67 европратеници, испратиле писмо до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во кое бараат Унгарија да биде отстранета од системот за слободно патување преку внатрешните граници во ЕУ, познат како Шенген.
Нивната иницијатива е поттикната од одлуката на Будимпешта да ги олесни визните ограничувања за Русите и Белорусите.
Откако комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон (Шведска) предупреди дека ЕУ ќе преземе акција доколку визниот Шенген режим е доведен во ризик, група од 67 европратеници се залагаат извршната власт на ЕУ да преземе мерки против Будимпешта, вклучително и исклучување на Унгарија од Шенген зоната.
„Ја повикуваме Европската комисија да преземе итни мерки за да ја истражи одлуката на Унгарија, бидејќи таа може да потенцијално да го загрози целокупното функционирање на Шенген зоната и нејзината улога како безбедна зона за граѓаните“, се вели во писмото иницирано од Чешка, од европратеничката Дануш Нерудова и литванскиот европратеник Петрас Аустревичиус, кој го објави писмото и потписите на пратениците од Европскиот парламент кои ја прифатија иницијативата.
67 MEPs expressed great concern over the recent decision of the Hungarian government to ease
— Petras Austrevicius (@petras_petras) August 3, 2024
visa restrictions for Russian and Belarusian citizens and ask @EU_Commission to respond to growing risks. Thank you colleague @danusenarudova for great cooperation pic.twitter.com/6UXk11D1Qo
„Доколку унгарската влада одбие да ја промени својата политика, Европската комисија и сите претставници на ЕУ мора да го преиспитаат присуството на Унгарија во Шенген зоната со воведување нови мерки за заштита на европските граѓани, вклучително и нови контроли на унгарските граници, доколку е потребно“, се вели во писмото.
На крајот на минатиот месец Унгарија ја прошири листата на земји од каде што „гастарбајтерите“ ќе имаат олеснет пристап преку нејзините граници, а со тоа и преку границите на другите земји од Шенген зоната. Во категоријата поедноставени процедури, ги вклучи Босна и Херцеговина, Србија, Украина, Северна Македонија, Црна Гора, Молдавија, Русија и Белорусија.
Европската народна партија (ЕПП), која ја има најголемата група во Европскиот парламент, рече дека одлуката на Унгарија да ги олесни правилата за влез на Русите и Белорусите ќе го зголеми ризикот од шпионажа, а истовремено ќе ја зголеми загриженоста за националната безбедност.
Странските работници можат да престојуваат во Унгарија две години и да го продолжат престојот за уште три години онолку често колку што сакаат. Покрај тоа, тие можат да ја практикуваат секоја професија. Треба само да докажат дека се вработени, имаат каде да живеат и имаат здравствено осигурување во Унгарија.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто рече дека во согласност со европските правила, овие процедури и издавањето дозволи за престој се прашање на национална надлежност.