Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

БРТ, 250 нови автобуси, пари за реконструкција на улици, мерки за загаден воздух – Се предлози за кои не гласаат советниците на ВМРО-ДПМНЕ

Соња ТАНЕСКА

Неколку дена траат препукувањата меѓу премиерот Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ партијата чиј кандидат беше Данела Арсовска и скопската градоначалничка околу нефункционалноста на јавните претпријатија. И покрај фамозната средба во Владата решение се уште нема, Мицкоски денеска повтори дека Арсовска нема никаков план, таа пак обвини дека хаосот во Градот е вина на советниците од ВМРО-ДПМНЕ кои земаат хонорари и над 500 евра, а не ги гласаат предлозите на седниците кои се од круцијално значење за скопјани.

Иако нивната кавга не е од сега, туку повеќе од две години скопјани се заложници на недозбирањата кои настанаа откако Арсовска го разреши сегашниот министер за локална самоуправа, а тогашен директор на „Водовод и канализација“ Златко Перински.

Тогаш повеќето директори од ВМРО-ДПМНЕ поднесоа оставки, но членовите на оваа партија останаа во Надзорните и Управни одбори во јавните претпријатија на Градот.

Советниците со кои разговараше редакцијата на Рацин.мк велат дека вината е заедничка иако точно е дека ВМРО-ДПМНЕ не гласаат заначајни одлуки, но факт е и дека Арсовска има лош однос со сите советници, а и е нестабилна во некои одлуки, што се гледа и од честата промена на директорите на Јавните претпријатија кои го изгубиле континуитетот.

Инаку заедно со претседателот, ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство со 16 претставници во Советот.

Буџетот го гласаат, предлозите не ги гласаат

Иако во јули беше изгласан ребалансот на буџетот на Град Скопје и поддржан од речиси сите советници, сепак во најголем дел претставниците на владејачкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаат предлозите кои произлегуваат од тој ребаланс на буџет.

Најкритично е состојбата во јавните претпријатија „Паркови и зеленило“ и „Комунална хигиена“ бидејќи доколку не се усвојат развојните програми за овие претпријатија, како и потребата за ангажирање на сезонски работници, тие работат со намалена функција. За ова обвини Арсовска и на прес-конференцијата и посочи дека тоа е главната причина зошто градот се дави во ѓубре.

Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко славески вели дека не е изгласана само одлуката за сезонски вработувања во „Комунална хигиена“, но дека другите програми се усвоени.

-Најакутни проблеми во главниот град, од многуте, во периодов се хигиената и јавниот превоз. Хигиената е во надлежност на две ЈП – Комунална хигиена – Скопје и Паркови и зеленило. Совет на град Скопје ги има усвоено програмите за работа и на двете претпријатија, како и нивните инвестициски програми за 2024 година. За ЈП “Паркови и зеленило” дадена е и дозвола за дополнителни (сезонски вработувања). Единствено Совет нема дадено дозвола за сезонски вработувања во ЈП “Комунална хигиена -Скопје”. За сезонските вработувања во КХС се дискутираше на средбата во Влада што се одржа на 19 август. Беше заклучено до четврток, 22 август раководството на КХС до советниците да достави анализа за структурата на вработените во ова ЈП, со фокус врз превработеноста, вели Славески.

Сепак, во целиот синџир на нерасчистени односи меѓу градоначалничката Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, точно е дека таа нема предвидено пари во буџетот за набавка на автобуси, но планира да се подигне кредит. Оваа точка на дневниот ред е ставена 21 пат и исто толку пати не е изгласана од ВМРО-ДПМНЕ со образложание дека не може да гласаат нешто за кое не се предвидени пари.

За потсетување набавката на 250 нови автобуси беше дел од програмата за „Модерно Скопје“ која беше поддржана токму од владејачката партија, а и премиерот Христијан Мицкоски неодамна повтори дека тоа е добра програма.

– За предлогот за задолжување на градот кај некоја од комерцијалните банки за набавка на нови еко-автобуси до сега од 45 членови на Совет предлогот нема добиено повеќе од 6-7 гласа, а се потребни најмалку 23. За ова нема поддршка ниту од советниците од коалицијата предводена од СДСМ. Членовите на Совет од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати поддршката ја условуваа со извештај за состојбите во ЈСП. Нивните барања беа во континуитет игнорирани. Без натамошна елаборација, би посочил на неплаќањето на ратата за набавените автобуси претходно од времето кога градоначалник беше Шилегов. Сметката мораше да ја плати Владата од централниот буџет. Се прашувам со кој кредибилитет Арсовска сака Совет да ѝ одобри ново задолжување, а не ги плаќа доспеаните рати од претходно, одговори Славески на прашањето зошто не се гласаат предлозите за набавка на автобуси.

Но инаетот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ може да се види и по тоа што не гласаат предлог и закон се предвидени пари, како што е Брз Рапид Транзит – БРТ, кој е едно од решенијата за намлување на сообраќајниот хаос во главниот град, а ова е трета година како не се спроведува и се плаќаат пенали.

Парите за БРТ стојат нечепнати, па поради тоа од државниот буџет се плаќаат пенали – по 350 илјади евра годишно камата на ЕБОР, бидејќи кредитот во висина од 70 милиони евра е земен, но проектот не се реализира.

За коментар ја побаравме и советничката Љубица Јанчева која вели дека за работењто на ЈСП и јавните претпријатија се доставуваат годишни и квартални извештаи до кои имаат увид сите советници за кои тие даваат согласност.

-Управните одбори чии членови ги предложија тие ги усвоите тие извештаи и ги доставуваат до Советот на Град Скопје, но проблемот е што советниците на ВМРО-ДПМНЕ не ги гласаат но и не даваат забелешки. Околу јавниот превоз имаме готов проект за БРТ, за кој има пари и во сумата се вклалкулирани и 50 нови автобуси. А за тој проект, кој е одобрен плаќаме пенали. Инаку потребен нов концепт за јавен превоз, не само набавка на нови автобуси. Она што му е потребно на Скопје и на сите кои го користат јавниот превоз е нов концепт за брз, ефикасен и еколошки превоз, вели Јанчева.

Покрај овие предлози, советниците од владејачкото мнозинство не гласаат ниту субвенции за јавното претпријатие „Улици и патишта“, како и развојниот план за одржување, реконструирање и изградба на магистрални и собирни улици, Предлог програми за активности од областа на заштита на животна средина кои го опфаќаат и квалитетот на воздухот како и намалување на загадувањето, проекти за развој на сообраќајот, но и економскиот развој на Скопје, Програми за паркот на природата Гази Баба како и заштита на природата на Водно, Предлог план за енергетска ефикасност во Скопје.

Утре координација, седница на 29 август

-Утре ќе имаме координација во Градот Скопје на кој ќе се донесе конечниот дневен ред според кој на 29 август ќе имаме седница со 37 точки, од кои 29 се точки што веќе поминале на седница и не биле изгласани, некоја трипати, петпати, 15 пати. Истите сега ќе бидат разгледувани повторно, ама ќе се изгласаат 2-3 и толку, вели др. Никола Пановски, кој е советник во 2021 година, од листата на Коалицијата на ЛДП и ДОМ.

Пановски тоа што не може да го разбере е зошто не се гласаат предлози барем за јавниот превоз, набавката на нови автобуси или пак БРТ, за кој иако Арсовска се противеше на почетокот, но потоа постојано го става на дневен ред.

И советничката Јанечева потврди дека повеќе детали околу дневниот ред и изнаоќање решенија ќе добијат по утрешната координација, за хаосот во Градот вели дека многу пати е дискутирано, но дека кавгата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ е главната причина за нефункционирањето на Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен