Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Можат ли да преживеат функционерите без повисоки плати?

Соња ТАНЕСКА

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ додека беше во опозиција остро се спротистави на зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто, а во изминатиот период на прашањата дали ќе ги намалат платите одговараат дека целта на Владата е дека треба да има подобар животен стандард за сите граѓани, да нема толкави разлики во платите какви што ги има сега.

Моментно министрите земаат основни плати во износ од 115.540 денари, што е речиси колку три просечни плати (41.252 денари), и колку пет минимални (22.567 денари)!

Оваа разлика предизвикува огромен револт кај граѓаните, особено што минималната потрошувачка кошничка за четиричлено семејство изнесува над 61.000 денари, а зголемување на минималната, но и на останатите плати е планирано дури во март.

Иако инфлацијата е стабилизирана, во месец август пораснале за 629 денари, а од почетокот на годината досега пак, зголемена е за 4.063 денари.

Дека барањата на граѓаните за зголемување на платите и пензиите се оправдани, децидни се и од ССМ. Оттаму посочуваат дека трошоците за живот вртоглаво растат, без зголемување на платите, а тоа ги прави работниците и пензионерите посиромашни.

-Податоците од Синдикалната минимална кошница треба да ги разбијат дилемите на сите оние кои мислат дека работничките плати се највиновни за растот на инфлацијата односно растот на трошоците за живот. Само со зголемување на платите може да се зачува животниот стандард наработниците и токму затоа барањата на работниците за зголемување на платите се оправдани- велат од ССМ.

Како загрижувачки, ССМ го посочува податокот што трошоците за храна и пијалаци за од август до септември се зголемиле за 717 денари, што укажува на тоа дека, како што велат, трговците ги искористиле најавите за воведување на ограничени маржи на основните прехранбени производи за си осигураат зголемени цени на производите во наредниот период.

За задоволување на основните потреби во домаќинството, на едно четиричлено семејство во септември му биле потребни 61.306 денари, што е зголемување за 107 денари споредено со август кога истите трошоци изнесувале 61.199 денари.

Министрите не сакаат да работат за пониски плати

Неодамна, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека не гледа решение во намалувањето на функционерските плати, бидејќи министрите работат многу напорно и додаде дека ако ги намалат, таа ќе замине од функцијата, затоа што приватно повеќе заработува, а функцијата е стресна.

До зголемувањето на функционерските плати дојде откако Уставниот суд лани на 21 март ја укина фиксната основица која изнесуваше 26.700 денари, која беше утврдена во Законот за плати на избраните и именуваните лица, со образложение дека е неуставно да постојат две основици, по што како основа за пресметка остана само годишната просечна плата.

Според новата пресметка таа ќе расте од година во година, па со неа ќе растат и функционерските плати.

Со растечката инфлација потрошувачката кошничка за три години се зголемила за над 70 проценти, па ако двајца вработени во четиричлено семејство примаат просечни плати од 40.000 денари, треба да потрошат над 74 проценти од парите да го покријат минимумот трошоци пресметани од ССМ.

Но, за околу 80 илјади работници кои примаат минимална плата од 20.175 денари е уште потешко, бидејќио еден вработен со просечна плата и другиот со минимална плата едвај можат да го поминат месецот.

Се намали коефициентот но платите на функционерите останаа високи

Платите на функционерите од јануари 2025 година повторно ќе се зголемат согласно растот на годишната просечната плата, која е основица за пресметување и тоа од околу 330 евра за највисоките функционерски плати за премиерот, претседателот и спикерот, до околу 130 евра за најниските.

Тоа што во февруари годинава со измена на шест закони беа намалени коефициентите на сложеност со кои се множи основицата при пресметката на платите помогна само да не им пораснат примањата во оваа 2024 година, за да не им растат и во 2025 година Владата би требало на Собранието да му предложи повторно да ги намали коефициентите за пресметка или да го исполни ветувањето за носење на нов системски закон за платите во јавниот сектор, но засега е неизвесно што ќе се случи.

За изработка на новиот системски закон засега не станува збор, а извршната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ не најавува дека ќе го сопре зголемувањето, иако беше гласно против растот на функционерските плати додека беше во опозиција, а премиерот Христијан Мицкоски дури бараше сите министри да работат без надомест!

Платата на Мицкоски е 140.450 денари

Платата на функционерите се пресметува така што просечната плата од претходната година се множи со коефициент на сложеност, на што се додаваат другите додатоци како минат труд, бонуси, разни надоместоци и сл. Пред февруарските измени на коефициентите тие беа во распон од 2,2 до 4,5, а по измените се намалија од 1,91 до 3,92. Со ова намалување коефициентите беа „нивелирани“ на начин да останат актуелните плати по ланското драстично зголемување од 78 отсто и ниту една плата да не се намали, но и да нема значителни зголемувања. Ако не ги намалеа коефициентите, платите ќе им пораснеа за нови 200 до 400 евра!

Просечната плата за 2023 година изнесува 36.614 денари, а за 2024 година најверојатно ќе изнесува околу 41.000 денари.

Ако годишната просечна плата е 41.000 денари, основната плата на функционерите со највисок коефициент, а тоа се премиерот, шефот на државата и претседателот на Собранието, ќе изнесува 160.720 денари без додатоците. Премиерот Христијан Мицкоски, според податоците што ги објави Владата зема основна плата од 140.450 денари (2.280 евра), па произлегува дека од јануари следната година платата ќе му се зголеми за околу 20.000 денари (330. евра) и ќе изнесува 160.720 денари (2.610 евра).

Пратениците, за кои по законските измени коефициентот од 3,5 се намали на 3,04, ова година земаат основна плата од 111.300 денари, а од јануари ќе земаат по 124.600 денари, односно за 13.340 денари (210 евра) повеќе, без надоместоците.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која по ново има коефициент од 3,22, сега зема основна плата од 117.900 денари, а од следната година 132.000 денари, што е покачување од 14.000 денари. Истиот коефициент како на скопската градоначалничка му следува и на Државниот јавен обвинител, кој зема и дополнителни надоместоци согласно Законот за платите на обвинителите. Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, за која коефициентот беше намален од 4 на 3,7, оваа година зема основна плата од 135.400 денари, а следната година ќе зема 151.700 денари, што е за 16.300 денари повеќе.

Функционер со коефициент 3 ќе зема плата зголемена за 13.150 денари, а со коефициент 2 зголемена за 8.700 денари. Функционерите чија плата се пресметува според најнискиот коефициент од 1,91 сега земаат основна плата од 69.900 денари, а од догодина 78.300 денари, што е зголемување за 8.400 денари.

Можат ли функционерите да преживеат без повисоки плати

Околу покачувањето на платите и премиерот Христијан Мицкоски, а и министрите во Владата се уште молчат околу тоа дали ќе се земат в предвид досега изработените решенија на претходната влада, која на ЕНЕР во 2022 година постави предлог на закон за плати во јавниот сектор, според кој основица за пресметување ќе биде минималнатга плата, нивото на работното место ќе се пресметува со бодови кои ќе имаат единствена вредност во целиот јавен сектор, а Собранието ќе утврди коефициенти за сите.

„Евидентно е дека не постојат јасни правила и воедначена методологија за пресметка на платите во законодавната власт, извршната власт, судската власт, локалната самоуправа, избраните, именуваните и назначените лица и трговските друштва во целосна државна сопственост“, се вели на ЕНЕР, каде предлогот е поставен од поранешното Министерство за информатичко општестсво и администрација.

На оваа неусогласеност досега укажуваа повеќе функционери, меѓу кои и поранешниот премиер Димитар Ковачевски и актуелниот Христијан Мицкоски, кои истакнуваа дека во некои државни агенции одредени службеници или членови на управни одбори земаат плата повисока од министрите или премиерот, што, според нив, е недопустливо и треба да се корегира со нов единствен закон за сите плати во јавниот сектор.

Ги повикувам банките да бидат солидарни со бизнисот и македонската економија и каматната стапка со којашто е земен овој кредит, да ја имаат и тие, да не ја зголемуваат и калкулираат со трошоци, бидејќи и онака премногу трошоци се калкулираат, рече Мицкоски
Состојбата се стабилизира, економијата заживува – вели премиерот Христијан Мицкоски посочувајќи дека првите индикатори со промената на власта се изненадувачки позитивни во делот на растот на индустриското производство, преработувачката индустрија, растот на БДП, намалувањето на инфлацијата. Според него очекувањата се тоа да продолжи така, потенцирајќи дека во Собранието помина Законот за заем од 500 милиони евра.

„Веќе очекувам втора половина на октомври или првата половина на ноември да биде ставен во функција на македонската економија. Имаше таму антиекономски експерти, поранешни функцинери на СДСМ, кои велеа дека тоа било од унгарски фирми, еве набргу ќе дојде тој демант. И македонските компании да можат овој заем од 250 милиони евра да го користат“,

рече Мицкоски.

Изјава на премиерот Христијан Мицкоски (21.09.2024)
Тој посочи дека се прават анализи во Министерството за финансии за условите на банките.

„Ги повикувам банките да бидат солидарни со бизнисот и македонската економија и каматната стапка со којашто е земен овој кредит, да ја имаат и тие, да не ја зголемуваат и калкулираат со трошоци, бидејќи и онака премногу трошоци се калкулираат. Доколку тоа не биде така, тогаш ќе одиме со Македонската развојна банка и со механизмите што ги имаме, ќе го започнеме овој проект, затоа што не сакаме македонската економија да биде дополнително оптоварена“,

додаде Мицкоски.
Во однос на платите, премиерот рече дека очекува тие да растат. Според него, Државниот завод за статистика со податоците за јули годинава ги побил тезите на поранешната влада на СДСМ и ДУИ дека со нив платите растеле, а со ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да растат.

„Денеска платата повторно расте со иста динамика, па и забрзано, но инфлацијата е најниска во регионот во месец август, споредено со август минатата година, и таа е на ниво на 2,2 проценти, а од почетокот на годината заклучно до август е помала од 3,5 проценти. Тоа е разликата што платите растат со истата динамика, дури и забрзано, но нивото на инфлација е ниско“,

рече Мицкоски.

Зачлени се на нашиот е-билтен