Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

За химната „Изгреј зора на слободата“ испеана на АСНОМ, за илинденците и за револуцијата што ги јаде своите деца

„Преди отворуењето на Собранието, народните пратеници и присатниот народ ја испеа химната: „Изгреј зора на слободата…“ [Од стенографските белешки од Првото заседание на АСНОМ, 292.]

Свеченото пеење на „Изгреј зора на слободата…“ („Маршот на македонските револуционери“ на ВМРО) пред отворањето на првото заседание на АСНОМ е историски факт. Факт кој укажува на стремежот на Илинденците од 1944 за континуитет со македонското револуционерно дело на ВМРО/ВМОРО/ТМОРО/МРО.

„Зората на слободата“ се повикува да изгрее во „Маршот на македонските револуционери“ од 1923, компониран од Александар Василев Морфов како марш на ВМРО (на чело со Тодор Александров).

Зората на слободата веќе изгрева во „Манифестот“ на Првото заседание на АСНОМ до македонскиот народ“ од 2 август 1944 година како зора на победата: „Зората на слободата изгрева! Од крвавата борба израсна веќе слободна Македонска држава, во нова, демократска и федеративна Југославија… Во оган и крв на развихрената и решавашта битка, во зората на победата, македонскиот народ преку своето Антифашистко народно собрание си ја кажа думата за својата судба.“

Исечок од „Нова Македонија“,
бр. 26, 29.12.1944

Химната „Изгреi зора“ била отпеана и на „тржествениот дел“ на Второто заседание на АСНОМ, веднаш по химната „Хеi Словени“, како што известува „Нова Македонија“ (со паролата „Да е жива слободна Македониа во Титова Југославиа“).

Тогаш, за историската димензија на 2 август 1944 зборува и Димитар Влахов, член на ЦК на ТМОРО од 1904, резервен член на ЦК на ВМРО во 1920 (на чело со Тодор Александров), и лидер на ВМРО (обединета): „…прв пат во својата историа ние македонците ги удривме здраво темелите на нашата слобода, на нашиот суверенитет во нашата општа фамилиа…“.­­­­­

Димитар Влахов, исечок од „Нова Македонија“, бр. 26, 29.12.1944

Но, зошто во „Титова Југославиа“ била забранета неофицијалната химна на ВМРО (и на МПО), која била пеена и во текот на НОАВМ (станува дел од збирката „Македонски народноослободителни песни“ уредена од Кочо Рацин) и е еден од симболите на АСНОМ?

Одговорот на ова тешко прашање не лежи само во Резолуцијата на Информбирото од 1948, туку и во политиката на Јосип Броз Тито кон Македонија и односот кон македонските политички претставници.

Почнувајќи од односот кон Методија Шаторов Шарло во 1941, па преку Бане Андреев Ронката, Емануел Чучков (прв сојузен министер за Македонија во привремената влада на Тито), Методија Андонов Ченто (претседател на Президиумот на АСНОМ), Панко Брашнаров (потпретседател на Президиумот на АСНОМ и повереник за информации), Павел Шатев (прв министер за правда и подпредседател на Президиума на АСНОМ во 1946), Кемал Аголи, Благој Хаџи Панзов, Венко Марковски, Петре Пирузе, Богоја Фотев, Васил Ивановски, Владимир Полежина, Лазар Соколов и многу други АСНОМ-ци и основачи на македонската држава, „изедени“ од „револуционерниот терор“ на Титова Југославија.

Исто како и правата химна на АСНОМ „Изгреј зора на слободата…“.

И актуелната, официјална државна химна, е проткаена со контроверзи

Денес државна химна на Република Северна Македонија е – „Денес над Македонија“. Автор на текстот е Владо Малески, а автор на музиката Тодор Скаловски.

Напишана е во 1941 година, а нотниот запис е утврден од Тодор Скаловски 1944 година. По завршувањето на Втората светска војна е усвоена како химна на СР Македонија во рамките на поранешна Југославија, а по осамостојувањето на Република Македонија, на 11 август 1992 година со закон е прогласена и за химна на независна Македонија.

Со текот на времето текстот на химната претрпела разни промени, при што денес се познати три нејзини верзии — денешната верзија, првичната химна и првата официјална изведена химна која се разликува од првата во само еден ред. Во однос на првичниот текст од 1941 година се изоставени имињата на Никола Карев и Димитар Влахов, а е додадено името на Даме Груев.

„Денес над Македонија“ за првпат била изведена на пречекот на новата 1942 година во Струга во куќата на Сотир Шута во присуство на активисти на ослободителното движење на Македонија од Струга и Струшкиот Регион.

За овој настан Малески ќе рече:

„Со оглед на приликите, тоа секаде се прави да не падне во очи пречекот на новата година имаше за цел да се собере младината и под оваа форма да се разговара за претстојниот вооружен отпор против фашизмот. Тогаш се информирав и за нападот на полицискиот участок во Прилеп и нападите во Куманово. Што се однесува на програмата за дочек на нова година јас, Боро Путе и Димче Кошарко, ја подготвивме песната “Денес над Македонија” која набрзо потоа ќе стане најпопуларна песна во цела Македонија и која до ден денеска се одржува како еден вид македонска химна.“

Денес сè уште нема официјално објаснение за промените што ги претрпела химната. Имено, првиот текст на химната изведена во Струга во 1941 година имала малку поразличен текст од денешниот особено во имињата на македонските револуционери и еден подолу ред. Така од првичните „… Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Влахов, Сандански“, денес во химната се спомнуваат „… Гоце Делчев, Питу Гули, Даме Груев, Сандански“. Нема објаснение ни за заменетиот ред од страна на Кочо Рацин „Од гроб станаа славните ѕидари…“ со „Одново сега знаме се веје…“ до која доаѓа при првото објавување на оваа песна во „Македонските народноослободителни песни“ во јуни 1943 година.

Во „Македонските народноослободителни песни“, што ја приредил Кочо Рацин, се спомнуваат имињата на Делчев, Груев, Гули, Сандански и Влахов, односно е избришано името на Никола Карев, а е додадено името на Даме Груев.

Иако „Денес над Македонија се раѓа“ се изведуваше како химна речиси на секоја свеченост низ Македонија, нејзиниот пат до официјализација како химна на СР Македонија беше долг. За првпат химна се споменува во Уставот на СРМ од 25.11.1974 г. Член 10, вели „Социјалистичка Република Македонија има химна“, но не дава други детали која е таа химна. Конечно, со уставните амандмани од 14.4.1989, со амандманот XXIV, се заменува членот 10 од Уставот на СРМ.[6] Текстот: „Химна на Социјалистичка Република Македонија е ‘Денес над Македонија’. Со што таа добива официјална позиција, но не е даден официјален текст.

Со уставот од 1991 година, химна на Република Македонија не беше усвоена туку тоа требаше да се стори со закон во рок од 6 месеци. За предлози за химна и за грб и знаме се објави јавен конкурс на кој пристигнаа 36 предлози за химна. Трите најдбори предлози беа „Химна“ од Таки Хрисик, „Денес над Македонија“ верзијата на Тодор Скаловски и „Да ни бидеш вечна“ од Александар Џамбазов. Сепак набргу во процесот за избор на симболи, остана „Денес над Македонија“ како единствен предлог. Химната е изгласана на 11.8.1992 година.

Единствениот амандман од Кирил Ковачевски, бараше третата строфа да гласи: „Гоце Делчев, Питу Гули, Карев, Груев, Сандански“, но беше одбиен со образложение дека текстот е авторски и веќе обнароден и не може да се менува. Химната беше изгласана со 88 гласови „за“. Пратениците од коалицијата ПДП-НДП го бојкотирале гласањето.

Ж. Т.

Најново