Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мицкоски пласира неточни информации за државниот долг и за инфлацијата и шпекулации за „дестабилизација“

Жарко ТРАЈАНОСКИ*

Професионална должност на новинар(к)ите е да објавуваат „точни, проверени информации“ и да ја проверуваат „точноста на информациите од секој извор“.

Формулацијата „од секој извор“ подразбира дека професионална должност на новинар(к)ите е да ги проверуваат информациите и од премиерот, исто како и од кој и да е друг извор на информации. По проверката на информацијата, ако таа „не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави“, се вели во Кодексот на новинарите.

Но, дали и колку новинар(к)ите и медиумите се придржуваат до овие етички императиви кога како извор на информации се јавува премиерот на државата, Христијан Мицкоски?

Случај 1: Дали државниот долг се зголемил за 4 милијарди евра од 2018 до 2023?

Медиумскиот наслов од 27.09.2024 „Мицкоски: За 6 години СДСМ го зголеми државниот долг за 4 милијарди евра“, ја потврдува следнава изјава на премиерот: „На тој начин треба да ги решаваме проблемите? Да ја задолжуваме земјата и неродените генерации? Не! Ние немаме таков пристап на работите… За шест години државниот долг го зголемиле за четири милијарди евра.“

Точно е дека се работи за тврдење на премиерот, а на „Заедничка прес-конференција на премиерот Мицкоски и министерот за европски прашања, Муртезани“, тој јасно кажа дека неговата „анализа“ се однесува на периодот од 01.01.2018 до 31.12.2023: „Шест години, четири милијарди евра поголем државен долг. Ете така ги решавале проблемите, со ваши пари. Трошеле ваши пари, краделе ваши пари, пари на народот…“.

Иако овој дел од изјавата не беше коректно транскрибиран и пренесен од повеќе медиуми, изјавите на Мицкоски содржат повеќе информации кои можат да се проверат.

Прво, дали е точно дека од 01.01.2018 до 31.12.2023, имаме за „шест години, четири милијарди евра поголем државен долг“?

Официјалните податоци за состојба на долг на Министерството за финансии укажуваат дека од 2018 до 2023 година државниот долг се зголемил од 4,344 милиони евра на 7,256 милиони евра, односно, за 2,912 милиони евра (или за повеќе од 2,9 милијарди евра).

Во случајов, новинар(к)ите не извршија проверка на информацијата на премиерот и не ја известија јавноста дека неговото тврдење за „четири милијарди евра поголем државен долг“, во дадениот период, не е фактички поткрепено, врз основа на податоците на Министерството за финансии. Разликата помеѓу она што го тврдипремиерот Мицкоски и она што го знае јавноста врз основа на податоците на Министерството за финансии е повеќе од милијарда евра!

Второ, дали е точно дека премиерот Мицкоски нема таков пристап  – „да ја задолжуваме земјата и неродените генерации“? И одговорот на ова прашање е очевиден. Тврдењето на премиерот дека немал пристап да ја задолжува земјата и „неродените генерации“ е невистинито, затоа што веднаш по изборите Мицкоски најави задолжување од милијарда евра, а откако стана премиер, најави ново задолжување од половина милијарда евра.

Накусо, новинар(к)ите во случајов не се придржуваа до етичките начела и професионалната обврска да ја известат јавноста дека тврдењата на премиерот не се фактички поткрепени и дека тој не е кредибилен извор на информации за државниот долг и задолжувањето.

Притоа, медиумите не ја пренесоа целосно изјавата на премиерот во делот „краделе ваши пари“, која содржи сериозно обвинување за криминал и корупција. Новинар(к)ите се должни да ги пренесуваат и ваквите изјави на премиерот, но и да ги проверуваат – што подразбира барање на дополнителни информации дали има соодветни кривични пријави, истраги и постапки за оштетување на буџетот, поконкретно, во врска со оние средства за кои се задолжувала државата.

Случај 2: Мицкоски манипулира во врска со инфлацијата

На 28.08.2024 беше објавен насловот „Mицкоски: Запрена е инфлацијата – се работи на стабилизација на институциите“. Но, во ТВ прилогот, во пренесената изјава на премиерот нема тврдење дека е запрена инфлацијата: „Јас би сакал да имаме дефлација наместо да имаме инфлација. Но, за жал, сè уште од она високо ниво, двоцифрени бројки, 15, 16, 18 проценти, во овие два месеца успеавме да го стабилизираме слободниот пад на државата и на институциите, и она кое што можам да го кажам, и оние информации што јас ги имам е дека моменталното ниво на инфлација е тука…“.

Иако во ТВ прилогот не се дава делот од изјавата на премиерот колкава е инфлацијата, други медиуми објавија делови од изјавата на Мицкоски од Македонска Каменица дека инфлацијата е отприлика 3 проценти: „Јас од тие информации кои што ги имам се дека нивото на инфлација последниве месец-два се смирува, и дека е на ниво од 3 проценти отприлика. Сепак, треба да биде уште пониско, јас би сакал да имаме дефлација наместо да имаме инфлација…“.

Во истата изјава Мицкоски тврди „она кое што го направивме во овие би рекол два месеци на оваа влада е сопирање на слободниот пад, стабилизирање на системот и институциите…“.

Но, дали владата на Мицкоски е одговорна за некаков „слободен пад“ на инфлацијата од 15, 16, 18 проценти, како што сугерира Мицкоски?

Табела од Статистички преглед на МФ за инфлација, според ДЗС

Како што може да се види и од погорната табела, падот на инфлацијата од највисокиот процент 19,8% (октомври 2022) до 3.2% се случил во јуни 2024. Првата владина седница како премиер Мицкоски ја одржа на 28.06.2024, така што евентуални статистички ефекти од работењето на Мицкоски како премиер, може да се проценуваат дури од јули 2024. Според последните податоци од ДЗС, за единствениот цел месец кога Мицкоски е премиер (јули 2024), како што беше јавно соопштено, Инфлацијата во јули на годишно ниво беше 3,0 отсто, но во однос на јуни годинава се зголеми за 0,7 отсто.

Накусо, изјавите на Мицкоски во кои сугерира дека неговата влада сопрела „слободен пад“ на инфлацијата од 15, 16, 18 проценти, на ниво на околу три проценти, се фактички непоткрепени.  Медиумите беа должни да извршат проверка на факти и да укажат дека премиерот е неверодостоен извор на информации со изјави за инфлацијата кои може да се оценат како манипулативни.

Случај 3: „Дестабилизација“ под наводници

Помина еден месец откако премиерот Мицкоски во интервју од 01.08.2024 ја обвини ДУИ дека „претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава“ и најави владини мерки „за да го заштитиме суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава“, кој наводно бил загрозен.

По неколкуте стотици медиумски написи, кои пренесуваа непотврдени информации и шпекулации за „дестабилизација“, јавноста сè уште нема проверени информации какви конкретни мерки презела владата за да го заштити „суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија како држава“.

Иако премиерот во повеќе наврати индицираше дека се подготвуваат сериозни кривични дела против државата, јавноста сè уште нема проверени и потврдени информации какви конкретни мерки преземаат МВР и обвинителството.

Во целиот месец август, премиерот Мицкоски беше постојан извор на информации на тема „дестабилизација на државата“, а голем дел од медиумите ги објавуваа таквите информации како проверени и потврдени, а не како претпоставки и шпекулации.

Во услови на институционален молк по предупредувањата за дестабилизација од страна на премиерот, новинар(к)ите, доколку ги почитуваат етичките стандарди, треба да ги третираат обвинувањата за дестабилизација аналогно како што ги третираа сериозните обвинувања за нудење поткуп на премиерот и вицепремиерот. Исто како што прашуваа дали има покренато кривична постапка во МВР и обвинителството по тврдењата за нудење поткуп од страна на премиерот и вицепремиерот, така треба да прашуваат дали има покренато кривични постапки во МВР и обвинителството по изнесените обвинувања дека се подготвуваат сериозни кривични дела против државата.

Ако нема пријави до надлежните институции, ако нема кривични постапки, ако не заседава Советот за безбедност затоа што претседателката гледа само индиции, а не и реални закани, тогаш и новинар(к)ите треба да известуваат за обвинувањата за дестабилизација како за непотврдени информации, односно, шпекулации и претпоставки. Сè додека премиерот изнесува јавно информации кои не можат да се потврдат, новинар(к)итеимаат должност да кажуваат и објавуваат дека станува збор за претпоставки, шпекулации или „закани под наводници“, односно „дестабилизација“ (под наводници).

Ако премиерот продолжи да дава изјави кои не можат да се проверат, или кои не ја поминуваат проверката на факти, тогаш должност на новинар(к)ите во тие случаи е да ја информираат јавноста дека станува збор за неверодостоен извор на информации.

Затоа што „јавноста има право да располага со што е можно повеќе податоци за кредибилитетот на изворите што се користени“ (Новинарски кодекс), а новинарскиот кредибилитет зависи и од кредибилитетот на изворите на информации.

*Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА

Преземено од ИМА.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен