Це-дур беше централна точка на концертот, како одличен контрапункт кон нагласено романтичниот манир на Григ и Равеловата импресионистичка непредвидливост. Оваа ведра композиција – потполн одраз на Моцартовиот музички говор, уметниците ја отсвиреа разбирливо креирајќи ги обележјата на сонатната форма, низ прецизно и усогласено отсвирени шеснаестински пасажи во унисон и цврст ритам во првиот став Allegro, елегантно и музикално водени мелодиски линии во Andante, вториот став. Со посебно внимание, пијано-дуото го изведе третиот став, Allegretto. Во ова рондо, напишано на типично моцартовска „детска“ тема, наполно дојде до израз даровитоста на двете пијанистки. Креирајќи дискретни „задршки“ и микро-рубата од метриката, со многу вкус и мерка, ни ја прикажаа уникатноста на ненадминатиот класичар, толку голем и во хуморот и во играта. Слушнавме одличен Моцарт!
Тука би ги истакнале интерпретациските посебности на двете пијанистки: Марија Ѓошевска го носи движечкиот, водечки импулс во изведбата, а Славица Мицовска со делумно повоздржан и одмерен тон ги обликува звучните финеси. Резултатот е одличен тонски баланс што во целост го извлекува потенцијалот на нивниот инструмент.
Двете свити од Морис Равел, како завршница на концертот, повторно, беа своевиден колаж од пејсажи и танци претставен преку сиот тонски колорит на пијаното. Се чинеше творечката уникатност, програмност и онаа постојана тенденција за тонско „сенчење“, „боење“ кај Равел е сосем природен простор во кој нашето дуо наполно комотно ги покажува својот талент и зрелост. Со видливо уживање „пловеа“ низ „Паваната“, свиреа „сонливи“ пијанисима во „Ноќниот прелудиум“, „танцуваа“ во пентатониката на „Пагодите“ и неодоливите „Малагења“ и „Хабанера“, заокружувајќи ја со виртуозен звучен огномет и динамичка кулминација во завршниот „Фестивал“. Одблесоците на заводливиот шпански шмек, можат да ги понесат уметниците и да ги втурнат во баналност и претерување. Напротив, нашите две уметници, мошне вешто, со благородничка грациозност и одмерено донесени динамички градации, ни ја претставија Равеловата автентична визија кон иберискиот огнен фолклор – рафинирано и воздржано. Равел беше и вистински подиум за приказ на нивниот уверлив и сигурен виртуозитет.
Во целина, пијанистичката нтерпретација на пијано дуото Марија Ѓошевска и Славица Мицовска, ја забележуваме како интелигентно и педантно осмислена креација, која сепак плени со топлина и непосредност и ни открива дека на сцената слушаме особено даровити уметници чие дишење и мисла се прелеваат во едно. Тој израз со леснотија допира до публиката.
Би сакале, богатата концертна вечер што ни ја приредија на „Охридско лето“ да биде вовед во една инспиративна музичка приказна што често ќе ја слушаме во иднина.
Викица Костоска Пенева – музиколог