Скопската зоолошка градина се соочува со сериозен скандал откако беше откриено дека една од слониците, Даела угинала пред неколку дена, а трупот бил скриен и потоа однесен на депонија.
Според информациите кои ги пренесе Скопје1, постоел обид да се прикрие инцидентот со тоа што го одложиле изнесувањето на мртвото животно, а утрово со багер го однеле на Дрисла, притоа врз телото нафрлале земја и најлони во кои била завиткана слоницата, а се искинале при товарењето.
Од друга страна, пак, има инфомации дека Даела не починала, туку дека е евтанизирана, бидејќи била слепа и многу стара.
-Одлуката за евтаназија ја донесе тим од Белгија, кои веќе една недела биле тука, бидејќи Даела е подарок од Белгија и одлуката мора да ја донесат тие, велат извори на ММС.
Оваа постапка предизвика огорченост кај јавноста и постави сериозни прашања за условите во кои живеат животните во скопската зоолошка градина.
Од раководството на скопската Зоолошка градина за овој случај не се објави ниту збор, но во телефонски разговор за Рацин.мк рекоа дека ќе пуштат соопштение.
Сега, Зоолошката остана со еден слон.
Минатата година во Зоолошката градина Скопје угинаа осум животни. Во мај угина жирафата Каспер, додека крајот на ноември угина и жирафата Флопи.
Според извршената обдукција, Каспер, жирафа стара 13 години, угинала како последица на инфекцијата од бактеријата салмонела естеридис. Флопи, починала како последица на малиген тумор на епителот на жолчните канали во црниот дроб и метастази на белите дробови.
Угинале и тигрица, лемури, прежевалски коњи, црн лебед, пинвини, џуџеска коза… Поморот на животни во ова установа трае подолго време, откако за градоначалничка дојде Данела Арсовска, која до сега смени тројца директори.
ЗОО-Скопје неодамна го изгуби статусот на членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми.
Кога зо Зоолошка раководеше Кристијан Стаменов беа заклани 10 коњи, со образложени дека се болни. Потоа беше поставен Драган Илиевски, а по него актуелниот, Зоран Попов. Во неговиот мандат угинаа и трите ретки пржевалски коњи, а сомнежите беа дека биле намерно отруени.
Одговорност за сите угинати егзотични животни не понесе ниту раководството на ЗОО, ниту градоначалничката Данела Арсовска која ги назначува.