Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Премиерот оди во Брисел за да презентира фрустрација, а може да се врати со уште поголема „болка“

 Суштинската причина за посетата на Брисел е повикот на еврокомесарот за проширување Вархеји земјите кандидати за членство да реферираат до каде се со реформите и обврските преземени во процесот за евроинтеграција. Од тоа ќе биде јасно за кои од нив ќе биде организирана  Меѓувладина конференција која се свикува после секоја фаза од преговорите кога тоа што е „штиклирано“ како усогласено со преговарачките рамки за секоја земја, влегува во Договорот за пристапување како завршена работа и се договараат обверските што треба да бидат исполнети во наредната фаза.  

Кога Вархеји ја соопшти оваа своја намера на 9 септември рече дека „во октомври се очкеува да се одржат меѓувладини конференции со Србија и Албанија и – можеби со Северна Македонија“.

Со оваа своја изјава Вархеји го навести она што одамна беше најавувано дека заради блокадата на постапката за уставни измени како услов за втората Меѓувладина конференција на нашата земја со ЕУ, Албанија ќе ги продолжи преговорите за членство надвор од пакетот сo Северна Македонија, како што досега беше вообичаено.

Премиерот Мицкоски, пак, вчера рече дека доколку на средбите во Брисел стане збор за евроинтеграцискиот процес, тој ќе ги брани и да ги одбрани македонските национални интереси, како и во минатото, кога беше во опозиција, така и сега како претседател на Владата.

– Дури сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме да ги претставиме аргументите, сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани, да ја пренесеме таму, бидејќи таа е голема, огромна би рекол, по повеќе од две и пол децении откако го почнавме овој наш пат кон Европската Унија и повеќе од деценија и пол откако официјално го добивме првиот позитивен Извештај од страна на Европската комисија за почнување на овие преговори. Ние не сме во можност да ги почнеме преговорите, не заради тоа што не ги почитуваме Копенхашките критериуми, туку затоа што има вештачки наметнати пречки, коишто ниту еден народ, ниту една држава ги немала, изјави Мицкоски.

На новинарско прашање дали на разговорите во Брисел може да стане збор и за идејата за уставни измени со одложено дејство, Мицкоски одговори дека не би сакал да коментира, но оти позициите на Владата по ова прашање се јасни.

Се разбира дека во Брисел ќе се разговара и за евроинтегративниот процес, но за познавачите на овие процеси и членовите на нашата Влада ќе се соочат со она што комесарот Вархеји очигледно го кажува подолго време зборуваат, за што се зборува и во главните градови од државите-членки, а тоа е дека ако во Северна Македонија не покаже напредок, тогаш парот кој до сега постоеше треба да се раздели за Албанија да не биде жртва на таквото заостанување.

„Без уставни измени, условите нема да бидат исполнети. Оттаму, нема можност за свикување на конференцијата, но и за напредување на Северна Македонија во процесот. Ако се има предвид дека другите држави, во овој случај Албанија, се подготвени и можат да продолжат, Комисијата очигледно смета дека нема потреба од натамошно чекање на добра волја кај новата власт во Скопје“, вели Андреја Стојковски од Институтот Преспа.

На таа линија е Симонида  Кацарска која вели дека „многу веројатно е дека Албанија ќе ја одржи втората меѓувладина конференција на есен и со тоа формално ќе се раздвоиме во процесот на пристапување“.

Според овие укажувања, владината делегација на чело со премиерот оди во Брисел за да презентира фрустрација, а може да се врати со уште поголема „болка“.

Најново