Барањето на скопските градоначалници за одземање на дел од ингеренциите на градоначалничката Данела Арсовска во однос на јавните претпријатија „Kомунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“, можно е да се разгледува на следната владина седница.
Арсовска прво му порача на Mицкоски дека може веднаш да ги преземе ингеренциите на јавните претпријатија каде во управувачките одбори доминираат функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, но потоа се премисли.
Веројатно за да ја спаси фотелјата ова ја мотивираше Арсовска таа прво да му предложи на Мицкоски формирање координативно тело меѓу Градот Скопје и Владата бидејќи доби неформален рок од седум дена за да ги реши проблемите.
Таков беше вчерашниот допис од Град Скопје и со информација дека Арсовска е „подготвена да учествува и формира посебно работно и координативно тело со Владата, со единствена цел – граѓаните да добијат град каков што заедно, градоначалничката Арсовска и премиерот Мицкоски, ветија во 2021 година“.
Потоа денеска Мицкоски рече дека е подготвен за секое решение за проблемите во главниот град, но доколку нема прогрес, рече, „тогаш ќе мора да одиме радикално и инвазивно“.
-Сѐ што е потребно ќе направам, и ќе се сретнам, и ќе формираме тим, сѐ што е потребно во интерес на скопјани, само проблемот да се реши. Не може вака, ние сега функционираме во ненормални услови, кои не личат на главен град на земја која е дел од НАТО и кандидат за членство во Европската Унија. За секое решение сум подготвен и доколку гледаме дека нема прогрес, тогаш мора да одиме радикално или, да се изразам со докторски речник – да не влегуваме ептен инвазивно во прикаската, па и во здравото да влеземе. Да се обидеме да го санираме тоа што може да се санира со разговор, со политика, со дипломатија. Доколку видиме дека тука нема прогрес, тогаш ќе мора инвазивно да влеземе во решавање на проблемот, изјави Мицкоски.
Флертот преку соопштенија продолжи па од раководството на Градот попладнево преку ново соопштение потврдија дека уште утре би седначе на заедничка маса со премиерот.
-За таа цел, го повикуваме премиерот Мицкоски да го одреди датумот, местото, темите за разговор и форматот на состанокот. Теми кои градот Скопје ќе ги предложи, а за кои сметаме дека треба да се изнајде решение е надминување на активната блокада во Советот од страна на советниците од владејачкото мнозинство, блокадата на претпријатијата од страна на Управните одбори и изгласувањето на програмите за работа на Јавните претпријатија. Воедно очекуваме и потврда за предлогот за формирање на заедничко работно тело помеѓу Владата и градот Скопје. Се надеваме на искрен и партнерски пристап од страна на Владата, во корист на граѓаните на градот Скопје”, се вели во соопштението.
Соња Танеска