Прв клуб за жени пензионерки отворен во Скопје – Родовата димензија е клучна за изградба на општество со еднакви можности и еднакви шанси за сите

Во населбата Ѓорче Петров вчера беше отворен клуб на жени пензионерки кој е прв од ваков тип во Скопје. Целта за отворање на ваквиот клуб е жените пенизонерки поголем дел да минуваат во дружење, заеднички да разгледуваат свои идеи и новини. На таков начин велат ќе се продлабочи соработката и со останатите активи на жени во државата, како и со здруженијата на пензионери во Македонија.

-Навистина ми е чест што ќе раководам со овој клуб и ќе го дадам својот придонес кон подобрување на животниот стандард пред се на жените, но и кон сите пензионери во нашата општина. Досега сме учествувале на повеќе манифестации на активи на жени, бевме на Зелкникот на баба во Пробиштип, хорски и споретски манифестации кои се организираат од активот на жени од останатите градови, па така и ќе продолжиме, вели претседателката Лиле Игнатоска.

Таа додаде дека просториите ги добиле благодарение на големата поддршка на претседателот на здружението на пензионери на Ѓоче Петров Митко Стојаноски, а на настанот беше присутна и претседателката на Сојуз на здруженија на пензионери на Македонија, Станка Трајкоска која посочи дека секогаш дава силна поддршка на единството и заедничкото делување на жените пензионерки во општеството.

-Да ги воспитуваме нашите деца, внуци, ученици и млади дека родовата димензија е клучна за изградба на општество со еднакви можности и еднакви шанси за сите, без разлика на полот, со акцент на способностите и вештините кои личноста ги поседува. Да ги негуваме вистинските вредности, хуманоста, разбирањето, соживотот, љубезноста. Да потсетиме дека семејството и блиските се најважни, дека вистинската среќа доаѓа одвнатре, додаде Игнатоска.

Голем број пензионерки се одзваа на повикот да бидат дел од новиот клуб на жени пензионерки во Ѓорче Петров, а клубот ќе биде отворен секој ден од 9 до 12 часот. Приоритет е обезбедување на подобри услови да разонода, за играње на шах, табла, домино, а ќе може да се организираат предавања од областа на здравството, културни активности.

Соња Танеска

Најчитано