Пораката на експертите е дека мора да има мерки од страна на Владата со кои ќе се поддржува растот на платите, ако сакаме раст на економијата. Во тој контекст потенцираат дека просечната плата од 2017 година пораснала за околу 30 проценти во реален износ како резултат на покачувањето на минималната плата и на платите во јавниот сектор.
Минималната плата и платите во јавниот сектор иако на претходните власти им беше приоритет, тие воопшто не се ни спомнуваат во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и во Програмата за работа на Владата, што значи дека може да се очекува забавување на растот на платите во наредниот период.
Во март годинава, минималната плата, според закон, се зголеми на 22.500 денари, но синдикатите сметаат дека тоа не е доволно, со оглед на зголемувањето на трошоците за живот, затоа Сојузот на синдикати на Македонија бараше, уште во првите 100 дена од новата влада, минималната плата да се зголеми на 450 евра, односно околу 27.000 денари. Сепак такви средства во ребалансот Буџетот од новата влада не беа предвидени бидејќи како што тврдат тоа ќе ја зголемело инфлацијата.
Во секој случај новата Влада издвои средства за линеарно зголемување на пензионерите во две фази, првата за од септември во износ од 2.500 денари, но и за функционерските плати. За споредба земјите во регионот ја зголемија минималната плата, а ние ќе почекаме евентуални промени до март наредната година, отокако ќе ги видиме приоритетите на Буџетот за 2025 година.
Во однос на тоа за колкав процент ќе се зголеми минималецот во март, тоа ќе го утврди Економско социјалниот совет врз основа на статистичките податоци, односно процентуалното зголемувањето на минималецот треба да биде колку инфлацијата.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, пак рече дека би сакала да може да ги зголеми сите плати, но оти тоа ќе ја зголеми инфлацијата.
„Ако ние и понатаму зголемуваме инфлација и реално вредноста на платата повторно не дава никаков ефект, односно се намалува, не сме постигнале ништо. Ние сега во овој период, преку инфлацијата, плати – инфлација – плати, направивме животниот стандард на луѓето да е многу полош отколку што беше претходно. Ние мора да работиме на правилно утврдување на покачување на минималната плата којашто ќе подразбере зголемена продуктивност и врз основа на тоа секако дека ќе работиме на зголемување на платите“, рече министерката Димитриеска Кочоска.
Бизнисмените, пак, како и секогаш се противат на зголемување на минималната плата, зашто тоа ќе поттикне зголемување и на останатите плати и ќе ги зголеми нивните трошоци.
Минималната потрошувачка кошничка за едно четиричлено семејство, кое ја пресметува ССМ, е над 1000 евра месечно, односно скоро три минимални плати.
-Не сакам многу да ја фалам претходната влада, затоа што имаа многу грешки, и во економската сфера и надвор од неа, но мора да им се оддаде признание за тоа што го направија во поглед на платите. Просечната плата порасна од околу 22.000 денари на средината на 2017 година, на околу 41.000 сега. Точно е дека и цените многу пораснаа во ова време, ама дури и кога ќе се коригира за нивниот раст, просечната плата порасна за околу 30 проценти во реален износ. Двете мерки кои се покажаа како најефективни за ова беа покачувањето на минималната плата, која беше зголемена од 9.000 денари во 2017 година, на 22.000 сега, и зголемувањето на платите во јавниот сектор. Но на новава влада, за жал, покачувањето на платите се чини дека не ѝ е приоритет. Минималната плата и платите во јавниот сектор воопшто не се ни спомнуваат во изборната програма на ВМРО и во Програмата за работа на Владата, што значи дека може да се очекува забавување на растот на платите во наредниот период, вели професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт.
Професорот Марјан Петрески, професор по економија на Универзитетот Американ колеџ во изјава за МИА, пак, истакнува дека е потребна поголема продуктивност за одржливо повисоки плати, кои заедно со порастот на вработеноста ќе обезбедат поголема одржливост и на пензиските финансии.
Платите, констатира Петрески, имаат значаен раст во последните години. Како што појаснува според нивното истражување, околу 2/3 од притисокот за зголемување на платите дошол од пазарниот притисок, бидејќи пазарот континуирано неколку години се соочува со недостиг од квалификувана работна сила, што пак се создаде и со зголемувањето на вработувањето и со емиграцијата. Остатокот третина од притисокот дошол од владините потези во делот на платите, главно оние ад хок големи зголемувања на минималната плата.
-Значи, погрешно е во Македонија, во оваа фаза од развојот да ставаме силен фокус врз секундарната распределба, преку даноци, минимална плата и сл. Ние сме се’ уште во фаза во која поважно е да создадеме што поголем колач, а за тоа ни е потребна поголема продуктивност, што доаѓа со повеќе образование, повеќе вложување во вештини и работна етика, потоа со инвестиции во физичка опрема, технологија, со иновации, па и со имитации да имплементираме во локалните услови нешто што успеало на друго место. Така да создадеме производи со повисока додадена вредност кои светот ќе сака да ги купи по висока цена, значи извозна ориентираност, бидејќи сме мала економија. Тоа е патот до одржливо повисоки плати, кои заедно со пораст на вработеноста ќе обезбедат поголема одржливост и на пензиските финансии, наведува Петрески.