Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Зошто странците не остануваат повеќе од два дена во Северна Македонија?

Соња ТАНЕСКА

Северна Македонија има огромен туристички потенцијал. Тој впечаток го делат сите туристички работници но сепак туристичките капацитети на земјата не се доволно искористени.

Два дена е просечниот престој на странските туристи во Македонија. И покрај растот на бројот на туристи кои ја посетуваат земјава, нивниот престој и понатаму е краток покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Бројките говорат дека бројот на туристи кои доаѓаат од странство е скоро дуплиран, па така бројките кои ги објави статистика во нивната анализа во март „Животна средина“ покажуваат дека од 399.680 странски гости во 2013 година, во текот на 2022 година земјава ја посетиле 537.436 гости. Според податоците на Агенцијата за туризам, лани посетите биле уште поголеми.

Според податоците на Државниот завод за статистика, бројот на туристите во јули 2024 година изнесува 204 336, од кои 41.8 % се домашни туристи, а 58.2 % се странски туристи.

Бројот на ноќевањата во јули 2024 година изнесува 756 831, од кои 70.6 % се од домашните туристи, а 29.4 % од странските туристи.

Во периодот јануари – јули 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 8.7 % вкупно, при што кај домашните туристи има намалување за 0.5 %, а кај странските има зголемување за 13.7 %.

Во периодот јануари – јули 2024 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 6.1 %, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 2.7 %, а кај странските има зголемување за 9.7 %.

Сепак, просечниот број на денови кои странците го одвојуваат за посета на нашата земја е само два дена.

Состојбите не се подобри ниту кај домашните гости. И овде има раст на бројот на посетители, односно на туристи, но не расте бројот на денови кои граѓаните ги одвојуваат за посета на некои од нашите туристички дестинации.

Податоците покажуваат дека во 2013 година бројот на домашни туристи изнесувал 302.114, додека веќе во 2022 година тој број се зголемил на 431.841 лице. Но, анализата на ДЗС покажува дека од некогашните четири до пет дена престој, нашите сограѓани ги намалиле деновите кои ги одвојуваат за посета на некоја дестинација во земајва и сега во просек поминуваат малку помалку од четири дена низ некоја од нашите дестинации.

Туристичките работници велат дека преичина за ова е недостатокот на сместувачки капацитети, авионски линии на македонските аеродроми кои се значително помалку споредено со соседните земји, но и автобуски линии. Железнички сообраќај скоро и не постои, а на атрактивните туристички локации нема доволно инфраструктира да примат повеќе туристи, а често се запуштени во однос на хигиена и одржување, каде нема ниту јавни тоалети. Исто така туристите се жалат на загаден воздух, најмногу за Скопје како и на многу бездомни кучиња по улиците.

Не се промовираат нови дестинации

Добра вест во нашата ситуација е што сепак, и покрај ковид кризата, која беше силен удар за туристичкиот сектор, тој полека но сигурно расте.

Согласно последните податоци кои ги објави Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, туристичката индустрија изминатата година ја заокружи со раст во поглед на бројот на странски туристи, ноќевања и девизен прилив. Македонскиот туристички сектор до крајот на 2023та година ја постигна целта од 3,2 милиони ноќевања и повеќе од 550 милиони долари туристички промет.

Државата во моментов промовира различни видови на туризам, од селски до вински, но нови дестинации не се промовираат, а фоксуот е на странски оператори кои носат организирани групи туристи од нивните држави, но се запоставува една голема група на индивидуални гости, кои посетата на државата сакаат да си ја организираат сами, во вид на краток престој или пропатување низ државата, притоа не користејќи организирани групни и однапред договорени аранжмани.

Споредено со потенцијалот на соседните држави каде бројот на авионските линии е поголем на македонските аеродроми последниве месеци се редуцира. Во моментов од Тирана со „WizzAir“ и „RyanAir“ може да се лета на 85 дестинации, од Софија на 74, а од Скопје на само 38.

Со кратењето на летовите оваа година ќе се скратат 135.000 седишта на скопскиот и на
охридскиот аеродром.

Приходите од туризмот може да бидат преку милијарда евра

Во 2023 година државата имала приход од 598,54 милиони долари од туристички промет, што е зголемување од 25 проценти во однос на периодот од претходната година, според Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

Но, ако државата добро ја менаџира дестинацијата, има потенцијал да добива приход од над една милијарда годишно.

Во 2028 година Скопје ќе биде град домаќин на европската култура, кога може да очекува два до три милиони гости, што прашање е каде ќе ги сместиме. Потребно е да работиме на капацитетите за да од тие гости направиме приход од околу 700 до 800 милиони евра .

Турските туристи се најбројни

Во моментов, најголемиот број туристи сепак доаѓаат од соседството – Турција, Србија, Албанија, Бугарија и Косово, според податоците на Државниот завод за статистика.

Најбројни се турските туристи, тие се генерално на пропатување помеѓу еден ипол и два дена,
дури и нивниот престој се намалува, потоа се српските туристи, потоа ни се регионалните туристи, домашните туристи и покрај тоа што се помалју, сепак имаат повеќе број на ноќевања за разлика од странските скапи туристи кои и во најголем дел се субвенционирани, вели Љупчо Јаневски, универзитетски професор и поранешен директор на Агенцијата за развој на туризмот.

Тој додава дека пополека го губиме еден од двата примарни пазари како што е холандскиот и полскиот пазар, а голем придонес има и намалувањето на бројот на летовите како и промената во начинот на субвенционирање на летовите кој го најави новата влада, а тоа е не според авиокомпанија, туку според дестинација.

– Ако споредиме една дестинација на која што патуваме еден и пол час или ако патуваме десетина часови со автобус, тогаш секако нема да ја одбереме за да уживаме во нешто. Тоа многу значи за Охрид како туристички град, но и за Скопје. Во денешно време сите одбираат дестинација каде се стигнува побрзо, вели тој.

Според Јаневски не смееме да дозволиме Македонија да биде екскурзиска дестинација.

Нас ни се потребни развивања на туристички форми којшто ќе овозможат подолг престој на
туристите. Три пет и седум дена. Според мене, нови туристички производи, атрактивност на дестинацијата, недостаток на тотална промоција во последните девет месеци и стратешки пристап којшто во наредните три до пет години ќе помогне, нови инвестиции во туристичката индустрија и секако нови дестинации кои треба да се отворат со нови авиолинии. Голем број на дестинации или држави се брендирале како туристички. Одморите коишто беа традиционални пред короната веќе се завршени. Новата туристичка реалност бара нешто повеќе, зеленило, бара мали сместувања, во капацитети во рурални средини, повеќе социјализација со локалното население. Нас ни недостасува една стратегија за туризам, особено за развој на руралниот туризам, додава Јаневски.

На што треба да се фокусираме

-Верувам во тоа туризмот во наредните 5 години доколу стратешки се развива може да донесе една милијарда долари девизен прилив. Туристичката дипломатија, па и културната дипломатија се моќни тоа се алатки кои треба да ги користиме. Министерството за култура и туризам кое постои веќе неколку месеци треба да создаде реструктурирање на туристичката индустрија, а исто така треба да создадеме туристички инспектори и туристичка полиција, вели Јаневски.

На прашањето како неговиот впечаток како професор во однос на младите, дали тие би можеле да придонесат кон развојот на туризмот, а и воопшто економијата во државата тој вели дека државата треба да обезбеди подобри услови за да останат или пак оние кои заминале да се вратат.

Ние не сме свесни колку младите генерации сакаат да останат овде. Треба континуирано да
работиме да ги подобруваме условите во нашата држава за тие кога ќе се вратат да продолжат да го сеат своето знаење и да продолжат со нивната работа. Време е да дојдат професионалците на своите места, а не кариеристи
, вели тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен