Скулптура со напис „До каде е пречистителната станица за отпадни води“ поставена во Вардар


Активистот Никола Писарев од Центарот за современи уметности постави протестно уметничка скулптурална акција во реката Вардар и претставува повик кон властите за конечно почнување со изградба на пречистителна станица во Вардар.

„До каде е пречистителната станица за отпадни води“ пишува на скулптурата.

-Пречистителна станица е ургентна потреба. Вардар гледаме дека е син, меѓутоа тој е петта категорија загаден. Практично, се почесто станува мртва река заради загадувањето, кое дел е од индустриски капацитети, меѓутоа дел е и од фекалната канализација, изјави Писарев.

Тој потсети дека уште во 2010 година се зборува дека ќе се започне со изградба на пречистителната станица, но тоа уште не се случило.

-Во меѓувреме, реката се повеќе изумира. Живиот свет се повеќе страда, а граѓаните на Скопје не можат да ја користат. Многу често има и смрдеа, многу често се видливи фекалиите, особено последните неколку дена кај градската канализација под Лисиче. Смредата е неподнослива, бојата на реката е неподнослива и затоа ја направивме оваа скулптурна инсталација за да потсетиме и да го кренеме гласот да конечно почне изградбата на пречистителната станица, затоа што се соочуваме со климатски промени, се соочуваме со недостиг на вода за пиење. Имаме убава река, имаме симбол на градот кој што буквално е неупотреблив, додаде Писарев.

Како што посочи, ако пред 30 години имало 50 риболовци кои пловеле, денес нема ниту еден.

-Сметаме дека пречистителната станица е една од ургентните работи не само во Скопје, туку и во Тетово, Гостивар, Велес и другите градови за да имаме чиста река и да имаме чист резерворар на вода. Иако многупати беше ветувано дека пречистителната станица за Скопје би можела да биде готова во периодот помеѓу 2026-2028- ма па и порано, сведоци сме дека тоа нема шанса да се случи поради негрижата на градот за сопствената река. Токму негрижата за нашата најголема и најзначајна река која се повеќе станува мртва река е директна инспирација за оваа акција, посочи Писарев.

Изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Скопје веќе требаше да започне, рокот е веќе изминат, но за да се случи ова, Градот Скопје треба да си ги исполни своите обврски

Инаку, тендерската постапка за изградба на пречистителната станица за отпадни води е завршена во 2022 и беше избран најповолен изведувач, на којшто му следеше караница меѓу партијата ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска за обиди за местење на тендерот при изборот на изведувач. Беше сменет и директор на ЈП „Водовод и канализација“ што беше кадар на ВМРО-ДПМНЕ, по што оваа партија ја откажа и поддршката за скопската градоначалничка.

Тендерот за изградба на скопската пречистителна станица беше отпочнат во летото 2020 година, а со одолговлекувањето на процедурите од страна на Градот Скопје, се одложува и почетокот на градежните работи на терен. Првичниот краен рок за завршување на изградбата на овој капитален објект беше 2026 година. За да помисли да постане земја-членка на ЕУ, С.Македонија ќе мора да изгради пречистителни станици за отпадни води во сите поголеми населени места.

Пречистителната станица за отпадни води во Скопје треба да се гради во близина на населбата Трубарево, а со неа ќе се овозможи примарен и секундарен третман на отпадните води од Скопје. Објектот ќе има капацитет да ги задоволи потребите на 540.000 жители. Третираната вода ќе има врвен квалитет, со што ќе се подобри и хемискиот и бактериолошкиот квалитет на речните води на Вардар.

Во моментов, фекалиите на жителите од главниот град се испуштаат како непречистени директно во реката Вардар, а помали пречистителни станици за отпадни води се изградени во Сарај за реката Треска и во Ново Село за реката Лепенец, преку кои треба да се врши третман на отпадните води од населените места кои гравитираат околу овие реки.

Инаку, Градот Скопје е една од четирите општини во земјава, за кои е обезбедена донација од 10 милиони евра за намалување на последиците од аерозагадување.

Зачлени се на нашиот е-билтен