Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски зема плата за јавноста да го информира дека поставил нестручни кадри

Премиерот Христијан Мицкоски кога стапи на функција им порача на новите функционери да ги „засукаат ракавите“ и кажа дека нема тајни формули, лажни верувања и дипломи, а дека рецептот за успехот е работа, чесност и посветеност на сите функционери, но по прогледувањето низ прсти на собранискиот спикер Африм Гаши и пречекорувањето на надлежностите на скопскиот аеродром во инцидентот со косовската претседателка Вјоса Османи, гледаме една поинаква приказна кон коалицискиот партнер ВЛЕН.

Дали Мицкоски сепак замижува на нестручните кадри само за да ја задржи коалицијата?

Во денешното владино соопштение велат дека по реакциите во јавноста дека не ги исполнува условите за вршење на оваа функција, Владата најавува дека утре ќе го разреши главниот ревизор на ИПА фондовите, Афрона Вервизоли, иако нејзината позиција беше изгласана минатата недела на слична владина седница.

Иако причините за разрешување не се откриваат, но потсетуваат дека е неопходно да се обрне внимание на отворената злоупотреба на парите од ЕУ, и на средствата што беа ставени на располагање, а кои беа присутни во изминатиот период, а за кои има и пишани траги и известувања од Европската антикорупциска канцеларија, кои поради таквата работа бараат државата да плати неколку милиони евра.

За потсетување злоупотребите на средства од европските фондови се случија најголем дел во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, во периодот од 2016 до 2018 година. Македонија е задолжена да врати 2,2 милиони евра на Европската комисија, за што медиумите известуваа во повеќе наврати. Станува збор за неправилности што ги констатираше Европската канцеларија за борба против измама- ОЛАФ, на дел од грантовите доделени на 22 корисници од програмата „Еразмус+“, a случајот го истражува и OJO за гонење на организиран криминал.

Околу Вервизоли не реагираше само јавноста туку Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и Делегацијата на ЕУ во Македонија кои го разгледуваат неколку дена случајот со именувањето на главен ревизор на Ревизијата на претпристапната помош.

Проблемот беше што нема официјални информации дали Вервизоли има ревизорско искуство и соодветен ревизорски сертификат, што е услов за изборот на кандидат за таква позиција.

Главниот ревизор на Ревизијата на претпристапната помош треба да контролира како се трошат европските пари од ИПА фондовите.

Овој случај предизвика интерес и во Делегацијата на ЕУ во Скопје од каде велат дека сите функционери треба да бидат поставени законски и со исполнети критериуми за вршење на функцијата.

Вервизоли е дипломирана економистка и досега работела на шалтер во банка. Условот за главен ревизор е кандидатот да има соодветна стручност, знаење и искуство во областа на ревизијата, уверение за стекнато звање од областа на ревизијата. Предлогот за Вервизоли, изгласан од Владата, бил на коалицијата Вреди.

Главниот ревизор за ИПА фондовите и целото ревизорско тело отчет даваат и пред ЕУ.

Во член 5 од Законот за ревизија пишува дека за именување на главниот ревизор за ИПА и на заменикот, се објавува јавен оглас, а кандидатите треба да имаат високо образование од областа на економските или правните науки, да имаат најмалку седум години искуство во областа на економијата или правото, да имаат уверение за стекнато звање од областа на ревизијата, дa поседуваaт еден од следниве меѓународно признати сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик не постар од пет години: ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку 74 бода, ИЕЛТС (IELTS) – најмалку 6 бода, ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) – најмалку Б2 (B2) ниво, ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) – положен, БУЛАТС (BULATS) – најмалку 60 бода или АПТИС (АPTIS) – најмалку ниво Б2 (B2)…

Од коалицијата ВРЕДИ истакнаа дека тие самите го повлекле назначувањето на Вервизоли, иако според нив таа има одлична биографија и значително професионално искуство.

„Оваа одлука е донесена за да се осигура дека сите строги стандарди и барања на Европската унија ќе бидат целосно исполнети, додека Афрона ја исполнува својата обврска за добивање на сертификатот, велат од Вреди.

Претходно, СДСМ упати критики и до власта за назначување на неквалификувани кадри.

„За Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на прво место е послушноста и партиската припадност, а квалификациите се на последно место. Оваа политика ги обесхрабрува граѓаните и професионалците кои ја губат довербата во институцијата и бараат работа во странство. Не е изненадување што Владата е катастрофа, со вакви политики на кадри не може да се очекува повеќе“, велат од СДСМ.

Претходно, оваа функција ја извршуваше Адем Цури.

Најново