Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Никола Спасов: Харис настапи со емпатија кон интересите на граѓаните на САД, за разлика ароганцијата и егоцентричноста на Трамп

Никола СПАСОВ*

Ја изгледав цела дебата Харис – Трамп и еве една моја анализа за исходот. Според мене Харис извлече повеќе ќар од дебатата од многу проста причина – остана фокусирана на својата порака во текот на целата дебата.

Таа очигледно ги реализираше целите поставени пред настапот. Се презентираше како лидер, а не сенка на Бајден, нешто што и беше камен околу вратот. Одлично ги одбрани повеќето напади за менувањето ставови и политики за кои беше напаѓана. Пораката „ги сменив политиките, но не и вредностите“, добро и функционира за сите променети ставови на теми кои и правеа штета.

Таа одлично ја презентираше својата емпатија наспроти ароганцијата на Трамп, грижата за луѓето наспроти егоцентричните пораки на Трамп. Изработе врвно лично брендирање во само еден настап, поставувајќи се како антипод на Трамп. Покрај ова, исцрта и јасен контраст во политиките. Беше концентрирана и многу прецизна во мислата.

Харис исклучително добро невербално комуницираше, особено во првиот дел од дебатата. Покажа сила и стаменост. Се вртеше секој пат кога директно му испраќаше порака и со прст покажуваш кон него, додека Трамп не ја ни погледнуваше. Остави впечаток дека одлично сценски се подготвила и со тоа го доминираше невербалниот дел. Изгледаше раздвижено дури и во крупниот кадар кој се користеше во текот на цела дебата. Трамп во вториот дел се разбуди и ја подигна енергијата и избалансира донекаде.

Најслабиот дел на Харис според мене беа темите поврзани со војните и улогата на САД. Русија, Афганистан, Газа. На сите теми Трамп беше поконкретен, прецизен и многу мотивиран. Неговата јасна порака: „ќе ги прекинам сите војни“, наспроти нејзината „тоа е затоа што им се воодушевуваш на диктаторите„ и „ние го гарантираме светскиот мир“ според мене е поефективна. Би рекол дека е една од најсилните пораки генерално во кампањата на Трамп.

Харис беше прилично збунета во овој дел и личеше повлечено. За мене најзачудувачки беше што не успеа да го преземе наративот за наводниот ендорсмент на Путин за неа, туку го остави два пати Трамп да поентира дека Путин ја преферира неа заради слабоста.

Харис исклучително добро го артикулираше ставот во однос на расизмот и поделбите и го извади Трамп на чисто на оваа тема. Колку и Трамп легалистички да се вади за своите изјави тие зрачат со поделби и тука е повеќе од јасно кој што застапува.

Што се однесува до Трамп, тој се трудеше да биде помалку конфузен од обично. Се обидуваше да избегнува преголеми лаги и апсурди кои обично ги слушаме на митинзите. И релативно добро му одеше, но сепак целата дебата ја обележа изјавата дека мигранти им ги јадат кучињата и мачките на луѓето во Охајо.

Ваквите преувеличувања, кои инаку беа ефективна стратегија за Трамп до неодамна, почнаа да ја губат силата и смислата. Тоа што успешно го користеше порано за да го привлече вниманието на јавноста сега веќе не функционира и го портретира како лажго и недоквакан. Ова ја хомогенизира интелектуалната јавност и демократите кои добиваат оружје за напад, а истовремено им отежнува на неговите поддржувачи да ги бранат ваквите негови ставови на интернет. Со тоа тој го губи наративот на социјалните мрежи кој што е клучен.

Трамп имаше исклучително лош одговор и став за 6 јануари и упадот на МАГА поддржувачите во Капитол. Ова беше можност да ретерира барем малку или ако ништо друго во тонот да покаже некакво каење. Но, наспроти тоа, тој се обиде да спинува со криминалните мигранти за кои рече дека не се процесирани додека невини патриоти кои ја бранеле демократијата биле процесирани.

Десничарската логика „никогаш не се откажувај од своите“ е разбирлива. Ја имаме и кај нас паралелата со 27 април. Но во моментов таа не му помага, иако силно ја мобилизира неговата база. Таа порака не поминува кај мнозинството американци кои веруваат во институциите на системот и безбедноста на гласањето. Дополнилтено, репликата на Харис беше одлична, би рекол за во книга за политички комуникации. А потоа следеше контра реплика на Трамп која само тој ја разбра. Со тоа се заокружи овој дел дебатата како чиста победа на Харис.

Трамп на неколку пати во дебатата беше корегиран од водителите за погрешни факти за економијата, абортусот, криминалот и секако кучињата кои биле јадени од мигранти. Ова не е ново, но е само уште една потврда дека во дебатата тој не успеа да смени нешто од претходно утврдената пракса за јавен настап.

Неговиот конфликт со водителите му донесе повеќе време во зборување. Дури во еден момент Камала како да ја немаше во дебатата заради препирките на Трамп со водителите што за него е секако плус. Тој во делови успеа ја маргинализира соговорничката додека на пиедесталот се брани од сите. Впечатокот дека сите биле против него на дебатата му носи секако поени, така што ќе видиме дали тоа ќе значи нешто во рејтинзите.

Исто, за мене нејасно, многу често прво имаше излагање Трамп, па реплика Камала, па контрареплика Трамп со што се завршуваше тој дел. Два пати говореше Трамп, а еднаш Камала и остануваше недоречена, особено во вториот дел од дебатата.

На Трамп најголем проблем секако му останува скокањето од тема на тема во рамки на еден одговор. На неколку пати кога имаше чист пенал за да поентира, тој го развлече одговорот и успеа сам себе да се заплетка.

Една од најголемите грешки е што кажува „недоговорени тези“ од пред дебатата. Едноставно си ги тестира на самата дебата. Таква беше тезата „Камала нема никава поддршка од Бајден, тој ја мрази зошто таа е тука“. Тотално непотребен коментар, ненасочен кон ниедна целна група и без ефект. Со оваа изјава целосно го поништи претходното кажаното во рамки на истата реплика, кое патем беше добро срочено на тема од надворешната политика.

Трамп лошо помина и за Obamacare и генерално за здравството каде кажа дека има концепти, но нема конкретен план како да ги подобри условите во здравството. Тука Харис одлично поентираше во двеминутно емотивно излагање за тоа како нивниот план ги штити луѓето преку емотивни лични примери. И генерално на политики секаде имаше подобри излагања Харис од Трамп, климатски промени, економија и сл.

Харис успеа да ги збие во една минута клучните програмски ветувања што мислам дека беше добро освежување и контраст на претежно вредносните и фалбаџиски пораки на Трамп.

Се собрано, сметам дека Харис ја доби дебатата. Треба сериозно да поработи на темата надворешна политика и војните каде мислам дека Трамп има клучна предност. Но нејзините пораки се поемотивни, почовечни и би рекол поефективни за кампањата.

*Никола Спасов е извршен директор на Агенцијата за истражување на јавното мислење Рејтинг

Најново