ЕСМ објави оглас за долгорочна набавка на електрична енергија за период од две недели, во кои на два пати авансно ќе се купува струја од добавувачи во период кога на регионалната HUPX берза има големи ценовни отстапувања, објави Фактор.
Огласот се однесува за периодот од 18 до 30 септември. За само 13 дена се бараат 35.000 мегаватчасови електрична енергија, што досега е незапаметено да се купува толкаво количество во рок помал од две недели во летните месеци. Наскоро се очекува да бидат објавени и имињата на снабдувачите кои ќе бидат избрани.
Ако се проверат актуелните цени на HUPX берзата „ден однапред“, таму овие денови просечно мегаватчас се продава по околу 120 евра. Ако останат овие цени, тоа значи дека ЕСМ Продажба за набавката ќе плати калкулантски 4,2 милиони евра, што барем оваа година тоа не се случило ни одблиску.
ЕСМ Продажба досега купуваше струја во зимскиот период, кога цените беа многу поевтини и се движеа од помалку од 50 евра до околу 75 евра по мегаватчас. Фирмата-ќерка на ЕСМ купуваше струја и во летниот период, кога цените достигнаа и до 150 евра, но за разлика од актуелниот оглас, бараните количини беа многу помали.
Цената што ќе биде прифатена ќе важи за целиот период од 13 дена, или пак снабдувачот ќе може да ја наплати по тековната цена на HUPX берзата ден-однапред плус трговската маржа.
Цените на струјата во регионот веќе неколку месеци се значително повисоки отколку во Западна Европа. Романија најави дека заедно со Бугарија и Грција ќе побараат од Советот на ЕУ исплата на компензација поради „многу повисоките цени“ на електричната енергијата во регионот на Југоисточна Европа во споредба со оние во земјите од Западна Европа.
Европската унија значително го зголеми извозот на струја во Украина по руските напади врз енергетскиот систем на земјата, но оваа мерка, според грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, доведе до зголемување на цената на струјата во Југоисточна Европа.
Во писмото до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, цитирано од Фајненшл тајмс (ФТ), Мицотакис вели дека цената на електричната енергија достигна 130 евра за мегават-час (MWh) минатиот месец, во однос на 60 евра за мегават-час.
Мицотакис изјави дека има значително нарушување на енергетскиот пазар на Југоисточна Европа.
Поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, претходно предупреди дека високите цени на енергијата негативно влијаат на конкурентноста на европските компании, пренесува Танјуг.
Минатата недела и македонските Регулаторната комисија за енергетика и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопштија дека ја информирале Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) дека во дел од земјите на Југоисточна Европа се регистрираат „нетипично високи цени на пазарот на електрична енергија“.
Во официјално писмо упатено до директорот на ЕЕЗ, Артур Лорковски двете македонски институции бараат да се мобилизира екипа која ќе направи детална анализа и ќе ги скенира причините поради кои постои голема нерамнотежа на цената на струја од земја до земја.
„ Почнувајќи од крајот на јуни 2024 година, а особено во јули и август, цените на електричната енергија во регионот на Југоисточна Европа се значително повисоки од цените во останатиот дел од Европа. Просечните цени на пазарите ден однапред во јули 2024 година се движат од околу 159 евра за мегават час во Албанија, додека во Франција се околу 46 евра за мегават час. Најзабележливи ценовни отстапувања во овој период се регистрирани во Албанија и Романија, како и во други земји од регионот“, се вели во дописот испратен до ЕЕЗ.