Соња ТАНЕСКА
Во Македонија годишно има 3.828 смртни случаи кои можат да се припишат на изложеноста на тековните концентрации на ПМ2.5 честички, што е 17.7 отсто од вкупната смртност во државата, а секој деветти смртен случај кај новороденчињата во Македонија е последица или е поврзан со загадениот воздух.
Ризиците од загадениот воздух се особено високи и предизвикуваат сериозни респираторни и срцеви проблеми. На почетокот на оваа година, а и во зимските месеци на 2023, на пример Скопје се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а неколку пати беше и прв во цела Европа со просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички кои ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.
Но загадување покрај во зимските месеци има и летно време. Не само во Скопје туку одредени денови тешко се дише и во Битола, Велес, Струмица, Тетово… Голем проблем е што дел од мерните станици не се исправни, но и покрај тоа и во летните месеци стрелките на онлајн прегледувачите светеа на црвено.
Според анализите, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата и возрасните, загадувањето на воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови.
Кој загадува?
-Тие информации кога ќе ги слушнеме се поразителни, направени се од светски институции и не можеме да избегенеме од нив. Мерки има и чекори да се преземат, ама чекорите треба да се преземат на ниво на држава, многу сериозно и подоцна тоа да се дистрибуира на локалната власт и секако кај граѓаните, вели Жарко Илиевски, дипломиран машински инженер и член на Центарот за климатски промени.
Невена Георгиевска пак од „О2 Иницијативата“ појаснува дека за жал недостасува стратегија во државата како да се реши проблемот со загадениот воздух.
-Пред изборите посочивме некои точки, пред усвојување на буџетот исто така дадовме некои поенти каде што треба да се зголеми буџетот за да има некое минимално намалување на загадувањето, за жал имавме фидбек самоод две парти, додека пак останатите политичари ги игнорираа нашите повици. Нема политичка волја да се направи нешто конкретно за да имаме резултати. Покрај сообраќајот, индустриските капацитети, греењето на дрва, дивите депонии кои исто така во летниот период загадуваат, има повеќе точки на кои треба паралелно да се влијае. Не може ние годишно да имаме на пример во Скопје пренамена на греење само на еден јавен објект. Со такви мали чекори ние буквално уште 50 години ќе се труеме, додава таа.
Домаќинствата и греењето на дрвата е една од најголемата причина за загадување на воздухот, а податоците покажуваат дека речиси две третини од населението во Македонија, односно 62 отсто, се грее или готви на дрва.
Овој процент е драстично поголем во руралните средини, каде дрва употребуваат и до 90 отсто од домаќинствата, за разлика од урбаните каде дрвото како енергенс се користи во половина од домаќинствата. Еден дел од македонските домаќинства комбинираат греење на струја и дрво, а централно греење имаат само 10 отсто од домаќинства, сите во Скопје.
Покрај греењето проблем е сообраќајот, индустриските капацитети и секако јавните институции.
За решавање на проблемот според Георгиевска и Илиевски се потребни многу финансии. Минатата година над 9 милиони денари извоило Министерството за животна средина за најразлични проекти, но потребна е поширока вклученост на институциите и локалната самоуправа. Потребни се субвенции за инвертери, подобра изолација на домовите, поквалитетни возила, достапен јавен еколошки превоз. Сепак дури и во главниот град Скопје се уште постојат општини кои нудат субвенции за огревно дрво.
Дали можеме да се откажеме од јагленот
Енергетскиот сектор има најголемо учество во емисиите на стакленички гасови во Македонија во однос на другите сектори, главно бидејќи е базиран на фосилни горива, пред се на јаглен, кои во вкупната потреба од енергија учествуваат со над 80 отсто.
Засега нема информации што ќе се случува со Стратегија за енергетика Македонија која ја донесе претходната влада во 2020 година, со која во следните две децении се планираше да се затворат сите термоелектрани на јаглен и да се направи транзиција кон обновливи извори на енергија.
Државата, според наведеното во Стратегијата, треба да носи политики во енергетскиот сектор кои до 2040 година ќе обезбедат намалување на емисиите на стакленички гасови (CO2) од најмалку осум проценти во однос на 2005 година, до над 60 проценти, доколку биде остварено најдоброто „Зелено сценарио“, како што стои во документот.
За намалување на емисиите на стакленички гасови во следните децении, земјите во светот се обврзаа со потпишувањето на Парискиот договр од 2015 година, поставувајќи ги климатските цели за спречување на порастот на глобалната температура на поевеќе од 2 степени до 2030 година.
Според тоа, Европската унија планира до 2050 година да ги намали стаклечниките гасови за 80 отсто во однос на нивото во 1990 година, 50 отсто од енергијата да ја добива од обновливи извори и за 41 процент да ја подобри енергетската ефикасност. Унијата ќе воведе и такси за загадувачите, што значи наплаќање за емисиите на CO2. Планот беше до 2030 да се затворат сите термолектрани.
-Кај нас можеби ќе дојде и порано, затоа што тие наоѓалишта на јаглен кои ги поседува Македонија се проценети на некаде уште 10 до 15 години. Идејата е самите тие електрани или да се исклучат или да се пренаменат на некое почисто во навдници фосилно гориво како што е природниот гас. или во најдобар случај да се преориентираме кон обновливите извори на енергија, вели Илиевски.
Според Геотгиевска наместо да гледаме стратегија во однос на тоа да имаме енергија од Сонце од ветер ние енергијата енергијата ја гледаме од јагленот.
-Мислам дека е срамно во 2024 година да го кажуваме ова дека ќе се откажеме дури до 2050 година, вели таа.
Што да направат граѓаните?
Според Илиевски изминатите години имало многу кампањи за едукација на граѓаните, но дека покрај тоа треба да се размислии за поголеми казни, но и за определен основ или зголемување на цените на одложувањето на отпадот или пак користењето на стари автомобили.
-Ние преку еден проект се фокусиравме на работата со млади луѓе да можат своите размислувања и своите иницијативи да ги поднесуваат до локалните власти. Причината беше не само да се занимаваат младите со активизам туку и да дадат свој придонес преку активно учество во донесувањето на одлуките, додава тој.
Георгиевска исто така вели дека подигнувањето на свеста и нашиот однос кон природата се круцијални за намалувањето на загадувањето. Сепак треба да се стави фокус и на градењето без план, бидејќи се затворени градските средини со згради и без проток на воздух, а се уништува и зеленилото. Еден пак од сериозните проблеми се постоењето на дивите депонии и неодговорноста на граѓаните кои подоцна ги запалуваат без да размислат за последиците.
-Секоја трета или четврта кола не знам како поминува технички преглед, едноставно се како ќумбиња на дрва не автомобили што би требало да имаат некој филтер еуро 4, 5 или 6. Буквално се гради, се узурпираат зелените површини, исчезнуваат, а знаеме колку важи едно дрво. Околината најдобро си ја знаат локалните жители, тие треба активно да се вклучат, процесите да бидат што потранспарентни за да можат да ги менуваме работите од корен, вели таа.
Со измените на Законот за урбанистичко планирање кои неодамна беа изгласани, а ги предложи Министерството за транспорт и врски според Георгиевска ќе биде полесно да се гради без урбанистички план, само со проект, кој каде што ќе му текне, без да се прашаат граѓаните кои живеат таму дали се согласуваат со локацијата, висината на градбата или не, без јавна анкета и без советот на општина да има право да одлучи со гласање.