Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зошто на Орбан му требаат „нелиберални сојузници“ од Западен Балкан?

Од 1 јули Унгарија го презеде ротирачкото претседателство со ЕУ под официјалната парола „Да ја направиме Европа повторно голема“. Создавањето поблиски врски со земјите од Западен Балкан е дел од поширокиот пристап на Унгарија кон југоисточното отворање, чија цел е да ги развие трговските и инвестициските врски со источните земји. Иако Србија останува најблискиот сојузник на Унгарија, премиерот Виктор Орбан воспостави силни политички и економски врски со Северна Македонија и со ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина, се вели во анализата на хрватски ИРМО – Институт за развој и меѓународни односи.

Анализата ја уреди и за објавување ја подготви Соња Танеска:

И покрај фактот што Унгарија се залага за вклучување на Западен Балкан на единствениот пазар на ЕУ, Будимпешта често беше цел на критики од Брисел за создавање нелиберални сојузи во регионот. Авторот анализира и како решеноста на Кина да продолжи да инвестира во Србија и Унгарија, што беше реафирмирана во мај при посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг, ќе влијае на геополитичката ситуација на земјите од Западен Балкан и нивниот пат кон ЕУ.

Сепак, таа не инсистира на реформи на владеењето на правото и усогласување на земјите кандидати со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Напротив, унгарскиот еврокомесар Оливер Вархеји беше критикуван дека ги занемарил овие неопходни критериуми, па дури и ги „полирал“ извештаите за напредокот на пристапот на Западен Балкан во ЕУ. 

Никола Груевски и унгарскиот премиер Виктор Орбан во 2018 година во Охрид

Иако приоритет на Будимпешта е да ја поддржи интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, тоа всушност го поткопува целиот процес во исто време, заклучува ИРМО.

Унгарија и Западен Балкан по враќањето на Виктор Орбан на власт

Присуството на Унгарија на Западен Балкан значително се зголеми по враќањето на премиерот Виктор Орбан на власт во 2010 година, a неговата главна цел беше и останува да ги развие трговските и инвестициските врски со источните земји. Иако никогаш не беа прецизно дефинирани, во периодот кога се најавуваше овој надворешно-политички пристап, односите со Кина, Русија, Азербејџан и други беа продлабочени во обид да се позиционира Унгарија како „мост“ меѓу Истокот и Западот, се вели во анализата.

Западен Балкан беше инкорпориран во оваа политика од слични причини – за да се зацврсти улогата на Унгарија како регионална сила што ќе го зголеми меѓународното влијание на Унгарија од една страна, а од друга страна ќе ја консолидира нејзината домашна моќ. Будимпешта се стреми кон оваа цел да ја трансформира земјата во клучниот играч во Централна Европа преку поттикнување блиски врски со земјите од Западен Балкан.

Историјата на регионот, географската близина и присуството на унгарско малцинство во некои делови, го направија Западен Балкан јасен предмет на интерес за Унгарија. Сепак, не сите шест земји имаат исто ниво на воспоставени односи со Будимпешта. Србија се издвојува како најистакнат сојузник на Унгарија, со забележителни односи, исто така меѓу блиските соработници на Орбан е и Милорад Додик, претседател на ентитетот на Република Српска во Босна и Херцеговина како, но исто така е многу важен и сојузот со десничарска партија ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија, почнувајќи од поранешниот осуден премиер Никола Груевски, кој ужива унгарски азил, но ништо помалку и со новиот премиер Христијан Мицкоски.

Како што анализира ИРМО, овие сојузи се засноваат на заеднички нелиберални ставови и практики во однос на владеењето на правото, човековите права и слободи. Всушност, тие ги легитимизираат сопствените нелиберални режими поддржувајќи ги меѓусебните недемократски практики и нормализирајќи ги и домашно и на меѓународно ниво.

Орбан бара сојузници за формирање нелиберален блок

Во мај 2023 година, министерот за надворешни работи, Петер Сијарто, учествуваше на митинг организиран од владејачката партија во Србија. Партнерството со Србија достигна дури и стратешко ниво, објавено во мај 2023 година кога унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, учествуваше на митингот организиран од владејачката партија во Србија. Тој дури и стави фокус за „историското пријателство“ меѓу двете земји, кое практично беше официјализирано следниот месец кога беше формиран Советот за стратешка соработка меѓу Србија и Унгарија.

Конкретните цели на Советот не се прецизирани. Од изјавите на функционерите може да се заклучи само дека формирањето на Советот и потпишувањето на бројни билатерални договори за соработка го потврдуваат меѓусебното почитување, пријателство и блискост на двете земји. Иако овие соработки се вкоренети во идеолошката компатибилност, тие имаат многу практична позадина. Унгарија има значајни интереси кон регионот, а сето тоа може да се проследи наназад во поддршката на забрзаниот пристап на Западен Балкан во ЕУ. Оваа поддршка е мотивирана од политичките, економските и безбедносните интереси на Унгарија.

Политички интереси за Унгарија, која често се перципира како „креатор на проблеми“ во ЕУ и критикувана за демократско назадување и спротивставување на основните вредности и одлуки на ЕУ, би било поволно да има режими со истомисленици во ЕУ.

Ова би можело да помогне да се формира потенцијален нелиберален блок и затоа да се намалат притисоците што доаѓаат од Брисел и другите земји-членки на ЕУ. Ова е особено важно сега, со војната во Украина која предизвика несогласувања внатре во Вишеградската група, а особено ги затегна односите на Унгарија со земји како Полска кои некогаш меѓусебно се поддржуваа против притисоците на Брисел.

Идеолошко усогласување меѓу Фидес, а особено владејачката партија во Србија (СНС), партијата на Милорад Додик (СНСД) и македонската партија ВМРО-ДПМНЕ, обезбедува основа за взаемна поддршка во ваквите политички одлуки кои се однесуваат на надворешната и безбедносната политика.

Унгарските пасоши за Србите главен „адут“ за влез во ЕУ

Друг клучен аспект за Будимпешта е поддршката на унгарското малцинство кое живее надвор од Унгарија. Во Војводина, северен дел на Србија, кој порано беше дел од Унгарија пред Првата светска војна, останува значително унгарско малцинство. Поради минатите тензии и сложени односи, и унгарскиот и српскиот режим го идентификуваа помирувањето меѓу заедниците што живеат во Војводина како главна цел.

Во изминатите години видовме зближување меѓу владејачката партија во Србија (СНС) и локалната малцинска партија на Унгарците во Војводина, во обид да се зацврстат блиските врски меѓу земјите. Сепак, оваа политичка блискост не резултираше со вистинско помирување на теренот меѓу двете заедници – унгарското малцинство и Србите во Војводина, бидејќи националистичката реторика од двата режима продолжува да ги одвојува овие заедници. Давањето право на глас на унгарското малцинство практично ги претвори во гласачка машина за Фидес. Будимпешта спроведе различни мерки да се подобри положбата на етничките Унгарци во Војводина.

Најистакнат пример е воведувањето на законот за двојно државјанство кој им овозможува на етничките Унгарци во Војводина, но и на Србите со унгарски корени, да добијат унгарски пасош и право на глас. Овој закон им отвори подобри можности за полесно да живеат, работат, патуваат или студираат во ЕУ. Сепак, тоа доведе и до масовна миграција од Србија, како што беше потврдено со последниот попис на населението во 2022 година, кој забележа драматичен пад на бројот на Унгарците во Србија. Исто така, давањето право на глас на унгарското малцинство практично ги претвори во гласачка машина за Фидес, што е уште една причина зошто одржувањето блиски врски првенствено со режимот во Србија е од клучно значење за Будимпешта.

Доколку Србија стане членка на ЕУ, тоа дополнително ќе го засили влијанието на Унгарија врз унгарското малцинство во Војводина.

Според досегашните информации и во Северна Македонија постојат политичари кои пронајдоа унгарски корени, а поседуваат и унгарски пасоши.

Блиски луѓе и роднини на Орбан инвестираат и во Северна Македонија

Економската соработка меѓу Унгарија и регионот стана клучен аспект на надворешната политичка агенда на Унгарија, сфаќајќи дека постои инвестициски потенцијал во Западен Балкан. Со текот на годините, нивоата на трговија и унгарските инвестиции значително се зголемија. Не само тоа големите унгарски компании во секторите како што се банкарството, телекомуникациите или енергијата ги проширија своите операции во регионот, но и малите компании беа охрабрени од унгарската влада да инвестираат во регионот.

Сепак, треба да се забележи дека многу од компаниите што инвестираат во регионот се многу тесно поврзани со Фидес и премиерот Орбан, а со тоа ги користат овие политички врски за да ги олеснат деловните потфати. Истражувачките новинари открија многу примери на деловни зделки во кои се вклучени компании/поединци блиски до Фидес и до владејачките партии во земјите од Западен Балкан.

На пример, евидентирани се бројни медиумски аквизиции во Северна Македонија, каде што унгарските инвеститори влегоа неколку медиуми, некои поврзани со десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со загриженоста за транспарентноста на овие набавки, тие се и контроверзни затоа што медиумите се користат за одржување политичка пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот поранешен лидер Никола Груевски.

Друг понов пример е купувањето на пет деловни паркови во Белград од страна на зетот на Орбан. Поточно, сопственоста на деловните згради во Белград беше пренесена од Унгарската народна банка на компанија во сопственост на зетот на Орбан. Ваквите деловни афери немаат транспарентност и ја промовираат веќе постоечката корупција на високо ниво што им овозможува на функционерите, политичарите и нивните сојузници да ја зајакнат својата финансиска моќ на сметка на јавните интереси. Степенот до кој економската соработка се заснова на лични врски и се користи за политички цели, покажува најновиот договор меѓу премиерот Орбан и новоименуваниот северномакедонски премиер Мицкоски за заемот од 500 милиони евра што треба да му се даде на Скопје. Овој договор е постигнат помалку од два месеци по изборите во Северна Македонија, кога националистичката партија ВМРО-ДПМНЕ освои мнозинство гласови, станувајќи лидер на коалицијата што ја формираше новата влада. Ова е важно поради традиционалното партнерство меѓу Фидес и ВМРО-ДПМНЕ кое беше воспоставено последниот пат кога оваа партија владееше во Северна Македонија (2006-2017). Поранешниот премиер Никола Груевски беше осуден на затворска казна за разни злоупотреби на овластувањата, но наместо да ја одлежи казната, избега од државата и доби политички азил во Будимпешта, со што Орбан отворено се согласи, велејќи дека Груевски е негов пријател.

Зошто се примамливи кинеските инвестиции?

Најавата за унгарска финансиска поддршка ја потврдува соработката меѓу овие два режима, што укажува на потенцијал за натамошно зајакнување на врските во иднина. Друг економски фактор што ги поврзува Унгарија и Западен Балкан е тоа што тие се најважните партнери на Кина во Европа. Тие се дел од кинеската иницијатива „Појас и пат“, а најзабележителен проект е изградбата на брзата железница Будимпешта-Белград. Оваа пруга, делумно финансирана со кинески заем и изградена од кинески компании, е дел од поголема траса што се протега низ Северна Македонија до грчкото пристаниште Пиреја.

Една од причините зошто овие земји се отворени за кинеските инвеститори е тоа што од нив не се бара да ги почитуваат правните процедури и стандарди, ниту пак се критикувани за состојбата на демократијата, која им дозволува на овие земји (особено Унгарија и Србија кога станува збор за Будимпешта -Железница Белград) да продолжат со нивните нетранспарентни практики.

Исто така, вреди да се спомене дека овие кинески инвестиции влијаат на животната средина, предизвикуваат загадување и често спроведуваат експлоататорски практики против странските и домашните работници. Сепак, заложбата на Кина да продолжи да инвестира во Србија и Унгарија беше потврдена овој мај за време на посетата на кинескиот претседател на двете земји.

Дали Орбан е навистина заинтересиран за безбедноста во Регионот?

Прашањата околи безбедноста и стабилноста на Западен Балкан е еден од главните двигатели на унгарската политика кон регионот. Овој пристап е првенствено обликуван од сеќавањето на распадот на Југославија во 1990-тите и постојаниот страв кај Унгарците од прелевачкиот ефект што нестабилноста на Балканот може да го донесе во Унгарија. Исто така, општите нестабилности на државите од Западен Балкан, високите стапки на невработеност, етничките и верските поделби итн. се гледаат како закана за безбедноста на регионот, а со тоа и на Унгарија.

За да се минимизираат ваквите нестабилности и потенцијални конфликти, Унгарија ја гледа евроатлантската интеграција на регионот како решение. Од таа причина, Будимпешта активно придонесува за мировната мисија на ЕУ во Босна и Херцеговина и мисијата на НАТО на Косово. Но дали е тоа така или Орбан сака да ги држи конците под контрола?

Токму затоа изгледа парадоксално или можеби „логично“ тоа што премиерот Орбан е еден од ретките европски лидери кои одржуваат соработка со Додик, познат и како дестабилизатор на регионот поради неговата запалива реторика и поддршка на идејата за растурање на Босна. и Херцеговина. Тоа не ја спречува Будимпешта да се ангажира со Додик кога е потребно за да посредува во чувствителните прашања во регионот, претставувајќи ја Унгарија уште еднаш како посредник, „мост“ меѓу ЕУ и Западен Балкан. Но дали е тоа така или Орбан сака да ги држи конците под контрола.

Овој однос предизвикува многу загриженост бидејќи лидерот на една земја-членка на ЕУ отворено го поддржува прорускиот сепаратистички лидер кој е на листата на американски санкции поради корупција.

Унгарија го гледа Косово како втора голема безбедносна закана во регионот, која ги обликува нејзините односи и со Косово и со Србија. Иако Унгарија ја призна независноста на Косово и цврсто стои на својот став во тој поглед поради принципот на самоопределување – концепт кој одекнува во унгарското јавно чувство поради неговиот историски контекст од Тријанонскиот договор од 1920 година – Србија останува најблискиот сојузник на Унгарија на Западен Балкан.

За да одржи рамнотежа меѓу двете, Унгарија направи некои отстапки за Белград, како што е гласањето против членството на Косово во Советот на Европа.

Освен што се перцепира како потенцијална безбедносна закана, Западен Балкан во исто време се перцепира и како обезбедувач на безбедност за Унгарија, кога станува збор за мигрантите. Од миграциската криза во 2014/2015 година, унгарската влада ја смета илегалната миграција за значајна безбедносна грижа и го користи ова прашање како инструмент за добивање поддршка од гласачите и зацврстување на својата моќ во антиимиграциските кампањи.

Унгарските практики во врска со миграцијата вклучуваат ограничување на пристапот до азил и распоредување полицајци за да ги придружуваат мигрантите до другата страна на оградата што постои на унгарско-српската граница. Тоа овозможува контрола на миграцискиот прилив преку таканаречената балканска рута и токму затоа Будимпешта вложува многу напор во соработката со Србија и Северна Македонија, главните транзитни земји. Заедно со Србија, Унгарија обезбедува полициска помош и за Северна Македонија за да служи долж границите, токму затоа Унгарија го промовира проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан е да ја премести надворешната граница на ЕУ кон југ. Ова ќе ја растовари Унгарија од тоа да биде прва линија која ги „заштитува“ другите земји-членки на ЕУ од мигрантите.

Зачлени се на нашиот е-билтен