ЈСП со години се дави во долгови, а во јануари годинава доби 11 милиони евра субвенции од Град Скопје за исплата на плата и подмирување на обврските, сега пак веќе нема пари да ја плати
годишната рата за автобусите на гас во износ од милион евра.
Барањето од ЕБОР за тоа веќе стигнало до минстерството за финансии, потврдуват од таму.
-Доколку ЈСП како главен должник и Градот Скопје како примарен гарант не ги отплатат доспеаните обврски, тогаш согласно Законот за гаранција и Договорот за обезбедување гаранција, Министерството за финансии пристапува кон плаќање на обврската. Барањето за плаќање на доспеаните обврски до Министерството за финансии е доставено од страна на ЕБОР – велат од Финансии.
Сепак, и тоа се чини дека не е доволно за надминување на проблемите во ЈСП, а од септември се најавено дека ќе има дополнителен дефицит на автобуси поради дотраеност и неможноста да се набават делови од странство.
Договорот за заем беше потпишан во 2019 година во вкупна вредност од 10 милиони ерва, а според него, ратите треба да ги плаќа јавното сообраќајно претпријатие. За тоа примарен гарантор е Град Скопје, додека пак државата била втор гарант..
Градоначалничката Данела Арсовска во заедничката програма наречена „За модерно Скопје“ поддржана од ВМРО-ДПМНЕ вети целосно бесплатен превоз за сите граѓани, но и набавка на 250 нови еколошки автобуси.
Но, каде заглави ова ветување на Арсовска? Таа се жали дека овој предлог неколку пати го доставила до советот, но тие не го одобриле.
Дека не го поддржуваат овој проект, тоа неколку пати го потврди и претседателот на скопскиот совет, Трајко Славески. Според него, проблемот е во несоработката меѓу градоначалничката и советот.
Освен 250 нови автобуси и бесплатен превоз, Арсовска предвиде автобусите да имаат и бесплатен Wi-Fi интернет и полначи за мобилни телефони. Арсовска најави дека бесплатниот превоз ќе биде дел од предлог-буџетот за 2024 година, но за жал ЈСП едвај ги покрива платите на вработените, а освен тоа што се ретки, со автобусите на ЈСП во изминатиот период имаше и неколку инциденти.